Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Плитвичките езера – меѓу најубавите во светот

Плитвичките езера – меѓу најубавите во светот

12.04.2013

Плитвичките езера се национален парк кој се наоѓа во Хрватска. Овие езера се наоѓаат во источна Лика, помеѓу планините Мала Капела и Плешивица, во непосредна близина на патот кој ги поврзува Загреб и Далмација. Плитвичките езера се објавени за национален парк на 8 април 1949 година, а од 1979 биле вклучени во списокот на УНЕСКО и на светското наследство. Се до 1958 година овие езера биле многу малку посетувани бидејќи регионот кај што се наоѓаат бил недостапен, односно до нив се доаѓало само преку гората. Поради тоа, Јосип Мовчан кој бил раководител на тогашната управа на паркот овој проблем го решил така што изградил мостови од дрво и на тој начин не само што полесно се стигнувало до езерата, туку се зголемиле и самите приходи од туристите кои доаѓале да го посетат ова неверојатно место. Меѓу народот овој крај се нарекува и Ѓаволска градина. Легендата вели дека на ова подрачје некогаш во минатото имало страшна суша, а очајните луѓе се молеле за помош. Нивните молби ги слушнала Црната кралица и испратила дожд кој врнел со денови и така се создале езерата. Има околу 16 прекрасни Плитвички Езера, што ги полнат многуте рекички и поточиња кои се влеваат во нив, а звукот на водените слапови и на жуборењето на водата, дејствува многу релаксирачки.На овој простор живеат многу видови животни, кои понекогаш посетителите можат да ги видат и одблиску, како што се мечката, срната, лисицата, волкот… Водниот свет исто така е богат со заштитени животни. Воодушевуваат и богатите природни букови шуми, но и високите ели, борови, смреки и други дрвја, кои со својот изглед му даваат посебна убавина на овој крај. Најатрактивни места се Горните и Долните Езера, до кои може да се дојде од два влеза, каде што има и панорамска мапа и информативни билборди. Горните езера сочинуваат 12 езера кои се претежно составени од доломити (руда), а тие се: Прошќанско езеро, Цигиновац, Округљак, Батиновац, Големо езеро, Мало езеро, Вир, Галовац, Милино езеро, Градинско, Голем Бургет и езерото Козјак.Прошќанското езеро енајвисоко, се наоѓа на 636 метри надморска височина. Највисоката точка на целиот национален парк е Селишкиот врв, со 1.279 метри, а најниската точка е кањонот на реката Корана на 367 метри.Козјак е најголемото и најдлабокото езеро. Тоа е центарот на сите туристички активности, каде што можете да се одморите, да пробате некој специјалитет и да си купите сувенир. Оттука тргнува и брод кој вози до Градинското Езеро, од каде што се нижат сите величествени водопади. Долните езера пак сочинуваат 4 езера претежно составени од варовнички карпи: Милановац, Гавановац, Калуѓеровац езеро и Новаковиќ Брод. Должината на сите езера изнесува околу 8 км, а највисокиот водопад изнесува 20 м. Плитвичките езера нудат голем број на хотели и ресторани кои се наоѓаат во склоп на националниот парк како и во негова близина, но исто така има и планинарски тури за тие со поавантуристички дух со цел поубаво да се истражат убавините на овие неверојатни езера. Во околните хотели може да се најде сместување за сечиј џеб, а во рестораните храна за сечиј вкус.

Извори: www.wikipedia.org, www.np-plitvicka-jezera.hr

Подготвила: Милена Милошевиќ, студент на Институтот за географија-насока туризам

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*