Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Активности » Впечатоци од Светската геоморфолошка конференција во Париз

Впечатоци од Светската геоморфолошка конференција во Париз

17.10.2013

Во периодот од 27-31 август 2013 година, во познатиот комплекс Cite de Scienceсе во Париз се одржа 8-та светска конференција на Меѓународната геоморфолошка унија (ИАГ), тематски насловена како “Geomorphology and Sustainability” (геоморфологијата и одржливоста). Ова беше најголем научен собир на истражувачите кои се занимаваат со проучување на релјефот, а се одржува на секои 4 години. Според податоците од организаторот, конференцијата во Париз беше најпосетена до сега, со околу 1500 присутни геоморфолози од 65 држави. Заради големиот број учесници и пријавени презентации, беа издвоени повеќе од 20 тематски сесии во 7 конференциски сали и изложени над 1000 постери во холот на оваа прекрасно здание.

На овој прекрасен настан, од Република Македонија беа присутни: д-р Ивица Милевски кој имаше презентација за класификацијата на бедленд-терените во Република Македонија и Марјан Темовски, со презентација за некои нови пристапи во истражувањето на пештерите во нашата држава. Споменатите презентации привлекоа значителен интерес кај присутните, посебно со оглед на тоа што Република Македонија е слабо присутна во светската геоморфолошка литература и е слабо позната од тој аспект.
За време на конференцијата, д-р Ивица Милевски учествуваше во работата на Комитетот на ИАГ, како избран делегат од Македонија, што воедно претставуваше и одлична можност за соодветна презентација на државата. При тоа, беа разгледани активностите на оваа голема светска научна организација во однос на популаризација на геоморфологијата, новите трендови, работни групи, избор на место за следна конференција (Индија, 2017), а на крај се избра и новото раководство со 4-годишен мандат.
Во неофицијалниот дел, беа остварени контакти со научници од голем број држави, а со некои од нив е договорена идна соработка. Престојот во Париз беше искористен за посета на позначајните културно-историските знаменитости на оваа светска метропола.

Севкупниот настан беше одлично организиран и без речиси никакви недостатоци. Единствен проблем претставуваше следењето на сесиите, кои поради навистина големиот број учесници се одвиваа паралелно. Сепак, уште при регистрацијата беа дадени сите неопходни материјали со кои можеше да се избере и следи саканата програмата.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

Објавено од:

Од категорија: Активности

Leave a Reply

*