Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог » Посета на преубавата планина Кожуф

Посета на преубавата планина Кожуф

19.03.2014

Како што е познато, Македонија има голем број планини, од кои повеќето се „сочувани“, чисти, со разновидни природни богатства, шуми, реки, пријатна клима и други атрактивности кои ги привлекуваат посетителите. Затоа, некои планини се веќе ставени во туристичката понуда и се доста посетени, други пак сега почнуваат да ги привлекуваат туристите, а некои сеуште не ја доживеале својата вистинска валоризација. 

Една од планините која што во последниве години има зголемена посетеност е планината Кожуф. Кожуф е една од 13-те планини во Република Македонија повисоки од 2000 метри. Се наоѓа во јужниот дел на нашата држава, долж границата со Грција. Кожуф од Скопје е оддалечен околу Камени кукли200 км, од Солун 120 км, а од Гевгелија само 20-тина км. До внатрешните и највисоки делови на планината (до скијачкиот центар „Кожуф“) води тесен, но убав асфалтен пат, кој преку зима често е завејан и со бројни одрони и свлечишта, поради што треба внимателно да се вози. Освен овој пат кој тргнува од Гевгелија, северните и западните планински делови се пристапни преку живописниот, авантуристички асфалтен пат кој тргнува од Кавадарци и преку Витачево се спушта до Конопиште и Мрежичко. Инаку, Кожуф е издолжен 30-тина км во правец запад-исток, а зафаќа вкупна површина од 550 км кв. Највисокиот врв е Зеленбег со 2166 метри, по што е 10-та планина по височина во Македонија. Освен Зеленбег, на Кожуф има уште 7 врвови повисоки од 2000 метри: Пиновон, Дудица, Порта и др. Сите се заоблени, пристапни и лесни за искачување. Од нив се протега прекрасен видик, особено кон територијата на Грција, а кога е ведро и чисто време, се гледа и дел од Солунскиот Залив. На северните падини под највисоките врвови можат да се забележат неколку фосилни циркови и валовски долини кои сведочат за постоењето на плеистоценските глечери во вој простор. На западните и северните делови на Кожуф има извонредно сочувани остатоци од некогашните вулкани, додека кај селото Хума на исток е присутна мала, но интересна карстна зарамнина со неколку пештери и карстни форми.
Климата на Кожуф е многу интересна, бидејќи овде се меша влијанието на медитеранската клима од југ и умерено-континенталната од север. Затоа на самиот планински гребен се јавуваат нагли временски промени, понекогаш за само половина час, така што времето може вистински да изненади. Во високите планински делови, преку зима навејува големо количество снег, но истиот не се задржува многу долго. Веќе во април, снегот може да се види само на неколку сосема мали осојни површини над 1800 м височина. Во лето, климата е пријатна, воздухот чист, свеж и не многу студен, така што имаме чувство дека сме во вистинска „воздушна бања“. Непосредно под високите врвови на Кожуф се изворите на повеќе реки, како што се: Дошница, Бошава, Блаштица итн. Изворот на реката Дошница е под врвот Зеленбег и со оглед на тоа што до вливот во реката Вардар нема некој поголем извор на загадување, таа е една од најчистите реки кај нас и богата со рибa. Горните текови на реките се доста стрмни, со бројни брзаци и водопади, посебно на наведените Бошава, Дошница и Блаштица.
За посетителите доста привлечен е и богатиот растителен свет. Започнувајќи од разноврсните шуми, па продолжувајќи кон прекрасните и разнобојните планински цвеќиња, и на крај завршувајќи со лековитите растенија и билките кои ги има во изобилство и кои се употребуваат за најразлични заболувања.

КожуфНајпосетуваниот туристичкиот локалитет е Смрдлива Вода до кој се стигнува преку Гевгелија. Тој се наоѓа на 850 метри надморска височина. Станува збор за минерални извори кои своето име го добиле по тоа што водата мириса на “расипано јајце”. Нивната лековитост се состои во тоа што помагаат при стомачните заболувања, заболувањата на желудникот и бубрезите, како што е каменот, и за воспаление на мочните органи. Во овој дел посебно атрактивно е ендемичното растение т.е. зимзелено дрво “голиот човек”, кое два пати годишно ја менува својата црвеникава кора. Од Смрдлива Вода до скијачкиот центар Кожув има само 15 км. Скијачкиот центар Кожув е најмладиот во Македонија. Кожуф располага со скијачки патеки кои имаат вкупна должина од 24 км. Има и шестоседна жичарница која е произведена од австрискиот лидер за жичарници.  Овој центар е единствен во земјава кој располага со опрема за вештачки снег.

Меѓу богатствата на Кожуф се бројните и ретки минерали на западната планинска страна, настанати за време на вулканските ерупции пред неколку милиони години. Особена разновидност на минерали има кај рудникот Алшар кој е познат во светски рамки по појавите на талиум, посебно минералот лорандит – еден од најретките минерали во светот. Лорандитот се користи во научни цели за детектираање на неверојатно ситни честички т.н. неутрината кои доаѓаат од Сонцето и укажуваат на тоа што се случува во неговата внатрешност. Рудникот Алшар се наоѓа на триста метри оддалеченост од малото село Мајден. Во неговата внатрешност се влегува низ осум широки отвори во земјата. Два од осумте отвори на јамите од подземните копалишта се долги шест илјади метри со калдрма, но тие денес се многу оштетени.

Кога се во прашање сместувачките капацитети, во локалитет Смрдлива Вода има поголем број на викенд-куќи кои што нудат приватно сместување, со доста прифатливи цени во зависност од сезоната. Има и три хотели кои се наоѓаат во близина на ски центарот: “Кожув”, “Вила Грин Хаус” и “Вила Тодоров”. Собите се опремени со ТВ, бања, интернет, фрижидер и се доста модерни. По пат може да свратите и до селото Мрзенци близу Гевгелија, каде се приготвува навистина извонредна храна во преубав амбиент.

И како за крај, бидете сигурни дека пространите и бујни шуми, живописниот и извонредно разновиден релјеф, пријатната клима, чистиот воздух, планинските реки и извор, разновидната флора и фауна, ќе ве привлечат повторно да се вратите на ова место. Ова е една од најубавите планински дестинации во Македонија која ќе ве остави без здив, без оглед во кое годишно време ќе ја посетите. Посетете ја планината Кожув и дозволете му на вашето тело да одмори во една таква чиста, питома и незагадена природа.

Користена литература:
1. http://www.skikozuf.com.mk/
2. http://sitel.com.mk/mk/na-kozhuv-pronajdeno-bogato-lezhishte-na-eden-od-najretkite-minerali-vo-svetot
3. http://www.mn.mk/kultura/783
4. http://www.gevgelija-tourism.com/index.php?id=9
5. http://macedonian-hotels.mk/mk/kozuf-hotels

Подготвиле: Александра Митровска и д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2595 пати!

Автор:

Од категорија: Викенд предлог

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger