Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Вселена, Географски вести » Само во нашата галактика има неколку милијарди планети слични на Земјата

Само во нашата галактика има неколку милијарди планети слични на Земјата

10.11.2013

Користејќи податоци од вселенскиот телескоп на НАСА „Кеплер“, астрономи од калифорнискиот универзитет „Беркли“ процениле дека само во нашата галактика постојат неколку милијарди планети со големина на Земјата, кои лежат во таканаречената „потенцијална зона на живот“. Астрономите немаат видено ниедна од тие планети, а до својот заклучок дошле користејќи ги досегашните откритија на „Кеплер“ и компјутерскиот модел (симулација) на планетите во Млечниот Пат. На тој начин пресметале дека околу 1/5 од планетите во Млечниот Пат личат на Земјата. Со оглед на тоа дека во Галактиката има околу 20 милијарди ѕвезди слични на Сонцето, бројот на потенцијално „населиви“ планети бил сведен на десетина милијарди. Истражувачите, секако, предупредуваат дека тоа сеуште не значи дека на тие планети има живот. Некои би можеле да имаат густа атмосфера, чија површина би била толку топла што молекулите, како што е онаа на ДНК, не би преживеале. Други пак, може да имаат карпеста површина, погодна за задржување течност. Дури и да е така, бројот на планети со погодни услови за живот или на кои веќе има некакви форми на живот, веројатно преминува една милијарда и тоа само во нашата галактика. Ако се земе во предвид дека во вселената постојат стотици милијарди галактики, од кои околу 20% се спирални како нашата, бројот на потенцијално населиви планети или планети на кои веќе има живот сигурно е огромен. Сепак, дури и најблиските планети слични на Земјата, од денешна перспектива се на незамисливо огромни растојанија. Така, се смета дека најблиските неколку планети со голема сличност на Земјата се на оддалеченост од 10-20 светлосни години, а тоа растојание, со најбрзите денешни вселенски летала (околу 20 км/сек.), би се поминало за фантастични 200.000 години. Така, според проценките, барем во идните неколку векови тешко дека ќе може да посетиме некоја од тие планети (повеќе на оваа тема прочитајте во статијата Дали сме сами во Вселената?).
Инаку, главната цел на „Кеплер“ е да одговори на прашањето: кога ќе го погледнете ноќното небо, колку од ѕвездите што ги гледате имаат планети што личат на Земјата и притоа ќе имаат и соодветна температура, така што водата нема да ја претвораат во мраз или во пареа. Зашто, нели, водата е предуслов за живот. Инаку, „Кеплер“ досега откри вкупно 3.538 планети-кандидати, од кои повеќето се помали од Земјата.

Извор: www.dailymail.co.uk/sciencetech

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2291 пати!

Автор:

Од категорија: Вселена, Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger