Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Природник... » Размена на студенти помеѓу Егеа Скопје и Егеа Љубљана, прв дел во Словенија

Размена на студенти помеѓу Егеа Скопје и Егеа Љубљана, прв дел во Словенија

 Од 13 до 18 април 2013 година, се одржа првиот дел од размената на студенти помеѓу Егеа Скопје и Егеа Љубљана. Станува збор за шесттатаразмена на студенти на која организатор е ,,ИЗСГ Природник‘‘ (Егеа Скопје), по втор пат во соработка со студенти од Љубљана.  Претходно,  ,,Егеа Скопје‘‘ има организирано размени со Нови Сад (2005 и 2010/11), Загреб (2005/06), Љубљана (2009) и Белград (2012).  Имено, на сегашната размена учествуваа вкупно 12 студенти, по 6 од Македонија и Словенија.  Авантурта започна на 11 Април, кога со воз се упативме од Скопје кон Белград. Попладнето стигнавме во градот и имавме доволно време за посета на центарот на Белград, притоа ги посетивме Белградската тврдина – Калемегдан, како и надалеку познатата (улица) Кнез Михајлова. При посетата ни се придружија колеги – членови од Егеа Белград, кои срдечно нè пречекаа. Вечерта околу 23 часот, со редовната  автобуска линија Белград – Карловац, се упативме кон градот Загреб.  Во Загреб пристигнавме во раните утрински часови, а по утринското кафе се сретавме со колегите од Егеа Загреб, кои, пак, несебично ни помогнаа околу нашето сместување во нивниот град. Претходно имавме договорено ноќевање во Загреб, сè со цел да има можност за целодневно разгледување и запознавање на истоимениот град, со кој за прв пат се соочивме. По пладневниот одмор, под водство на колегите Миховил М. и Марко К. излеговме на една детална прошетка но и запознавање со знаменитостите на градот. Најпрво започнавме од плоштадот Јелачиќ, а од таму се упативме кон Загребската катедрала  (Успение на Пресвета Дева Марија и Св. Стјепан и Ладислава), потоа продолживме кон горниот дел градот по Ткалчиќевата улица, од каде стигнавме до црквата Св. Марко. Потоа, се спуштивме во долниот дел од градот кај Хрватскиот народен театар, а од таму се упативме кон Географскиот Факултет, а со посетата на истиот заврши оваа навидум кратка, но сепак долга прошетка. Вечерта имавме можност да присуствуваме на музички настап приреден од бендот на колегата Марио К. (Егеа Загреб), на кој се сретнавме со повеќето колеги од Егеа Загреб.  Вечерта преноќивме во Загреб, а утредента (13.04.13), со воз продолживме кон Љубљана. Во Љубљана пристигнавме околу 15 часот, а на Железничката станица веќе беа присутни нашите домаќини, кои ни приредија пречек кој ќе ни остане во долго сеќавање! По срдечниот пречек се упативме кон центарот на Љубљана и направивме една кратка пауза на кејот на реката Љубљаница.  Од таму се упативме кон студенскиот дом ,,Гербичева 59’’, во кој се сместивме. Вториот ден од размената беше наменет за искачување на Голема (Велика) Планина (Камничко – Савински Алпи), која се издигнува северно од Љубљанско Поле. Овој работен ден го започнавме околу 10 часот. Најпрво се упативме со неколку автомобили кон Домжале, а потоа продолживме преку Камник па сè до Крањски Рак. Од ова туристичко место, започнавме да се искачуваме кон Мала Планина. Откако ја искачивме Мала Планина направивме пауза за ручек. По завршувањето на истиот, го обиколивме локалниот терен и  продолживме кон Голема Планина па сè до црквичката Марије Снежне. Од овде кон југ, се ширеше прекрасен поглед на Љубљанското Поле, а на север фасцинантно се издигнуваат врвови од Камничко – Савинските Алпи. Црквичката ни преставуваше крајна точка од релацијата со која ја завршивме нашата посета на Голема Планина. Третитот ден од размената ни беше посветен за детално запознавање на градот Љубљана. Најпрво го посетивме Филозофскиот Факултет, во чии рамки се наоѓа Институтот за Географија, а по посетата се упативме кон Љубљанската тврдина (Љубљански Град). На тврдината,  ни беше поделена задача – City game, со која треба да ги пронајдеме, а воедно забележиме и фотографираме најзначајните знаменитости на градот Љубљана (Трите Моста, Месарскиот Мост, Пресерновиот плоштад, Градската Куќа, Конгресниот плоштад, зградата – Неботичник и паркот Тиволи).  Чевтртиот ден од посетата беше исполнет со голема екскурзија  во северозападниот дел од Словенија. Во рамки на оваа екскурзија ги посетивме Триглавскиот национален парк со кањонот на реката Радовна, потоа Бледското Езеро со единствениот остров во Словенија, селската населба Студор, Бохинското Езеро, кањонот на реката Соча и завршивме со посетата на Дорнберк, каде и преноќивме. Следниот ден, направивме утринска прошетка низ населбата, а потоа продолживме кон изворите на реката Випава. После тоа, следуваше посета на Скочијанска Јама, а по посетата на оваа прекрасна пештера се упативме кон тврдината Штањел (слабо населено село), а дневната етапа ја завршивме во населбата Плисковица, каде и ја минавме ноќта. Последниот ден од нашата размена во Словенија беше наменета за посета на Словенското приморје, притоа особено внимание му посветивме на гратчето Пиран, кое особено нè изненади. Од таму се упативме кон Љубљана каде имавме време за кратко разгледување и купување, а потоа се упативме кон железничката станица, каде за жал моравме да се разделиме со нашите пријатни и многу љубезни домаќини. Патем, повторно застанавме во Загреб, каде и преноќивме. Утрото на 19 – ти април, патот кон дома го продолживме со автобус преку линијата Загреб – Белград.  Во главниот град на Србија, имавме доволно време за уште една посета Белградската тврдина – Калемегдан. Вечерта околу 22 часот, со воз продолживме кон Скопје.

Љубљаница

Љубљана

Бледско Езеро

Бохинско Езеро

Пиран

Сè на сè, ова беше една од најубавите размени, размена во која имаше многу екскурзии, во која посетивме, но и запознавме многу работи за Словенија, почнувајќи од природните убавини, животот, па сè до културните убавини.  Презадоволни сме од организацијата на нашите  домаќини кои максимално се потрудија оваа размена да заврши прекрасно но и во најдобар ред. Покрај тоа, се стекнаа многу нови пријателства кои ветуваат понатамошна соработка на повеќе полиња.

Им се заблагодаруваме на организаторите и учесниците на размената кои ни приредија преубава размена, а им багодариме и на сите останати членови на ,,ЕГЕА Љубљана‘‘ кои гостопримливо нè дружеа. Исто така, изразуваме благодарност до ,,ЕГЕА Загреб‘‘ која ни беше од голема помош при нашето сместување во нивниот  град, како и прекрасната забава која ни ја приредија таму. Во тој контекст им се заблагодаруваме и на членовите од ,,ЕГЕА Белград‘‘ кои срдечно нè причекаа во нивниот град.  За крај, се извинуваме доколку некој сме го заборавиле.

ВИ БЛАГОДАРИМЕ!


Напишал: Дарко Стојчески

 

 

Објавено од:

Од категорија: Природник... · Tags:

Leave a Reply

*