Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог » Тиквешко Езеро – едно од најатрактивните вештачки езера во Македонија

Тиквешко Езеро – едно од најатрактивните вештачки езера во Македонија

29.06.2013

Тиквешкото езеро се наоѓа во јужниот дел од држвата во кањонот на реката Црна и е одалечено 12 км од Кавадарци, односно 3 км јужно од селото Возарци. Се наоѓа на надморска височина од 165 м и има конусна форма, а се протега во правец северо-југ. Тиквешкото Езеро на север се граничи со вештачки создадената брана во близина на с.Возарци, на исток со атарите на населените места: Брушани, Ресава, Бегниште и Куманичево, како и висорамнината Витачево, на запад се граничи со атарите на с.Добротино, Праведник и планината Вишешница, а на југ со Мрежичко и Клиново. Тиквешкото езеро по површина е најголемо вештачко езеро во Македонија. Езерото има површина од 14 км кв., во должина од 28,5 км, а просечно е широко 500 м. Најголемата длабочина на езерото изнесува 105 м. Вкупната бруто-зафатнина во езерото изнасува 475 милиони м кубни вода. Езерото е настанато во 1968 година со преградување на кањонот на реката Црна и со изградба на брана висока 104 м. Браната чија должина изнесува 338 м е изградена од нафрлан камен со глинено јадро. Водата од Тиквешкото Езеро се користи за наводнување и за добивање на електрична енергија. Наводнувањето се врши преку хидросистемот „Тиквеш“, а во близина на браната е подигната хидроцентралата Тиквеш. Како главен извор за полнење на вода на Тиквешкото езеро се Црна и Драгор. Температурата на водата во Тиквешкото езеро за време на летниот и есенскиот период изнесува 24 С°. Ова го прави езерото привлечно како за бројните капачи така и за љубителите на најразличните спортови на вода. Варовничко-геолошката положба на крајбрежјето придонесува за присутноста на пештери, пропасти и јами. Околината на езерото, односно тиквешијата, во климатски поглед претставува подрачје во кое се мешаат медитеранската, континенталната и планинската клима. Влијанието на медитеранската клима која продира од Егејското Море, по должината на реката Вардар, значајно влијае на зголемување на средната годишна температура. Тиквеш е еден од најтоплите реони во Македонија. Неговата средна годишна температура изнесува 14.1 степени C. Најтопол месец во годината е Јули, со средна температура од 25,6 ст. C. Централната област на Тиквеш спаѓаше во најсувите подрачја во нашата земја. Годишен просек на врнежи за целото подрачје изнесува околу 420 мм, од кои поголемиот дел спаѓа во вонвегетациониот период. Со изградбата на акумулацијата, видно се измените климатските услови во Тиквешијата. Во последните десетина година, есенско-зимскиот период е доста богат со врнежи, што пак придонесува за снижување на просечните температура во овој регион. Летниот период се карактеризира со високи температури. Планинските масиви од левата страна на езерото (долен дел), Голема Рудина – Бишешница – Мала Рудина, како и десната страна на долниот дел на езерото, кои ја чинат висорамнината Витачево – Самовилец се посиромашни со шуми. Шумите главно се листопадни и нискожбунести, кои не можат да се користат за индустриски цели. Најзастапени се следните видови: даб, габер, тиса, смрека, додека борот се јавува многу слабо на горната страна од езерото. На средниот дел од езерото, на левиот брег, северно од месноста Полошко се сретнува дрвото наречено “Гол човек” кое е зимзелено и претставува реткост во Европа. Карактеристично за шумите е застапеноста на дабот кој е доста богат со жир и претставува добра храна за голем дел на животинските врсти (питоми и диви). Значајно е да напоменеме дека во овие планински предели може да се сретне разновиден дивеч, од кои најчести се: дива свиња, срна, волкот, лисицата и зајакот. По целото крајбрежје се одгледува крупна стока и тоа: говедо од расата “буша”, која е практично најзастапена како и мал број товарни грла: коњи и мазги, додека од ситната стока се одгледува коза и мал број на свиња. Со изградбата на акумулацијата, на целото крајбрежје, се населија разни видови на езерски птици, од кои најмногубројни се: корморан, сива чапја, дивите бели галеби, преку зимскиот период – диви шатки. Исто така, во овој предел, поготово карпестиот, на планината Вишешница и Голема Рудина, можат да се сретнат разни птици грабливки и тоа: кањата, белоглавиот орел и брадестиот орел кои се во изумирање, потоа соколот и други.

Во Тиквешкото Езеро се констатирани повеќе видови риби од кои предмет на стопанската експлоатација се:
• фамилија Cypimus caprio (краповидни) и тоа: крап, караш, толстолобик, црвеноперка, клен, скобал (бојник), белвица, линјак, мрена и др;
• фамилија костреж, со претставниците перкија и костреж;
• фамилија сом, со единствениот претставник, сомот, кој достигнува до 2 м во должина и тежина преку 100 кг.

Езерото има три трајни острови. Најголемиот се нарекува Градиште, зафаќа површина од 2,3 ха и не е населен. Покриен е со густа шума, а можат да се забележат и остатоци од некогашни градби, по кои е наречен. Другите две се мали островчиња со куќи и придружни објекти, на мошне мало растојание од брегот. Едното е во атарот на Брушани, а другото кај одливот на езерото во р. Блашница.

За два часа со чамец исклучиво по воден пат може да се стигне до Полошкиот манастир посветен на Св. Ѓорѓи, еден од најзначајните културно-историски споменици во Македонија. Манастирот претставува бисер на македонската средновековна уметност. Изграден е во првата половина на XIV век, на 20 километри југозападно од Кавадарци во подножјето на планината Вишешница, денес на левиот брег на Тиквешко Езеро. Црквата е ѕидана од камен и тула, а внатрешноста во целост е живописана. Позната е по својот фрескоживопис од XIV век, а уште повеќе по лустерот резбан во дрво од 1492 година, што претставува најстара датирана резба во Македонија. Мошне импресивен е и големиот иконостасен крст со распетие изработен во 1584 година од резба во дрво. Од голема вредност се и престолните икони на св. Богородица од 1649 година и Исус Христос – спасител со апостоли од почетокот на XVI век, како и царските двери од крајот на истиот век. Во манастирскиот комплекс денес се останати само темелите на некогашните придружни објекти и меѓу нив црквата „Св. Ѓорѓи“ со трошна камбанарија, веројатно од триесеттите години на минатиот век и со мала убаво уредена градина.
Во населбата Голеш во поново време е изградена црква посветена на Св. Илија. Објектот го изградија тројца бизнисмени, кои имаат свои викенд-куќи во оваа населба, за како што велат, да имаат се’ што треба да поседува една населба.
Во тековната 2013 година е реализиран уште еден проект за изградба на црква во с.Брушани. Темелите на црквата ,,Св. Недела” се поставени веќе неколку месеци така што во најбрз можен рок се очекува оваа црква да биде достапна за сите домашни и странски посетители. Меѓу другото, овој проект претставува само уште една потврда дека Тиквешкото Езеро има туристички потенцијал за понатамошен развој и зголемена посета не само од околните места туку и пошироко.
На десетина километри источно од најголемата вештачка акумулација во Македонија, Тиквешкото Езеро се наоѓа Галичката пештера. Се верува дека е многу стара, а ја открија пред неколку години спелолози од Македонија и Франција. Сеплолозите се категорични дека оваа пештера може да се каже дека е најубава во Македонија. Французите биле фасцинирани од неа, не само поради нејзината старост, туку и поради убавините и богатството кои ги поседува. Македонските спелеолози велат дека таа е пребогата со калцитни пештерски украси, кои досега спелолозите, ниту домашните ниту пак странските посетители немале можност да ги видат.

Од сето наведено може да се каже дека Тиквешкото Езеро изобилува со флора и фауна, со најразлични видови на слатководни риби и птици, со непроценливи културно – историски знаменитости кои воедно претставуваат и огромно богатство кое ги мами туристите да доаѓаат почесто и почесто. Убавините кои ги нуди езерото и околината никогаш не се досадни за повторно посетување. За европската јавност примамливи се и крупните грабливи птици кои вооедно спаѓаат во светски и европски реткости. Во неколкуте населби на езерото има околу 3.000 викендички, а специфични и посебно атрактивни се оние до кои се патува со чамче. Најголемиот дел од куќите се луксузни и има можност и за подолг престој. Импровизираните плажи се полни во текот на денот, а многубројни се и оние што со чамци заминуваат на прошетка по езерото, сакајќи да ги разгледаат природните убавини во околината. Па ако се размислувате да поминете викенд на Тиквешкото Езеро, воопшто не се двоумете, затоа што има многу што да се види и прави.

Извори:

www.utrinski.com.mk
www.think.mk
www.crnobelo.com.mk
www.intelekt.mk
www.ribar.com.mk

Подготвиле: Елеонора Ѓелова и Ивица Милевски, Институт за географија, Скопје

 

Оваа статија е прочитана 6064 пати!

Автор:

Од категорија: Викенд предлог

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger