Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Наставни » Теренска настава во метеоролошкиот центар Ѓуриште кај Св. Николе

Теренска настава во метеоролошкиот центар Ѓуриште кај Св. Николе

22.06.2014

3На ден 07.05.2014 година беше изведена еднодневна теренска настава за потребите на студентите од Институтот за географија, Наставна насока, Географски Информациски Системи и Демографија. Патувањето се одвиваше на релација Скопје – Ѓуриште – село Горобинци – Свети Николе – Скопје.
Најпрво беше посетена метеоролошката станица на Ѓуриште (851мнв), возвишение со два благо издигнати рида, кај народот познати како Горно и Долно Градиште, а под врвот лежат селата Горобинци и Трстеник – на југ, Сопот – на север, Преот – на североисток, Крушица – на север, Џидимирци и Дивље – на запад. Групата составена од студенти, наставнички и соработнички кадар беше претходно најавена, а врз основа на тоа и љубезно пречекана од вработените во истата. Во рамките на посетата на метеоролошката станица, која истовремено претставува и радарски центар но и една од противградобијните станици во Република Македонија. Во метеоролошкиот центар беше одржано предавање од страна на еден од вработените во врска со начинот на работа на истата, но и софтверскиот пакет со кој располаат како радарски центар. Потоа, групата се упати во едно од најголемите села во овој дел од Овчеполието, село 4Горобинци, кое лежи во подножјето на Ѓуриште, а од Свети Николе е оддалечено само 6 км. Овде на студентите им беше дадена задача да извршат демографска анкета на дел од населението во селото. Горобинци според последниот реализиран Попис на населението броело 820 жители, податок кој според теренските истражувања не отстапува многу и од сегашната состојба. Во ова типично рамничарско село, живеат трудољубиви, мирни и мошне гостољубиви жители, кои беа на располагање на студентите и несебично одговараа на поставените прашања. Патувањето продолжи кон Свети Николе, а од таму кон Скопје во доцните попладневни часови, и она што може да се заклучи е дека теренската настава беше успешно реализирана, благодарение на одличната организација но и на примерноста на студентите, кои ја искористија можноста покрај да научат нешто ново, на истата да другаруваат. Од наставниот и соработничкиот кадар во реализацијата на теренската настава учествуваа: проф д-р Михаило Зиков, проф. д-р Благоја Маркоски, проф. д-р Ристо Мијалов, проф. д-р Мирјанка Маџевиќ, проф. д-р Билјана Апостоловска Тошевска, м-р Христина Димеска, м-р Марија Љакоска, м-р Анита Тодорова.

Текст: м-р Христина Димеска
Фотографии: Благоја Маркоски

Објавено од:

Од категорија: Наставни

Leave a Reply

*