Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог, Чудесна Македонија » Градот Крушево – одлична туристичка дестинација

Градот Крушево – одлична туристичка дестинација

13.04.2013 

Крушево, градот на некогашната Крушевска Република се наоѓа во западниот дел на Република Македонија. Сообраќајно најдобро е поврзан со Прилеп (33 км), а од главниот град Скопје е оддалечен 170 км или околу 3 часа возење. Втората сообраќајна врска е на запад кон Кичево и кон Демир Хисар и Битола. За името на градот Крушево се верува дека е добиено по познатата колиба која селаните од разурнатите села Старо Дол, Тресеник, Селце и Бирино, ја изградиле покрај голема дива круша. Крушево е единствен град во Македонија кој лежи целосно над 1000 м надморска височина, а неговите највисоки делови достигнуваат речиси до 1300 метри. Што нуди градот Крушево како туристичка атракција? Многу од луѓето не се запознаени со тоа дека градот поради неговите поволни климатски, географски и историско – културни специфики, нуди можности за активности во текот на целата година. Во последните неколку години како позначајни активности и настани кои се случуваат во градот се: Светскиот куп во параглајдерство, сеќавањето и пулсирањето во духот на Илинденското Востание – Крушево етно град и Етно саемот. Овие активности, особено тие со историско значење, нудат изворедна можност за запознавање со душата на овој град. Над градот се наоѓа познатиот споменик Македониум. Секој ќе биде воодушевен со револуционерните чекори на Крушево кое повторно се подготвува овојпат за туристичко востание. При тоа, локалното население е испреплетено со извонредните машки комитски носии, облеката на чорбаџиите и турските аскери, оружјето, вежбите, тајните собири и состаноци, женските носии, песните и ората, традиционалните сувенири. Тука е и одличниот вкус на традицијата кој може да се доживее во локалните ресторани, како вкусните чомпек, кукурек, комитскиот кебап и плескавица, крушевско грне, крушевска пита со кисело млеко и питулици, крушевски локум и целувки. Без разлика на националност, пол, возраст, локалното население ја искажува својата желба за зачувување на културата и традицијата преку една прекрасна манифестација „10 дена Крушевска Република“ која трае од 1 до 10 август. Освен историските и спортските настани, во текот на летниот период Крушево нуди услови за секаков вид планинарење, излети во природа, риболов во Крушевското Езеро кое има богат рибен фонд. Околу самиот град се протега појас од букова и борова шума кои се богати со дивеч: срна, дива свиња, мечка, зајаци, волци, а од птиците се застапени: сокол, орел, еребица и имаат поволни услови за занимавање со спортски лов во текот на целата година. Како позначајни споменици и градби се извојуваат: Македонумот (Илинден), споменикот Мечкин Камен, споменикот Слива, Музејот на НОБ, Галеријата на Никола Мартиноски, спомен куќата на Тоше Проевски, специфичната градба на староградските Крушевски куќи, чаршијата, а тука се и црквите: црквата Св. Јован или уште позната како Влашка црква, црката Св. Богородица, црквата Св. Троица,  манастирот Св. Преображение познат како манастирот на Тоше Проески, кој е лоциран на 8 км северозападно од градот на височина од 1664 метри.
Во однос на сместувачките капацитети градот Крушево има извонредни објекти за сместување: почнувајќи од хотели (најголем е хотелот Монтана), мотели кои се изворедно уредени за потребите на туристите, како и различни приватни сметувања: вили,  апартмани, одмаралишта и огромното гостопримство на сопствениците  на овие капацитети кои ќе се потрудат да ви ја пресликаат и прераскажат целата историја на градот.

Посетете го  овој прекрасен град, кој секогаш е подготвен за вас !

Изработила: Јулијана Стефановска – студент на насоката туризам на Институтот за географија во Скопје.

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, Чудесна Македонија

Leave a Reply

*