Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Нов Зеланд – Земјата на Маорите

Нов Зеланд – Земјата на Маорите

07.08.2013

 Нов Зеланд е островска држава која се наоѓа во југозападниот дел на Тихи Океан или околу 1.700 km источно од Австралија. Најголемиот дел од државата е составен од два острови (Северени Јужен Остров), кои се наоѓаат помеѓу 34° Ј.Г.Ш. и 47° Ј.Г.Ш. или се протегаат во должина од околу 1.600 km. Северниот и Јужниот Остров меѓусебно се одвоени со Куковиот премин, чија најкратка ширина изнесува 22 km. Покрај овие острови, во состав на државата учествуваат уште многу мали островчиња, меѓукои најголем е островот Стјуарт (1.746 km2). Нов Зеланд зафаќа површина од 268.680 km2, а речиси целата територија ја сочинуваат  Северниот и Јужниот Остров (98,68 %). Јужниот остров има поголема површина, односно истиот зафаќа 150.460 km2, а Северниот Остров зафаќа површина од 111.690 km2.

Нов Зеланд лежи на граница помеѓу Австралиската и Тихоокеанската плоча, т.е. се наоѓана субдукцијата на океанска под континентална плоча. Во овој случај, Тихоокеанската плоча се движи под Австралиската плоча со што влијае врз формирањето на релјефот на Нов Зеланд, а во контекст на тоа честа појава се и вулканите (над 60–тина). Денес, активни се само два вулкани и тоа:  Тонгаиро и Таравера. Други појави кои сведочат на активноста на тлото на Нов Зеланд се гејзерите кои, исто така, ги има во голем број.

Нов Зеланд главно е составен од ридско – планински релјеф, кој зафаќа ¾ од вкупната територија. На Јужниот Остров најкрупна релјефна структура се Новозеландските Алпи (Јужни Алпи), кои се протегаат во должина од околу 500 km. На овие планини се јавуваат повеќе врвови со височина над 3.000 m,  меѓу нив највисок е Моунт Кук (3.764m), кој воедно е највисокиот врв во Нов Зеланд. На Северниот Остров, пак се застапени значително пониски планински целини. Највисоки врвови на овој остров се: Руалех (2.797 m) и Егмонт (2.520 m). Најраспространети низини се: Кантербуриската (240 km долга и 70 km широка) и Ваикатската низина. Кантербурската низина се наоѓа на Јужниот остров, а Ваикатската низина е широко распространета во северниот дел од Северниот Остров.

Климата во Нов Зеланд во најголем дел е под влијание на океанската водена површина, а покрај овој фактор силно влијание имаат и западните ветрови, кои носат големи количества на врнежи. Имено, на Новозеландските острови се застапени суптропската, умерената и субартичката клима. Суптропската клима се чуствува на Северниот Остров, умерената е застапена на Јужниот Остров, а на малиот остров Стјуарт има субартичка клима. Покрај овие типови на клима, на Јужните Алпи се среќава и типичната планининска клима. Рекордно највисоките температури во Нов Зеланд се измерени на 7 февруари во 1976 година. На овој ден на Северниот Остров, во областа Руаториа е измерена температура од 39,2°C. Истиот ден на Јужниот Остров во областа Рангиора е забележана повисока температура од Северниот Остров, регистрирани се 42,4°C. Најниската температура во Нов Зеланд е измерена во далечната 1903 година, во местото Ранфурлу  (Јужниот Остров) забележани се  – 25,6°C. На Северниот Остров досега најниска температура е регистрирана во Тонгариро, а истата изнесувала – 13,6°C. Врнежите во Нов Зеланд се различно распоредени. Бидејќи се условени од западните ветрови, тие во просек се движат од 1000 до 2500 mm. Најмногу врнежи паѓаат на Јужните (Новозеландските) Алпи, каде просекот се движи по 4491,2 mm годишно (пл. Кук), додека, пак, максимумот на овие планини се движи до 5700 mm. Еден од најсушните предели претставуваат источните делови од Јужниот Остров. Овие делови примаат помалку врнежи (Крајчестчери 618,2 mm и Данедин 726 mm), бидејќи истите се попречени од Јужните Алпи, кои се еден вид на бариера, која апсорбира голем дел  од количеството на влага.

Нов Зеланд располага со богатство од хидроградски појави, пред се застапени се бројни површински текови. Реките имаат краток и брз тек кој изобилува со моќна хидроенергија. На Северниот Остров поголеми реки се: Викато, Вангануи и Вангаеху. Реката Викато истекува од Езерото Таупо и тече кон северозапад во должина од 425 km (најдолга река во Нов Зеланд) и се влива во Тасмановото Море. Поголеми реки на Јужниот Остров се: Клута, Вајтаку, Рангитака и Ракаија. Реката Клута тече во должина од 340 km и претставува најдолга река на овој остров.

Во Нов Зеланд се среќаваат околу 3.800 езера, најголем дел од нив се природни езера, пред се, настанати под влијание на глацијацијата (особено на Јужните Алпи – Јужен Остров). На северниот остров се среќаваат езера кои се настанати и под влијание на вулканската активност, т.е. езера кои се настанати во вулканските кратери. На ваков начин е настанато и езерото Таупо, најголемото езеро во Нов Зеланд (616 km2). Од останатите езера, околу 300 имаат поголема површина од 50 ha (0,5 km2), а од нив 40 се поголеми од 10 km2. Географските услови и климата на Нов Зеланд овозможиле да опстојуваат повеќе од 300 глечери (мразници). Меѓу нив најголем е Тасмановиот глечер кој е долг 27 km, а широк 800 m. Исто така посебна одлика на Нов Зеланд се и гејзерите, кои се среќаваат во голем број, а најголем е гејзерот Похуту (исфрла вода во височина од 20 m). Еден од најатрактивните е гејзерот Лејди Кнокс. 

Околу 80% растителниот свет на Нов Зеланд е со ендемичен карактер. Скоро 30 % од територијата на е покриена со шуми, а 52 % се наоѓа под тревна површина. Во составот на шумата најмногу учествуваат ендемичните видови, пред се новозеландската смрека – каури (која достигнува височина од 30 до 60 метри), новозеландскиот лен, дрвенестиот папрат, пахутакава – божиќното дрво и др. Фауната е претставена со повеќе видови на птици, меѓу кои најпозната е птицата киви. Киви е ноќна птица, која е поголема од кокошка. Прогласена е за национална птица, а нејзиниот лик е вцртан на Новозеландскиот грб, а покрај тоа и новозеландските војници го добиле прекарот Киви. Освен птиците на Нов Зеланд не се среќаваат цицачи, а нема ниту змии.

На последниот попис од 2006 година во Нов Зеланд е регистрирано население од  4.027.947 жители или просечно на секој km2 живеаат по 15 жители. Најголем дел од населението живее на Северниот Остров (околу 75 % од вкупното население во земјата), кој е населен со 28 ж/km2.  Јужниот Остров е поретко населен, на секој km2 живеат по околу 7 жители. Како домородно население во Нов Зеланд се сметаат Маорите, кои имаат полинезиско потекло, население кое во  периодот од 1200 до 1400 година се доселува од Полинезија во Нов Зеланд. Сè до 18 век живеат самостојно, а во текот на 19 век во Нов Зеланд започнуваат да се доселуваат европјаните. Во почетокот на 19 век, бројот на Маори изнесува околу 100.000, а по герилските војни (1845 – 1848 год.; 1860 – 1870 год.) со британците, бројот на Маори двојно се намалува. Меѓутоа, по нив, а особено по осамостојувањето на Нов Зеланд како посебна држава, нивниот број интезивно расте.

Имено, во 1858 година на островите живеело вкупно население од 115.462 жители; две децении подоцна населението се зголемило на 458.007;  во 1896 год. – 743.207; 1906 год. – 936.304; 1926 год. – 1.403.640; 1956 год. – 2.162.907; 1976 год. – 3.103.266; 1996 год. – 3.618.303 и на последниот попис во 2006 година изнесувало 4.027.947 жители.

Според податок од 2003 година Нов Зеланд има наталитет од 14 , а морталитетот од 7 и природниот прираст кој се движи со  7 . Просечниот животен век се движи по 79 години. На последниот попис (2006) зрелото население (20 – 64 год) е претставено со 58,70 %, младото (под 19 год) со 29.00 %, а старото население (над 65 год) со 12,30 %. Половата структура е благо наклонета кон жените кои се преставени со 51,12 %, а додека мажите се застапени со 48,78 %.

Според етничката структура најголем дел од населението во Нов Зеланд се декларира како Новозеландски европјани (Новозеланци),  на оваа група и припаѓаат 69,77 % од населението. Втора поголема етничка група се домородното население – Маорите, кои сочинуваат 14,03 % од вкупното население. Останатите дел од населението го сочинуваат доселеници од Европа, Азија, Океанија и др. Од европските народи, пак, побројни се Англичаните  (44.202) и Холанѓаните (28.641). Азиските народи главно се претставени со Кинезите кои се застапени со 3,46 % (139.728), Индиците со 2,41 % (97.443) и Корејците (30.792). Од Океанија побројни етнички заедници се: Самоанците (131.103), Тонганците (50.481) и Австралијанците (26.355). 

Во Нов Зеланд службено се користат два јазика и тоа: англискиот и маорскиот. Според религиската структура поголемиот дел од населението се изразило како верници и тоа 65,3 %. Меѓу верниците главна религија е христијанството кое е застапено со 55,6 % од вкупното населението.

Најголемиот дел од населението во Нов Зеланд, односно 86 % вкупното население живее во градовите. Главен град на државата е Велингтон (проценка 2012 год – 395.000 жители), а додека најголем град е Окланд, кој има население од 1.397.000 (проценка за 2012 година). Други поголеми градови се: Хамилтон (209.000), Напиер Хастингс (139.000), Тауранга (122.000) и Палместон (83.000) на Северниот Остров; Крајчестчер (375.000), Данедин (118.000) и Нелсон (61.000) на Јужниот Остров.

Нов Зеланд претставува развиена индустриско – аграрна земја. Во развојот на стопанството голема улога има странскиот капитал, пред сè, англискиот, американскиот, јапонскиот и австралискиот. Во 1994 година, бруто домашниот производ изнесувал 48 милијарди американски долари. Просечниот национален доход по жител изнесувал 13.190 американски долари. Во бруто домашниот производ најмногу учествувала индустријата со 35 %, земјоделството со 10%, а остатокот се темели на останатите терцијални дејности. По една деценија, односно во 2004 година, БДП изнесувал 84.5 милијарди долари, а во 2012 година, пак, истиот изнесувал нешто помалку од 160 милијарди долари, па оттука просечниот национален доход по жител за 2012 година изнесувал околу 37.000 американски долари.

Во вкупниот земјишен фонд најголемо учество имаат ливадите и пасиштата, околу 50 % (14 милиони хектари). Обработливото земјиште  учествува  со 12 % (3.228.000 ha) од вкупниот земјишен фонд. Најголем дел од обработливото земјште се наоѓа под житни култури (околу 50 %). Од житните култури најмногу се одгледуваат: јачменот, пченицата и пченката. Најголемо значење за Новозеландското земјоделство има сточарството. Во сточниот фонд најзастапени се овците (49 милиони глави), живината (12 милиони, со најголемо учество на кокошките), говедата (9,2 милиони глави), свињите (429.000), козите (337.000), коњите (85.000) итн.

Сè до Втората светска војна, индустријата во Нов Зеланд бавно се развивала. А по завршувањето на војната интезивно се подигнуваат голем број на фабрики. Во почетокот, голем акцент се одава на преработувачката индустрија, особено на индустријата на месо и млечни производи. Подоцна се развиваат бродоградбената, хемиската, индустријата за хартија, текстилната и др. Во поново време развиена е електроиндустријата (производство на радио и телевизори), металопреработувачката (за трактори и други земјоделски машини), монтажа на автомобили, авиони итн. Доста солидно е развиена и индустријата за кожа. 

Во 2011 година производството на електрична енергија изнесува 43.138 GWh. Истата година на сите електрани (централи) инсталирана е моќност од 9.751 MW.Во вкупното производство најмногу учествувала хидроенергијата (инсталирана моќност од 5.252 MW), потоа следат термоцентралите на гас (1.942 MW), термоцентралите на јаглен (920 MW), геотермалната енергијата (731 MW), еолската енергија (614 MW), термоцентралите на нафта (165 MW) и останати извори на енергија.

Во сообраќајната инфраструктура во најголем дел учествуваат автомобилските патишта (околу 97.000 km од кои 50.300 km се асфалтирани). Железничката мрежа во Нов Зеланд се простира во должина од 4.128 km, од нив 512 km се електрифицирани, а 252 km се со двоен колосек. Водниот сообраќај е многу значаен за Нов Зеланд, а најголеми пристаништа во земјата се: Окланд, Велингтон, Данедин и др. Најголеми аеродроми во државата се: Окланд (11 милиони патници годишно), Крајчестер (6 милиони патници годишно) и Велингтон (5 милиони патници годишно).

Туризмот е значајна гранка за Нов Зеланд, која од година во година сè повеќе се развива и станува сè поатрактивна на мапата на туристите. Туризмот особено се развива во последните две децении. Во 2010 година, во Нов Зеланд гостувале 2.525.000 туристи. Истата година најголем број туристи пристигнале од Австралија (1.199.000), Велика Британија (234.000), САД (189.000), Кина (122.000) итн. Во текот на 2010 година, преку туризмот во Нов Зеланд е остварен приход од 15 милијарди новозеландски долари или туризмот учествувал со 9 % во бруто домашниот производ. Најпосетени и најатрактивни дестинации на Северниот Остров се:  градот Окланд, Езерото Таупо, градот Ротуроа, заливот Пленти, Н.П. Тонгариро и градот Велингтон. На Јужниот Остров најатрактивни дестинации се: градот Крајчестер, градот Данедин, Н.П. Монт Кук, Езерото Ванака, градчето Клуинстаун, Н.П. Абел Тасман, фјордот Милфорд Саунд и др.

Окланд – најголемиот град во Нов Зеланд (Северен Остров)

Фјордот Милфорд Саунд – Јужен Остров

 

 ИЗВОРИ:  

1.      Мијалов Р. (2000) Географија на Австралија и Океанија, Скопје

2.      http://en.wikipedia.org/wiki/New_Zealand

5.      http://www.niwa.co.nz/education-and-training/schools/resources/climate/extreme

6.      http://www.portaloceania.com/nz-tourism-10best-ing.htm

7.      http://www.stats.govt.nz/

8.      http://www.tradeingekonomics.com (the world bank group)

 

Подготвиле: Дарко Стојчески и Трајче Лазороски

 

 

 

 

Оваа статија е прочитана 10315 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger