Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » За тврдината Маркови Кули, симболот на градот Прилеп

За тврдината Маркови Кули, симболот на градот Прилеп

6.11.2013

Markovi KuliТврдината Маркови Кули, го претставува некогашниот средновековен град на легендарниот владетел Крале Марко, син на кралот Волкашин. Опкружена со стрмни падини покриени со монументални гранитни карпи, некогашната населба се наоѓа на 120 до 180 метри висок рид. Големата тврдина се издигнува над Прилеп, еден од најстарите градови во нашата земја кој бил и главен град на средновековното кралство на кралевите Волкашин и Марко и место каде може да се почуствува духот на средновековната ера. Прилеп секогаш претставувал упориште на Македонските владетели, тоа е град кој е посветен на својата култура и традиција, на своите легенди и херои. Во тврдината се откриени остатоци кои укажуваат на постоење раноантичка населба – Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни украси од една ранохристијанска базилика. Населбата била сместена јужно од акрополата, на околу 3,6 хектари. На нејзиниот северен ѕид доденес стои двојна порта, како и голема стражарска куќа, поставена помеѓу влезовите. На јужниот ѕид стојат добро сочувани три кули. Неколку слаби извори на вода овозможувале живот на врвот во ограничен обем. Падините на ридот се стрмни, покриени со огромни гранитни карпи. Едно широко рамно седло на средината на врвот овозможувале тука да се развие населба. Со долгогодишните ископувања (од 1959 г. речиси непрекинато до денес) откриени се траги од предисториска населба; во раната антика тука израснала Керамија, обновена во доцната антика. Тогаш било изградено цврсто обѕидие со малтер. Керамија останала селска населба до крајот на антиката и не достигнала ранг на град и епископија. Во римско време (1/4 век) во југозападното подножје се раширила поголема неукрепена населба, опколена со гробишта кои се ископувани (на месностите Падарница, Ташачица, Бакалица, Слон, Поткули и др). Од една ранохристијанска базилика преостанале неколку мермерни украси.Средновековни остатоци. Обѕидието што денес се гледа на теренот потекнува од 13 и главно од 14 век. Добро е запазено. Ѕидовите се широки одвај 1—1,3 м и градени се со послаб варовен малтер. Тие се максимално вклопени во релјефот. Се потпираат на големи карпи и ја користат секоја природна пречка. Поради тоа линијата на обѕидот многу се извива и наместа е целосно искината. Се гледаат 3 ѕидни појаси: Обѕидието на акрополата, Населбинскиот дел и Надолниот појас. Според современите геохронолошки испитувања, гранитите интрудирале пред околу 300 милиони години во постарите гнајсеви, чија старост е проценета на околу 700 милиони години. Просторот на Маркови Кули, во целина, го сочинуваат поголем број импозантни грамади поврзани во две паралелни низи со правец на протегање север-северозапад, југ-југоисток, чија надморска висина постепено се зголемува од југ кон север. Двете низи грамади во северниот дел се сврзани со највисоките врвови: Златоврв (1422 м) и Липа (1392 м). Низ целиот овој масив се истакнуваат најразновидни форми во вид на врвови и остенци, столбови и запци, печурки, плочи, топки, пештерски и котлести длабнатини. Природните структури на карпите, потекнуваат од времето на консолидација на магмата која ладејќи се, лачела свероидни и паралелопипедни блокови. Низ четиридецениските археолошки истражувања, откриени се остатоци коишто укажуваат на постоење на раноантичка населба – Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни украси од една ранохристијанска базилика. Приказната за Кралот Марко според која ова кале го носи името, е главно обележје. Поради сите овие аспекти овој комплекс има огромно значење за развој на туризмот. Па, локалната самоуправа во Прилеп вложува напори да го адаптира ова кале, и да го уреди за да привлече што поголем број туристи од земјава и странство. Kарпите кои го сочинуваат ова кале се вистинско ремек дело на природата,ниту вајар виртуоз не би можел да ги изваја прекрасните, грандиозни карпи во различни форми, лоцирани на височинки и мали платоа, па чиниш во секој момент можат да се придвижат. И калето и околината дишат во свој дух, раскажувајќи ја приказната низ времињата. По смртта на кралот Марко, во 1395 година, оваа населба била заземена од турската стража, поради што животот во неа згаснал во целост. Според некои историски наоди, оваа тврдина до втората половина на XIII век и подоцна ја бранеле само 40 војници. Жителите на некогашната населба свое засолниште побарале во блиската околија. Така, во подножјето на Маркови Кули се развила населба со разретчена структура, поделена во неколку маала, секое со своја црква. Оваа нова населба од XIV век го добила името Варош, под кое постои и денес.
Исто така на локалитетот на Марковите Кули се наоѓа и Слонот ( што на некои им личел и на штрк) кој е составен од две природно споени карпи. Слонот е висок 8 метри и од него Прилеп се гледа како на дланка. Постојат и повеќе верувања дека Слонот се користел и во религиозни обреди на предците, а показатели за тоа се окилните гробови и видливите остатоци од фрескоживописот кој е сериозно оштетен. Марковите кули и населбата Варош со 77 цркви, заедно со природните раритети, се недоволно покажани природни дарови и артефакти со предиспозиција за туристичка дестинација. Камената фигура во облик на слон во подножјето на Марковите кули е една од најатрактивните во низата карпести природни реткости на комплексот заштитен од државата и претендира да биде заштитена и од УНЕСКО. Висока е повеќе од осум и широка околу пет метри.
Марковите кули се и голема инспирација многу режисери кои барале соодветна локација за своите дела. Па така на Маркови кули се снимани и следнве филмови: -“Пред дождот” – режиран од Милчо Манчевски. -“Збогум на 20-тиот век” – режиран од Дарко Митревски и Александар Поповски. -“Прашина” – режиран од Милчо Манчевски и многу други филмови. Освен инспирација Марковите Кули нудат и можност за културни манифестации и можност за спортување. По шестти пат на локалитетот „Камена баба“ на Маркови кули беше одржан меѓународниот болдер маратон на кој учествуваа над 100 вљубеници во овој спорт од Македонија, Франција, Словенија, Хрватска, Полска, Бугарија, Грација, Албанија и Русија.
Поетско Маркукуле кое секоја година зазема се поголем замав и повеќе учесници, на кој освен македонски учесници има и од Словенија. Оваа манифестација на стартот замислена како ревијално дружење на сите љубители на пишаниот збор од година во година содржински се збогатува и прераснува во своевиден мултимедијален настан кој ќе претставува уште едно драгоцено камче во духовниот мозаик на Прилеп.
Krali Marko Ultra Trail е нова трка во Македонија која од 2012 година влегува во светскиот тренд на таков вид на трки кај нас. Се одвива низ падините и планините околу градот Прилеп со должина од околу 60 километри. Целиот концепт е многу поразличен од класичните маратони и главно се одвива на планински терени каде што се искачуваат високи надморски висини, стрмен терен и многу голема психофизичка подготовка е потребна за таков вид на трка. Должините на тие ултра маратонски трки се сметаат за врвот во спортот поради нивната должина која достига до дури цели 170 километри.

Извори:
• http://www.okno.mk
• http://prilep.net/
• http://kajgana.com/
• http://www.patokazmagazin.com.mk/
• http://mk.wikipedia.org/
• http://www.gomacedonia.com
• http://www.360macedonia.com/
• http://www.kralemarko.org.mk/
• http://www.makedonskibiser.com.mk/

Подготовка:
Билјана Бабаноска

Оваа статија е прочитана 11305 пати!

Објавено од:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger