Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » (Не)одржлива туристичка манифестација – Сочи 2014

(Не)одржлива туристичка манифестација – Сочи 2014

30.03.2014

„Задоволување на нашите потреби и интереси, без да се наштети во задоволувањето на потребите и интересите на идните генерации“ претставува најопшта дефиниција за одржливиот развој. Имено, овој релативно нов поим, кој се јавува во научната литература, има за цел да ги стави во коресподенција влијанието на економијата, животната средина и социјалната сфера.

Во Париз во 1994 година, на стогодишнината од одржувањето на првиот Олимписки Конгрес, била покрената иницијатива за вклучување на одржливиот развој во рамките на Олимписките Игри, која подоцна била и ратификувана со Олимписката Повелба од страна на Меѓународниот Олимписки Комитет. Со тоа секоја држава – домаќин на Олимписки Игри е обврзана да ги почитува принципите, стандардите и целта на одржливиот развој пропишани со оваа Повелба. Така, почитувањето на овие принципи и стандарди беше една од основните цели на XXII-те зимски олимписки игри одржани од 7 до 23 февруари во Сочи, Русија.

Животна средина – Според Kонвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство (UNESCO, 1972) секоја држава членка на Kонвенцијата, вклучувајќи ја и Русија, треба да ги утврди и разграничи природните богатства кои се наоѓаат на нејзината територија. Сочи-картаНационалниот парк Сочи, кој според категоризацијата на заштитени подрачја на IUCN(International Union for Conservation of Nature and Natural Resources) спаѓа во II категорија, се наоѓа во Западен Кавказ, во јужните делови на Русија, а на 5 Мај 1983 година е прогласен за Национален Парк. „Една од нашите главни цели е да го зголемиме нивото на свест за заштита на животната средина и да ги инспирираме и другите земји да го сторат истото како Русија“ – изјавил Дмитриј Чернешенко, претседател на Организацискиот Комитет за Сочи 2014. Сепак за потребите на Олимписките Игри еден дел од законите биле прекршени или изменети. Изградбата на патот и железницата од Адлер до Краснаја Полјана, која била дел од оранизацијата на снежните настани за алпско и нордиско скијање и најскапиот проект на игрите, била во спротивност со постоечките закони. Без претходна консултација со „зелените“ здруженија, голем дел од автентичното природното наследство (шумите) е исечено, со што границите на Националниот парк се помериле. Потоа, реката Mzymta, по чија должина бил изграден патот до Краснаја Полјана, била опколена со бетонски ѕидови, голем број на мостови и станала место за исфрлање на токсични материи и отпад. Откако се измениле законите за заштита на националните паркови, повеќе од 8.000 хектари од Сочи Националниот Парк биле „исчистени“, со што изградбата на инфраструктура станала легална. Иако властите сакале да го прикријат отпадот кој бил исфрлен, сепак тони од овој отпад биле пронајдени во заштитените подрачја. За време на изградбата на инфраструктурата, бучавата која ја создавале камионите ги надминувала дозволените граници од 50 децибели во подрачјето од I степен на заштита од бучава. Тука се поставува прашањето зошто Меѓународниот Олимписки Комитет ги дозволил ваквите активности? И покрај ваквите активности руските власти сметаат дека ова се едни од „најзелените“ игри одржани досега. Како најзначајни проекти во рамките на одржливоста ги сметаат: Изградбата на онторолошки парк во долината Имертански на површина од 300 хектари, Програмата за враќање на персискиот леопард, кој беше пред истребување во регионот, Реконструирана и реновирана 800 метри еко патека по кањонот на реката Псакхо, Градина за одгледување на ретки и загрозени видови на дрвја и грмушки во Западен Кавказ, иако голем дел од нив биле претходно уништени, Газпром заедно со резерватот за биосфера Кавказ покренале проект за заштита на брегот на реката Achive, Реставрација на хидролошкиот систем, еко системите и пејсажот по долината на реката Mzymta, Калкулација и минимално влијание на јаглеродот, стаклените честички, во текот на подготовките на игрите. Како најзначајна одржлива цел била „Зачувување на уникатната природна средина во Сочи, вклучувајќи го Националниот Парк и резерватот за биосфера Кавказ“.

Економија – Иако првично се планирале 12 милијарди долари, трошоците за игрите во текот на подготовките се зголемиле на 51 милијарда долари со што тие станале и најскапи олимписки игри во историјата. Се претпоставува дека трошоците пораснале за четири пати повеќе поради тоа што игрите се одржувале на простор кој не располагал со соодветна инфраструктура за одржување на игрите, односно 85% од сегашната инфраструктура не постоела. Економистите сметаат дека Олимпијадата најмногу ќе влијае на економскиот раст во регионот околу Сочи, додека влијание врз макроекономијата нема да се забележи, која во 2013 година бележела раст од само 1,3%. Всушност, средствата потрошени за Олимпијадата учествуваат со 2,4% во БДП на Русија кој изнесува 2 трилиони долари. По завршувањето на игрите, според властите, Сочи би требало да прерасне во монденско место кое ќе привлекува голем број на туристи. Сепак русите повеќе преферираат да одат на одмор во Египет или Турција, а пак Азурниот брег, Цветната ривиера и Шпанските острови се најголемата конкуренција на Сочи. Владимир Тикхомиров, главен екномист на корпорацијата Otkritie, вели дека чудно би било да се очекуваат странски туристи во регионот кога домашните сеуште не се заинтересирани за овој крај. Русија оствари 14 поголеми проекти, вклучувајќи го главниот стадион и 4 ски одмаралишта, 19,000 хотелски соби, 260 км патишта, 200 км железница, 54 мостови и 22 тунела, на кои работеле повеќе од 74,000 работници. Овие игри ги потресоа повеќе големи скандали, вклучувајќи го и оној за корупцијата, кои довеле до покачување на трошоците. Обвинувањата оделе на сметка на претседателот Валдимир Путин нагласувајќи дека тендерите за изградба на инфраструктурата се делеле на големи моќници блиски до претседателот, со што овие игри се нарекуваат уште и „Путинови“ игри. Веднаш по добивањето на организацијата на Игрите, Путин изјавил дека основната цел е да се покаже моќта која ја поседува Русија и да се врати угледот на земјата на меѓународна сцена. Колку за споредба, за Летните Олимписки Игри во Лондон во 2012 година биле потрошени 14,6 милијарди долари, а профитот изнесувал 52,8 милиони долари.

Социјална сфера – Најголемо внимание во меѓународната јавност предизвика донесувањето на неколку дискриминаторски закони кои биле насочени против хомосексуалците. Голем број на интелектуалци и државници, од западните земји, ги осудиле овие законски акти, а најавувале и бојкот на Олимписките Игри. На крајот се се завршило само со неприсуство на одреден број на државници на отварањето на Игрите. Самата најава од можни терористички напади и самоубиствените напади во Волгоград, во кои загинаа неколку луѓе, влијаело на донесување одлука за дополнителни безбедносни мерки кои претставуваа дополнително оптоварување во буџетот наменет за Игрите. Прашањето во однос на безбедноста ескалирало за време на посетата на Саудискиот принц Басар бин Султан, шеф на разузнувачките и безбедносни служби на Саудиска Арабија, кој отворено се заканил дека ќе ги помогне исламистите во рускиот дел на Кавказ за саботирање на Игрите доколку Путин не ја промени политиката на Москва во однос на сирискиот конфликт. Овие разговори завршиле неславно, а саудиската делегација била избркана од Москва. Замолчувањето на луѓето од страна на руските власти кои јавно го критикувале начинот на организирање на Игрите добил големи размери. Поранешниот извршен директор на организацијата за заштита на природното наследство во Северен Кавказ, Suren Gazarayan, избегал од земјата и денеска живее во егзил, додека пак еден од геолозите на организацијата бил осуден на три години во т.н. казнена колонија. Сметките на организацијата биле замрзнати, па така најголемиот дел од времето организацијата го поминало во борба за да опстане, наместо да продолжи со критиките за Игрите. Yevgeny Vitishko, Igor Kharchenko и Yulia Naberezhnaya кои биле дел од „енвироменталистите“ исто така биле уапсени од властите поради неосновани причини од типот на нарушување на јавниот ред и мир. Од друга страна, пак, властите за најважни цели од областа на „Културни и Национални вредности“ ги сметаат: Патриотизмот и чувството на национална гордост, Помош за одржување на културните разлики, Обезбедување на пристап до културните настани и Одржување на културното наследство.

Иако со Олимписките Игри се отвориле привремени работни места, можности за волонтирање и потенцијален локален економски просперитет на краткорочен и долгорочен план, сепак остварувањето на целта од страна на државата не бирало никакви средства.

Извори:

  • Димитровска О. (2012): Заштита на животната средина (за туризмолози), Скопје
  • www.wikipedia.org
  • www.olympic.org
  • www.sochi2014.com
  • http://whc.unesco.org/en/list/900
  • www.greengrants.org
  • http://www.theguardian.com/environment/2014/feb/12/sochi-environmentalist-jailed-painting-fence-revenge

Подготвил: Петар Киприновски, Институт за географија-ПМФ, насока туризам.

Оваа статија е прочитана 3604 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger