Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Активности » Во саботата одржан стручен семинар за наставниците по географија од Република Македонија!

Во саботата одржан стручен семинар за наставниците по географија од Република Македонија!

17.03.2014

seminar2Согласно планираните програмски активности, на 15 март 2014 година (сабота), Претседателството на Македонското географско друштво (МГД) организираше еднодневен стручен семинар за наставниците и професорите по географија, од основните и средните училишта во Република Македонија. Семинарот се одржа во просториите на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, поточно во големиот амфитеатар на Институтот, во периодот од 10 до 14 часот. За време на семинарот, беа одржани следните предавања и презентации:

„Резултати и сознанија од научниот симпозиум со меѓународно учество „Проблеми и перспективи на ридско-планинските подрачја“ одржан во Охрид, во октомври, 2013 година“. На оваа тема своја презентација имаше проф. д-р Благоја Маркоски, претседател на Македонското географско друштво, при што накратко ги изнесе главните резултати и заклучоци од симпозиумот, што исто така се одржа во организација на МГД;

„Софтверски пакети во наставата по географија“, тема презентирана од д-р Ивица Милевски. Особено внимание при излагањето, беше посветено на широко застапените софтверски пакети, кои можат или наоѓаат голема примена во наставните и практичните аспекти на географијата (Microsoft ICE, IrfanView, Google Maps, Open Street Maps, Booking.com);

seminar4„Карактеристики на Алпите со осврт на освојувањето на Мон Блан и Матерхорн“, тема презентирана од Александар Кирковски, дипл. проф. по географија. Темата беше доста интересна поради личните и непосредни сознанија на предавачот, кој минатата година се искачи (всушност веќе по трет пат) на највисокиот врв во Европа (Мон Блан), а за прв пат и на најопасниот врв во Европа, Матерхорн. Поради ваквиот извонреден успех и придонесот кон географијата, проф. Кирковски на самиот семинар, од страна на Претседателот на МГД беше награден со почесна диплома;

„Програми и содржини по географија, во основните и средните училишта во Република Македонија“, со презентација од Ивица Гиевски, дипл. географ и советник во Бирото за развој на образованието на РМ. Освен програмите и содржините, беа презентирани и одредени постапки и резултати од екстерното тестирање по географија, а во дискусијата учествуваа повеќе наставници.

Треба да се напомене дека овој семинар беше доста посетен со над стотина наставници и професори речиси од сите делови на Република Македонија. Интересот и вниманието кон презентациите беа на високо ниво, а воедно настанот беше одлична можност за дружење, размена на информации, контакти, идеи и искуства. Покрај тоа, беа изнесени некои видувања и проблеми во наставата по географија, тековни работи, подготовките за општинските и државниот натпревар и слично. Во секој случај, според мислењата на наставниците, семинарот потполно ја оправда и исполни својата цел.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1447 пати!

Автор:

Од категорија: Активности

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger