Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Природник... » Одржан вториот дел од размената на студенти помеѓу Егеа Скопје и Егеа Љубљана

Одржан вториот дел од размената на студенти помеѓу Егеа Скопје и Егеа Љубљана

 Во текот на 3 – тата седмица од месец октомври (17/22.10.2013) се одржа вториот дел од размената  на студенти  помеѓу Егеа Скопје и Егеа Љубљана. За разлика од првиот дел на овој дел домаќин беше Егеа Скопје. Во текот на шесте дена од размена на студенти посетивме повеќе места од нашата мила Татковина. Размената ја започнавме со посетата на Институтот за Географија при ПМФ  – Скопје, каде следеше воведно предавање за Р. Македонија од страна на проф. д-р Билјана Апостоловска Тошевска. Потоа се упативме кон планината Водно, најпрво стигнавме до Средно Водно каде ја посетивме црквата ,,Рожденство на Пресвета Богородица“, а од таму со жичницата се искачивме на врвот Крстовар (1066 m). На врвот, гостите беа воодушевени од погледот кој се шири кон сите страни. Тука најпрво ги запознавме со неколку податоци за Милениумскиот крст, а потоа ги запознавме со нашата метропола, како и околината што го опкружува градот Скопје. Третиот ден го започнавме со панорамско разгледување на градот Скопје, а потоа продолживме кон кањонот Матка. По кратката прошетка низ кањонот се упативме кон градот Тетово. Во овој град првично се запознавме со центарот, а потоа и со останатите знаменитости меѓу кои беше познатата Шарена Џамија. Во попладневните часови се упативме кон Тетовското Кале каде следеше ручек, а по оброкот продолживме кон Н.П. Маврово. Ноќта ја минавме во населбата Маврово, каде на гостинката Каја Кос и приредивме роденденско изненадување. Следниот ден, рано наутро излеговме на една прошетка и разгледување на Мавровското Езеро и неговата околина. По утринката прошетка се упативме низ долината на Мавровската Река, се до долината на реката Радика, каде направивме кратка пауза се со цел да ги запознаеме гостите со овој наш бисер меѓу реките. Од таму продолживме кон селото Ростуше, каде го посетивме водопадот Дуф на Ростушката Река. Потоа, патот не водеше покрај Дебарското Езеро и градот Дебар, а следна станица ни претставуваше браната ,,Шпиље“. Од таму продолживме кон населбата Вевчани и Вевчанските Извори. Во ,,Републиката, на наше големо задоволство, во прилог ни излезе колегата Трајче Лазороски, кој придонесе детално да се запознаеме со знаменитостите на оваа навидум мала населба, но голема по своето дело!  Од таму продолживме кон ,,Балканскиот Ерусалим“, а во истиот и преноќивме. Следниот ден најпрво го посетивме стариот дел од градот Охрид, со Античкиот амфитеатар, Самоиловата Тврдина, црквата Св. Пантелејмон и црквата Св. Јован Канео. Попладнето продолживме кон манастирот Св. Наум,  го посетивме истиот, а потоа се запознавме со езерцето Острово, каде се наоѓа најголемиот карстен извор во Р. Македонија. На враќање избравме нова траса која водеше преку превалот Полце на планината Галичица. На преминот направиме пауза, притоа бевме фасцинирани од погледот кој се ширеше на Охридското Езеро, впрочем целото езеро ни беше на дланка. Од другата страна на преминот, одново се отвораше прекрасен поглед, овој пат на Преспанското Езеро и планината Пелистер. Следна дестинација ни претставуваше градот Битола. Во ,,градот на Конзулите“ на наше големо задоволство, срдечно не пречекаа колешките Александра Јошевска и Стефанија Трајковска, а заедно со нив го посетивме центарот на градот со секогаш впечатливиот ,,Широк Сокак“.  Вечерта продолживме кон Скопје, а во градот стигнавме доцна во ноќта. Последниот ден од размената беше посветен за целодневно разгледување и запознавање на нашата метропола – градот Скопје. Најпрво го посетивме плоштадот Македонија, потоа Спомен куќата на Мајка Тереза, музејот на град Скопје, Скопска Чаршија и Скопското Кале. На крајот од посетата следуваше вкусен ручек, приготвен од колешката Ивана Мукоска. Вечерта во 20 часот се разделивме со нашите гости. 

Св. Јован Канео

Охридско Езеро

Преспанско Езеро

Заврши уште една прекрасна размена на студенти, гостите беа презадоволни од понудената програма, од срдечниот пречек, како и од убавините на нашата Татковина. Во текот на размената се стекнаа многу нови искуства, пријателства, а што е најважно се продолжи географската соработка помеѓу Егеа Скопје и Егеа Љубљана.

Во оваа прилика ќе изразиме благодарност до координаторот на размената Јане Младеноски,  до сите учесници на размената, како и до сите оние што ни се придружија и сите оние кои ни помогнаа и ни го олеснија нејзиното одвивање!

Ви Благодариме!

Напишал: Дарко Стојчески

Објавено од:

Од категорија: Природник... · Tags:

Leave a Reply

*