Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Кратово – град на средновековни кули и мостови

Кратово – град на средновековни кули и мостови

17.03.2014

Градот Кратово, кој се наоѓа на западното подножје на Осоговските Планини (или т.н. Лисечка Планина) е познат како еден од најстарите „живи“ градови на Балканот. Има уникатна положба и архитектура, а особено плени со своите кули и мостови. Тие зборуваат за богатото минато на градот, но укажуваат и за неговата моќ, бидејќи се проценува дека во својот максимум, некаде околу 17-тиот век, Кратово имало речиси 50.000 жители! Во тој период претставувал еден од главните рударски центри на Балканот, заради што османлиите му обрнувале големо внимание. Инаку, низ градот поминуваат неколку реки: Манцева Река, Баба Карина Река и Табачка Река, кои се спојуваат во центарот на Кратово и ја формираат Кратовска Река. Во летниот период, овие рекички се речиси без вода, но за време на посилни врнежи, стануваат вистински порои и носат се пред себе. Заради тоа, уште од стари времиња, во Кратово биле изградени повеќе мостови, а се смета дека вкупно имало 17 мостови. Денес на Кратовска Река се сочувани 4 камени и еден дрвен мост, како и еден бетонски. Сите кратовски мостови се фундирани на карпеста основа. Како главен градежен материјал бил користен каменот од вулканско потекло, кој во овој простор го има во изобилство. Челните ѕидови и речните крајбрежни столбови кои се директно изложени на ударот на водата, се ѕидани од тврд тешко распадлив камен, сводовите биле изведувани од делкан камен со ќошиња кои биле мошне прецизно изработени. Оградите на сите мостови се ѕидани од камен, а одозгора се покриени со плочи. Кратовските мостови преставуваат соодветен израз на градителството во турскиот период кај нас. Со обнова на занаетчиството и трговијата во 19 век, во градот се појавила потреба за изградба на нови мостови. Неколку најпознати мостови се подигнати токму во овој перид: Радин мост, Гровчанскиот мост, Радев мост, Чаршиски мост, Јокшински мост, Свински мост, Сарајски мост.

Најпрочуениот Радин мост се наоѓа на Манцева Река и подигнат е во 1833 година на две високи кули, од кои едната е висока 28, а другата 29 метри. За овој мост се раскажува потресна легенда за тоа дека во темелите жива е заѕидана Рада. Според приказната, мостот го граделе деветмина браќа, но преку ноќ, тој постојано паѓал. Затоа, една вечер се договориле која од сопругите ќе им донесе ручек утредента, таа да ја заѕидаат во темелите на мостот, верувајќи дека тој повеќе нема да паѓа. Сите браќа им кажале на сопругите утре да не им носат ручек – освен најмладиот кој заборавил. Утредента, младата Рада го зготвила ручекот и го однела на мајсторите. Како што бил договорот така и направиле. Младиот брат ги молел, ги преколнувал браќата да не го прават тоа, ја молел и Рада да му прости бидејќи заборавил да и каже, но веќе било доцна. Последната желба на младата Рада била да и ја остават десната града да си го дои малото си машко дете, која и била исполнета. Од тогаш до ден денес се прераскажува легендата за младата Рада, која е заѕидана во темелите на “Радин мост” кој од тогаш наваму се нема срушено. Историските факти, пак, говорат дека мостот е изграден во 1833 година од познатиот скопски Хавзи паша. Со овој мост е поврзана и историската случка со револуционерот Јосиф Даскалов, кој бил уапсен од турскиот аскер. Тој се фрлил од овој мост за да не ја предаде организацијата, а со себе повлекол двајца турски војници. Денес, на мостот се направени мали измени од страна на општинскиот центар во Кратово со цел за подолго опстојување на самиот мост.

Грофчанскиот мост се наоѓа меѓу Сарајскиот и Чаршискиот мост, низводно поврзувајќи ја Ајдучка чаршија со десниот брег на Кратовска Река. Овој мост е еден од главните комуникациски правци. Изграден е во почетокот на 18-ти век од кратовската фамилија Грофчански, која се доселила од Мала Азија и била доста богата. Според други извори пак, овој мост името го добива по сарајот кој постоел веднаш до мостот, а бил во сопственост на богато турско семејство на ефенди Ахмед со прекар Грофчанци. Должината на мостот изнесува 30, ширината четири, а висината осум метри. Под овој мост се влегува во повеќе ходници (тунели) кои водат до блиските кули, што претставува вистинска атракција.

Чаршискиот или Царски мост официјално е пуштен во употреба во 1804 година, реновиран е во 1933 година, а денес е ставен и на грбот на Општина Кратово. Постои и денес во релативно зачувана состојба и го поврзува Шајков дуќан со стоковната куќа. И за овој мост има интересно предание. Имено, околу 1800-тата година, кога Кратово било под османлиска власт, во градот пристигнал лично царот (султанот) со својата придружба. Претходно поминал низ Штип, Злетово, Лесново и решил да го посети тогаш просперитетното Кратово. Видни луѓе, што муслимани, што христијани, го пречекале, го нагостиле со кратовски мед и вино и очекувале царот да ги праша што сакаат да направи за Кратово, за да остане царски белег дека некогаш лично тој бил во Кратово. Царот прошетал низ чаршијата, се запознал со кратовските казанџии, калајџии, ковачи, клинчари и други занаетчии. Во тие мигови покрај царот минувала средовечна жена водејќи за узда коњ натоварен со качиња сирење и урда. Царот сите ги изненадил и одлучил токму неа да ја праша каков спомен ќе посака да остане од царот за Кратово. Жената одговорила дека сака нов мост по кој ќе поминува со коњот кога ќе доаѓа од село, наместо гредоред каков постоел дотогаш. Царот веднаш отишол да го види тој Чаршиски мост (гредоред) и со страв поминал преку него за да стаса до маалото каде требало да преспие. Токму маалото кај што преспал одтогаш го носи името Царино-маало, а мостот кој наскоро се изградил бил наречен Царски мост.

Некогаш, од двете страни на Табачка Река што го сече Кратово, имало 12 кули (се спомнуваат од 12 до 17) – 5 на десната страна и 7 на левата. Од нив, денес се останати вкупно 6, од кои некои делумно, но некои и речиси целосно оштетени. Меѓу нив, особено интересни се кулата на Стеван Симиќ (порано Абедин ефенди), Хаџи Костовата кула, Емин беговата кула и други. Историски податоци што попрецизно ќе го датираат градењето на кулите, не постојат. Според одредени научни мислења, се смета дека времето на нивното настанување е пред доаѓањето на Турците, но повеќемина истражувачи се согласуваат дека тие се градени во периодот на турското владеење, потпирајќи го своето трвдење врз нивната архитектура и декоративните елементи. Кулите се ѕидани од малтер и полуклепан камен, при што за прозорците, вратите, скалилата и ќошевите е употребен камен со подобра обработка. Внатрешноста на кулите е поделена на 3 или 4 ката, од кои горните се со по еден балкон и одделенија за живеење. Прозорците, заштитени со железни решетки, се разликуваат меѓу себе. Во долниот дел тие се потесни и издолжени, додека во погорните простории тие се пошироки. На кулите, за заштита, биле изградени стражарници, оградени однадвор со камени штитови и со мали отвори. Меѓу позачуваните кули во Кратово е кулата на Стеван Симиќ, порано на Абедин Ефенди. Подигната е на четири ката со повеќе отвори и балкони на најгорниот кат. Првиот кат е на висина од три метри. Влезната врата е дрвена. Овој кат има едно одделение и тоа е најмало заради дебелината на ѕидовите, што во овој дел од кулата се најдебели. Вториот кат е поврзан со првиот преку скали. Одделението на овој кат е малку пошироко а подот бил поплочен. Третиот кат е посветол од првите два бидејќи прозорците се пошироки и одделенијата поголеми. Подот е поплочен со еднообразни плочи. На источниот ѕид се наоѓа огништето. Од третиот за четвртиот кат водат дрвени скали. Овој кат е со две одделенија кои се најпогодни за живеење. Куполата на четвртиот кат е изведена со обработен камен. На западниот ѕид се вградени долапи за постелнина и други предмети. Во близина на Хаџи Костовата и Крстевата се наоѓа Емин Беговата кула. Како и другите и оваа кула во основата е правоаголна, а во висина достига 12 метри. За разлика од Симиќевата, кулата на Емин Бег има приземје и два ката. Меѓу катовите постои дрвена меѓукатна конструкција, а вториот кат е со купола. Начинот на градењето е како и кај другите кратовски кули. Од Хаџи Костовата кула се зачувани приземјето и дел од првиот кат, другото било урнато во 1929 година. Во 1957 година на остатоците од оваа кула извршена е конзервација. Во основата кулата е правоаголна, градена е од ист материјал како и останатите кратовски кули.

Наведените и другите кули и мостови се вистинска туристичка атракција и имаат непроценлива вредност. Меѓутоа, без соодветни сместувачки и угостителски капацитети и други услуги, вистинската вредност на овој град не може да се валоризира и тој ќе остане на страна на туристичките рути. Сепак, во последно време охрабрува реновирањето на хотелот Кратис, отворањето на повеќе ресторани, уредувањето на речните корита, уредувањето на неколку традиционални куќи за прием на туристи и бројни други активности. Сепак, неопходно е добро осмислување на туристичките активности на овој простор, бидејќи навистина има што да се види во радиус од само 10-20 км околу градот.

Извори: 

  • http://popara.mk/2012/patuvanja/vikend/srednovekovni-kuli-i-mostovi-kratovo/
  • http://www.islamska-zaednica.com/forum/topic/3807
  • http://www.marili.com.mk/web/Cont.asp?ID=1586
  • http://www.vecer.com.mk/?ItemID=0FB888969F21764B9FAA924447FEC142


Подготвил:
д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4303 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger