Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Неколку карактеристики на Иран и неговото богатство на нафта

Неколку карактеристики на Иран и неговото богатство на нафта

 Кога станува збор за нафтата значајно е да се напомене дека таа во денешно време претставува еден од најважните енергенси во светски рамки. Истата е застапена на повеќе подрачја во светот, меѓутоа овде ќе стане збор конкретно за државата Иран, односно Исламската Република Иран.

Притоа, важно е да се има предвид дека Иран претставува, условно кажано, затворена земја и поради тој факт доаѓањето до најпрецизни и најточни податоци за техничките операции и зафати на самиот терен е отежнато.

Иран припаѓа на Југозападна Азија, но често го вбројуваат во Среден или Блиски Исток. Овие политичко-земјописни поими настанале во овој век и означуваат азијски земји кои се стопански и политички свртени кон Европа или Северна Африка. Овде важно е да се потенцира и повлече дека оваа земја се наоѓа во геоцентрална политичка и географска положба бидејќи тука се вкрстуваат многу интереси во светски рамки, а причините за тоа се многубројни.

Иран е земја на високи планини и висорамнини, како и пространи неплодни пустини. Тој е распространет меѓу Каспиското Езеро на север и Перскискиот и Оманскиот Залив на југ. Овие наведени региони имаат голема значајност во светски рамки заради поседувањето на нафтата како мошне важен енергенс во целина.

Во однос на административната бележаност, односно политичката карта, оваа земја се граничи со 7 (седум) соседни држави. На север, Иран, се граничи со Ерменија, потоа со Азербејџан и Туркменистан или Туркменија, на исток со Авганистан и Пакистан, запад со Ирак и на северозапад со Турција. Во овие рамки, односно граници земјата зафаќа 1 648 195 km2, а на оваа територија живеат околу 75.9 милиони жители, меѓутоа оваа бројка на жители е дискутабилна бидејќи за истата се мисли дека најверојатно е поголема за околу 20%.

Иран според бруто-домашниот производ, кој изнесува околу 900 милијарди долари е на 18-тото место меѓу државите во светот. Економијата на Иран најмногу се базира на огромните резерви на нафта и природен гас, а стопанисувањето на нафтата и природниот гас е од страна на државата. Најбрз капиталистички развој бележи од 1963 до 1978 година, базиран на големите придобивки од нафтата. Меѓутоа, производството на нафтата забележало пад кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите година на XX век заради исламската револуција.

Иран е втор најголем произведувач на нафта на Блискиот Исток и меѓу најголемите 4 (четири) производители во светски рамки. Најголемите и најбогатите наоѓалишта на нафта се наоѓаат во поречието на реката Каруна, во пределите на Абадан, Мешен Сулејман, понатаму во Ахваз, Гахсаран, Ага Јари, Карањ, Марун, Дархорин (област Хузистан), потоа Карманшах, во северните делови на земјата,  југоисточниот брег на Каспиското Езеро и во средишниот дел на земјата.

Повеќе од педесет проценти од иранските нафтени резерви се наоѓаат, односно се застапени на пет огромни полиња. Имено, од нив, како најголеми се јавуваат: полето Марун (22 милијарди барели), потоа Ахваз (18 милијарди барели, а според некои податоци околу 25 милијарди барели),  Ага Јари (17 милијарди барели), Гахсаран (16.2 милијарди барели) и Карањ (5.8 милијарди барели).

Иран има повеќе од 40 полиња од кои се експлоатира нафта, од кои 27 се наоѓаат на брегот, т.е. на копното, а 13 на водените површини. Најголемиот дел од количеството на нафтасе наоѓа во областа Хузистан, која се наоѓа во близина на границата со Ирак.

Долго време иранската нафта ја искористувал странскиот капитал, главно британски, преку т.н Англо-иранска компанија. Меѓутоа, во 1951 година тогашната иранска влада ја започнала национализацијата на сите нафтоносни полиња. Со новиот договор од 1973 година целото производство и преработка на нафтата ставени се под контрола на Националната иранска нафтена компанија (NIOC), но освен неа постои можност да учествуваат и странски нафтени компании.Националната Иранска Нафтена Компанија (NIOC) е во споственост на државата, а се наоѓа под надзор на Министерството за нафта. Истата е одговорна за сите нафтени проекти, вклучувајќи ги и производството и инфаструктурата.

Според властите во Техеран, Иран е дом на околу 150 милијарди барели на нафта, односно трет во светот, со околу 10% од вкупните резерви на нафта. Извезува околу 4 (четири) милиони барели нафта дневно, додека за домашни потреби користи околу 1.6 милиони и таквата потреба сеуште се зголемува.

Иран поседува експанзивна мрежа на нафтоводи, вклучувајќи 12 (дванаесет) цевководи кои имаат должина помеѓу 103 и 1027 km.

во 2012 година производството на сурова нафта во Иран забележало пад. Во исто време, САД и ЕУ ги заостриле санкциите кон Иран, а сето тоа имало и свое влијание и врз извозот на нафта. Сепак, и покрај овој пад на извозот, оваа земја остана во низата на првите десет најголеми извознички на нафта.

Извори:

  1.  Апостоловска Тошевска Б. (2011):Индустриска Географија, Универзитетски учебник, стр.: 96-102, Скопје;
  2.  Мијалов, Р. (1998): Географија на Азија, АМК Мак Дизајн, стр.: 111-120, Скопје;
  3.  Мијалов Р., Китевски Г. (2013): Политичка Географија, Интерна скрипта, стр.: 141-158, Скопје;
  4. Стојмилов А., Миленковски Љ. (2001): Географија за I година средно образование, Просветно Дело – IV дополнето издание, стр.: 90-92, Скопје;
  5. Точкоски В. (1973): Нафтата и земниот гас сè позначајни во светот како енергетски извори. Геогр. разг., кн. 11, стр. 120-124, Скопје.
  6.  http://www.eia.gov;
  7. Oil & Gas Directory Middle East – 2011, Islamic Republic of Iran, pdf;

 

 


Подготвил:

Трајче Лазороски

Оваа статија е прочитана 4211 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger