Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Глобализацијата, Хотелиерството, Цунамито и Шри Ланка

Глобализацијата, Хотелиерството, Цунамито и Шри Ланка

21.12.2013

Зафаќајки го секој дел од општеството, глобализацијата неминово се јавила и на полето на туризмот, во случајов на полето на хотелиерството. Наспроти веќе познатите стандарди, услови, закони и многу други работи кои ги постави глобализацијата за полесно препознавање и доказ за квалитет на светски познатите мултинационални хотелски корпорации заради остварување на поголем профит во „егзотичните“ туристички дестинации, маргинализирано останува прашањето за тоа како е дојдено до изградба на „тој хотел во таа дестинација“. Па така, во рамките на овие глобални турбуленции се најде и Шри Ланка која стана дел од игрите на овие големи корпорации.

Шри Ланка е островска држава со целосен назив Демократска Социјалистичка Република Шри Ланка, која се наоѓа во Јужна Азија веднаш до индискиот потконтинент. Во поглед на туризмот, Шри Ланка, се повеќе се препознава како атрактивна дестинација за луксузниот и сафари туризмот, а во 2010 година учеството на терцијалниот сектор во БДП изнесувал 60%. Иако до 2009 година земјата ја посетувале помалку од 500,000 туристи годишно, делумно поради граѓанската војна која траела 25 години и 9 месеци (23 Јули 1983 – 18 Мај 2009), што на еден начин ги одбивало странските инвестиции, во 2012 година, оваа земја, ја посетуваат повеќе од 1 милион туристи, а според планот на Владата се очекува до 2016 година да ја посетат повеќе од 2,5 милиони туристи.

Карактеристично за оваа островска земја е тоа што се наоѓа на територијата на т.н. „огнен пацифички појас“ што ја прави подложна на поголем број земјотреси и цунами бранови. На 24 Декември 2004 година Шри Ланка била погодена од најразорниот цунами бран некогаш виден во нејзината историја. Проценките укажуваат на околу 37,000 загинати за време на цунамито и пост цунами периодот, оставајќи многу повеќе бездомници и општ хаос. Источните и југозападните крајбрежни делови претрпеле најголеми последици, односно оние региони каде што најбројно било рибарското население – важно за микро-економијата на земјата и единствената егзистенција за овие луѓе. Веднаш по катастрофата, владата почнала да ги убедува богатите земји за нејзините „либерални“ идеи, иако претседателот на тогашните избори бил избран поради неговата анти-приватизациска политика. Четири дена по ударот владата изгласала закон за приватизација на водата, план на кој жителите се спротиставувале многу години. Потоа следел законот за поделба на државната електро компанија. Иако луѓето во минатото се спротиставувале на овие планови, во време на катастрофа, општ глад, незнаејќи како ќе се прехранат во иднина, не биле во можност повторно да се спротистават, така што владата продолжила со својот план. Кога се нормализирала состојбата, владата формирала „тампон зона“ која официјално била безбедносна мерка со цел да се спречи уште една катастрофа ако дојде до повторен цунами удар. На тој начин на рибарите им било забрането да си ги обноват куќите, поради „безбедносните“ мерки, но им било дозволено да градат 200 метри од плажата, земја која веќе била зафатена (до пред цунамито 80% од земјиштето припаѓало на државата). Од овие мерки биле изземени хотелиерите кои своите активности ги објаснувале како „поправки“. „Тампон зоната“ била повеќе од изговор на владата да го направи тоа што сакала пред цунамито (според проектот „Regaining Sri Lanka“) – да ја исчисти плажата од рибарите. Иако егзистенцијата на рибарите зависела од уловот, односно да се прехранат нивните семејства, според Светската Банка тоа не придонесувало за економски раст, а земјата каде што биле нивните колиби требала да се искористи за остварување профит. Сето ова официјално било потврдено во печатот во кој се појавил документ со наслов „План за развој на ресурсите во заливот Аругам“. Планот предвидувал целосно расчистување на плажата и трансформација од рурална средина во преубав крајбрежен град, со ексклузивна „шопинг туризам“ понуда, хотели со пет ѕвезди, луксузни еко-туризам бунгалови во кои ноќевање e 300$ и.т.н. Објавувањето на овој план предизвикал големо незадоволство проследено со протести. Така додека бирократите се расправале за проектите, преживеаните ја чекале помошта во бегалските кампови, далеку од океанот.

Инаку, Универзалната Декларација за Човекови Права (1948 год. – Universal Declaration of Human Rights – UDHR), од перспектива на природни катастрофи, го штити правото на секоја личност за социјална сигурност во можностите на економските, социјалните и културните права (Oдредба 22). Програмата за Акција на Светскиот Самит за Социјален Развој (UN Declarations and Plans of Action – POA) ги поставила принципите за одржлив развој во рибарскиот сектор а тие се:

1. Препознавање на традиционалите права на рибарите во национален контекст.
2. Зголемување на приходот и разновидност на активностите за да се зголеми продуктивноста кај сиромашните лица и сиромашните комуни, вклучувајки ги рибарите.
3. Промовирње шеми за економски развој меѓу различни групи, вклучувајки го и рибарството, за да се згоголеми вработеноста.

Придржувајки се на Актот за Заштита на Животната Средина (Envirnonmental Protection Act) oд 1986, владата на Индија го донесе Актот за Регулација на области во Крајбрежјето (Coastal Regulation Zones Act) во 1991 кој го регулира развојот во чувствителните крајбрежни зони по целиот Индиски брег. Оваа регулатива ја штити егзистенцијата и активностите на рибарите и другите крајбрежни заедници. Со овие регулативи рибарите биле задоволни, но по цунамито Владата предложила да се усвои Одредбата за Управување на Бреговата Зона (Coastal Zone Management), со што се заменила претходната регулатива, и не гарантирала за правата и пристапот на крајбрежните заедници со што ја загрозила егзистенцијата на традиционалните рибарски работници.

Проблеми со кои се соочувале рибарите по цунамито:

1. Најголемите проблеми со кои се соочуваа ситните рибари во периодот пред цунамито (одземање на уловените риби, намалените пристапи и права на лов во океанот како и на земја, промената на контекстот на трговија, маргинализацијата на жените и сиромашните, зголемената капитализација и трошоците на работење) не беа вклучени во програмите за егзистенција и поддршка по цунамито, а некои од овие проблеми дури и се влошиле благодарение на новите програми.
2. Рибарите и работници добиле многу помало внимание од создавачите на полиси кои биле повеќе фокусирани на приватизација и зголемување на инвестиции за поголем економски развој.
3. Промените во макро-економската политика имаа негативно влијание врз локалните и „малите“ рибари.
4. Полисите продолжуваат да го игнорираат постењето на локалното рибарско население и нивните права во крајбрежните области.
5. По цунамито, отуѓувањето на рибарите од нивните живеалишта и рибарски места се зголеми, можеби заради нивна лична безбедност и егзистенцијалната поддршка, но и да се направи простор за приватни инвестиции, како на пример туризмот.

Останува прашањето што ли ќе се случи со Филипините по тајфунот во ноември 2013 година, секако доколку досега не била вклучена во овие глобални трендови…

Извори:

Tsunami Disaster in Sri Lanka, T.J. Helgeson, 2005
Fisheries-Based Livelihoods in the post-tsunami context, PEOPLE’S REPORT, India, the Maldives, Sri Lanka & Thailand
http://www.statistics.gov.lk/Pocket%20Book/chap14.pdf
http://www.ram.com.lk/other_pdf/Hotel-Sector-Report-2011-2.pdf
Wikipedia.org
http://med.gov.lk/english/?p=19110
Шок Доктрина, подемот на капитализмот на катастрофите, Наоми Клеин, 2011

Подготвил: Петар Киприновски – Студент на ПМФ – Туризам

Оваа статија е прочитана 4087 пати!

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger