Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Улуру – Црвениот бисер на Австралија

Улуру – Црвениот бисер на Австралија

2.04.2014

Улуру или Ајерс Рок е голема песочно-карпеста формација во јужниот дел на Северната Територија во Централна Австралија. Појавата е познатa уште како црвениот центар на Австралија. Оваа песочна формација се наоѓа на 350 км југозападно од најблискиот поголем град Алис Спрингс, на надморска височина од 863 метри. Улуру и нејзината сестринска формација Ката Тјута позната како „Планината Олга“ се двете најпознати карактеристични формации во Улуру-Ката Тјута Националниот парк и се свети места на домородното Абориџинско население. Затоа всушност се наоѓа на Списокот на светското и културно и природно наследство на УНЕСКО.
Името Улуру доаѓа од локалното население и колку што е познато, нема некакво значење. Во 1873 година, Вилијам Гос го преименувал местото во Ајерс Рок. Улуру претставува едно од најпознатите природни обележја на Австралија. Височината на формацијата изнесува 348 метри, обемот 9,5 км, должината 3,6 км, широчината до 1,9 км, а површина 3,33 км кв. Улуру и блиската формација Ката Тјута имаат големо влијание врз домородното население и претствуваат туристичко место кое годишно го посетуваат околу 400.000 туристи. Се претпоставува дека Улуру и Ката Тјута имаат слично потекло, иако нивниот состав е различен. Според досегашните сознанија од геолошките истражувања, двете формации се стари околу 550 милиони години. Една од карактеристиките на Улуру е неговата хомогеност, без вдлабнатини, пукнатини, падови и сл.
Геолошкиот состав на Улуру главно е претставен од аркоза (седиментна карпа која е составена од кварц и фелдспати) и конгломерати. Просечниот состав е 50% фелдспати, 25-30% кврац и околу 20% карпести фрагменти. Повеќето фелдспати се К-фелдспати со мали плагиокласи како малечки зрнца со големина од 2-4 мм со кружна форма. Во Урулу се среќаваат и остатоци од базалт и гранит. Кога е времето е облачно, бојата на формацијата Улуру е сива, но во зависност од атмосферските услови, поради присуството на железо, бојата преку денот се менува во нијанси на црвено-кафеава. Според тоа како е таложен, седиментниот материјал веројатно настанал со помош на акумулација од реките т.е по природа е флувијален. Аркозата во Улуру или Ајерс Рок е со приближно иста старост како конгломератот на Ката Тјута, што сугерира дека и двете формации се создадени во ист период и покрај тоа што составот на карпите не е ист. Првично, формациите биле нанос од песок и камења во вид на плавини. Пред околу 500 милиони години, територијата на централна Австралија била прекриена со море, така што нови количини на песок се таложеле на морското дно прекивајќи ги плавините. Тежината од наталожените морски материјали, вршела силен притисок на плавините, постепено претворајќи го песокот во песочник (Улуру), а камената плавина во конгломерат (Ката Тјута). Пред околу 400 милиони години водата се повлекла, а морското дно станало сува површина. Подоцна со помош на ерозијата, помеките карпи биле однесени, а на површината останале само поцврстите делови од кои се состојат денешните формации. Денес, самите формации се под дејство на ерозија од силните пустиски ветрови, високите дневни и ниските ноќни температури, како и врнежите од дожд во текот на годината.
И покрај тоа што се наоѓа во пустина, Улуру и неговата околина се дом на голем број растителни и животински видови поради што е прогласен за национален парк. Истиот привлекува и импресионира голем број туристи и претставува вистински црвен бисер на Австралија кој заслужува поголемо внимание и заштита. До Улуру може да се пристигне со воздушен пат од градовите Перт, Дарвин, Кернс, Бизбејн, Сиднеј, Мелбурн и Аделаид или по автопат од градот Алис Спрингс.

Извори:
– http://en.wikipedia.org/wiki/Uluru
– http://www.parksaustralia.gov.au/uluru/people-place/landscapes.html
– http://www.ayersrockresort.com.au/geology/
– http://www.atn.com.au/nt/south/uluru.htm
– http://uluru-australia.com/about-uluru/uluru-facts/

Подготвил: Арсе Кузманоски, ИГ, насока ГИС
Стручна корекција: д-р Ивица Милевски

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*