Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог, Чудесна Македонија » Вевчанските природни планински езера

Вевчанските природни планински езера

Планината Јабланица (Црн Камен, 2257 m) се наоѓа во крајниот југозападен дел на Р.Македонија, односно северозападно од Охридскиот Басен, помеѓу Охридската и Дебарската Котлина. Во рамките на границите на нашата држава се наоѓаат источните делови на истоимената планина, а нејзините западни делови припаѓаат во границите на соседната Р.Албанија.ЕЗЕРА НА ЈАБЛАНИЦА

На источната страна на оваа наша убавица, покрај многубројните природни карактеристики и реткости со кои изобилува, се наоѓа и населбата Вевчани во чиј атар се наоѓаат повеќе значајни хидролошки објекти како што се: Вевчанската Река, потоа едни од позначајните извори во Р.Македонија, односно Вевчанските Извори, вештачкото езерце во рамките на излетничкиот локалитет ,,Јанков Камен‘‘ и други, а секако, тука се вбројуваат и двете постојани природни планински езера, т.е. Големото Вевчанско Езеро (или како што месното население ја нарекува Вевчанската Локва) и Малото Вевчанско Езеро за кои, пак, ќе стане збор во продолжение.

Исто така, на планината Јабланица, покрај веќе набројаните, опстојуваат и други езера како што се: Подгоречките и Лабунишките Езера, а забележани се и повеќе езерски базени (некои со повремен карактер, а неколку езера се водат и како исчезнати).

Големото и Малото Вевчанско Езеро се наоѓаат во високопланинските делови на планината Јабланица, во изворниот дел на Вевчанска Река. Тие меѓусебно се разликуваат по повеќе особености како на пример, начинот на постанок на езерскиот базен, нивните морфометриски и хидрометриски особини и сл.

Големото Вевчанско Езеро се наоѓа на запад од истоимената населба, на источната планинска страна на Јабланица, во непосредна близина на македонско-албанската граница. Ова езеро лежи југоисточно од највисокиот планински врв на Јабланица – Црн Камен (2257 m), а неговите координати се 41° 14′ 23″ СГШ, 20° 32′ 17″ ИГД.

Базенот на Големото ВевчансGolemo Vevcansko Ezeroко Езеро е настанат за време на плеистоцен (кога високите планини во Р. Македонија биле зафатени со планинска глацијација), односно за време на последниот вирмски глацијал кога под дејство на ерозивнте глацијални процеси е создаден простран цирк. Самото езеро е настанато всушност во постглацијалниот период во преиздлабениот дел на вевчанскиот цирк.

Неговата апсолутна надморска височина при апсолутно максимално ниво на езерската вода според Василески Д. (2008) изнесува 1993.3 m, а при минимално ниво на езерската вода таа изнесува 1983 m. Површината на езерото, пак, варира во зависност од нивото на езерската вода и при ниско ниво на водата (1983 m) таа изнесува 7.697 m2. Најголемата должина на езерото се јавува во правец југозапад-североисток и таа, при минимално ниво на езерската вода, изнесува 151 m, а  најголемата широчина при истото ниво на езерската вода изнесува 64 m. Длабочината на ова езеро при минимално ниво на езерската вода изнесува 3.64 m, а при апсолутно максимално ниво на езерската вода изнесува 13.9 m.

Езерото се полни преку подземен доток на издански води, потоа од врнежите и топењето на снеговите и др., а водата ја губи преку испарување,  потоа, преку подземно истекување и преку површинско истекување. Температурата на водата е различна и во летните месеци може да се забележи површинска вредност од 16.6°C до 22°C, а одејќи во длабочина таа вредност се намалува. Во текот на зимските месеци езерото целосно површински замрзнува. Бојата на езерото, во зависност од повеќе фактори може да има сино-зеленкаста или сиво-зеленкаста.Vevcanska Lokva

Малото Вевчанско Езеро се наоѓа западно од населбата Вевчани, односно североисточно од Големото Вевчанско Езеро, на источната страна на планината Јабланица. Неговата надморска височина изнесува 1830 m, а неговите координати се 41° 15′ 06″ СГШ, 20° 33′ 00″ ИГД. За разлика од Големото Езеро, пак, Малото Вевчанско Езеро е настанато со сурнување на пештерска таваница, односно по нејзиното сурнување создадена е природна вдлабнатина која подоцна е исполнета со слатка вода.

Езерото е ориентирано во правец југ-север и во истиот правец неговата најголема должина е 17.7 m, а неговата најголема широчина изнесува 14.6 m. Езерото има приближно кружна форма. Неговата најголема длабочина изнесува 1.5 m, а акумулира околу 130 m3 вода, со можност за акумулација помеѓу 200 и 250 m3 вода при максимално ниво.Malo Vevcansko Ezero

Ова езеро, со вода се полни преку атмосферските врнежи, со врнежите кои се излачуваат во неговата непосредна околина, како и од водата што се добива од топењето на снегот. Езерото нема површинска истека,  водата ја губи преку испарување, како и со подземно истекување. Неговата температура во летните месеци достигнува вредност од 18.1°C, а во зимските месеци површински замрзнува. Што се однесува до бојата, езерото има жолтеникаво-зеленкаста боја.

Во однос на водостопанското значење на езерата може да се подвлече дека тие имаат полинаменско значење. Имено, водата од овие езера се користи за напојување на добиток, потоа овие води имаат научно-образовно значење, претставуваат споменици на природата, туристичка атракција и др. Она што е важно да се предочи, секако, претставуваат препораките на стручните лица за превземање на соодветни законски мерки за заштита на езерата.

Литература:

  1. Василески, Д. (2008): Планински езера на Јабланица – Вевчански Езера – Mountain lakes of Jablanica- Vevcani Lakes. Посебно издание. АД Печатница Напредок, Тетово;
  2. Колчаковски Д. (1999): Глацијален и периглацијален релјеф на планината Јабланица, Годишен Зборник на ПМФ, Институт за Географија, кн. 33-34, стр. 15-28, Скопје;
  3. Колчаковски, Д. (2006): Физичка географија на Република Македонија. Стр.: 1-273, Скопје;
  4. Стојмилов А. (1996): Глацијални езера на планината Јабланица, Геогр. Разг. кн. 31, стр. 67-78, Скопје.
  5. Фотографии 1 и 3: http://www.panoramio.com/
  6. Фотографиja 2: Лазороски Т.
  7. Автор на Карта: Стојчески Д.

 

Подготвиле:

Трајче Лазороски  и Дарко Стојчески

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, Чудесна Македонија · Tags: ,

Leave a Reply

*