Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Кападокија – светски атрактивна туристичка дестинација

Кападокија – светски атрактивна туристичка дестинација

22.06.2014

Кападокија се простира југоисточно од главниот градот Анкара, во централна Анадолија, а со заедничко име ги зафаќа по градовите Киршехир, Кајсери, Нигде, Аксарај и Невшехир, кои зафаќаат површина од 20 илјади km². Импресивната висорамнина создадена пред повеќе од милиони години претставува таинствен и најмистичен предел кој е совршено имплициран над и под земја. Чудесата на Кападокија е ремек-дело на природата и автентична историја на човековата цивилизација. Неверојатните форми и чудесните бои на цели ридови големи карпи, со километри и километри отвораат предели кои пред силниот визуелен впечаток ги стаписуваат дури и добрите познавачи на историјата на Кападокија.
Сè започнало пред повеќе од десет илјади години како реакција на вулканските ерупции кои придонеле до формирање на големи вулкански туфи. Со пристигнување на човекот, по ладењето на вулканската лава, која зад себе ги оставила специфичните вулкански форми, претставувала основа за изградба дури и на подземни градови. Почетоците за живот на овие простори се сметаат населбите од бронзено време и остатоците од стари неолитски населби. Постојат историски докази дека во Кападокија се формирало силното Хититско Кралство кое постоело до 1.200 г.п.н.е., се додека не ја зазеле Фрижаните. Пределите на денешна Кападокија биле под власт на Медес и Персија, сè до 335 г.п.н.е., со доаѓањето на Александар Велики каде го зазема главно јужниот дел на Кападокија. По распадот на империјата на Александар Македонски, Кападокија ја преземаат Римјаните, поточно 47 г.п.н.е. Кападокија ја освојува големиот римски војсководец Цезар и во 17 г. п.н.е. станува римска држава.
До централна Анадолија се шири и христијанското учење, но бидејќи христијанството било забрането, места за богослужба вообичаено биле мали манастирски засолништа. Во 310 година, по големи граѓански немири и востанија на Римската Империја, Константин бил прогласен за император на Источното Римско Царство. Во 313 година тој го ослободува христијанството и го именува Византиум, подоцна Константинополис, денешен Истанбул, за нов главен град на Империјата. За време на неговото владеење, христијанството било толерирано и брзо се развивало преку изградба на цркви и манастири.
Во седмиот век се бележат големи настани во Византиското Царство и надвор од него. Во Арабија се раѓа нова религија наречена ислам и се шири до границите на Византиската Империја. Кај градот Кајсери во Кападокија, командант на една од армиите на калифот Омар ги поразува Византијците во 717 и 718 година и оттогаш почнува да се намалува моќта на црквата над општеството, забранети се религиозни миси, а голем број цркви и манастири се напуштени. Овој период трае се до 843 година кога повторно почнуваат да се градат нови цркви во Византиската Империја, како во Кападокија така и во долината на Ѓореме, Невшехир, Илара и Соганли. Внатрешноста на овие цркви бил декориран со сцени од Библијата. Најубавите цркви и фрески од византиската ера датираат од овој период. Изградбата на цркви продолжува се до 13 век и почетокот на Отоманското Царство. Селџук – Турците во 1071 година ја запоседнуваат Анадолија. Тогаш, уверувањата на христијаните во Византија не се ограничени. Во исти градови се градат цркви и џамии, покажувајќи ја на тој начин религиозната и културната толеранција што преовладува во овој период. Христијанската заедница во Кападокија престанува да постои по 1923 година.
Некогашните подземни градови, денес изнудуваат илјадници прашања на кои речиси нема потреба од одговор. Многу историчари и археолози констатираат дека ова било извонредно тешко да се направи со оглед на технологијата што постоела во тоа време, иако тврдат дека нема задача која човекот со својата генијалност и напорна работа не може да ја заврши. До денес никој не знае кои биле првите луѓе што ги изградиле овие подземни градови, кога тие се изградени, од каде дошле овие луѓе и која била намената на овие градови. Се разбира, има многу логични претпоставки блиски до вистината, но историјата е наука која признава само автентични докази кои мораат да бидат потврдени со научна поткрепа.
Она што може со сигурност да се каже за подземните градови на Кападокија е дека прво се копале отворите за воздух кои како своевидни канали за вентилација, се спуштале на 75 до 80 метри под површината, се до подземните води, а потоа се копале разни простории и тунели, лево и десно од отворите за воздух. Земјата била изнесувана низ овие канали и низ окната. Се претпоставува дека ископаната земја била фрлана во речните корита на околните реки кои подоцна исчезнале поради ерозија. Има претпоставки дека еден дел од земјата бил нанесуван врз вулканската лава, што било погодно за земјоделството и токму поради тоа околината е и ден денес плодна.
Повеќето од подземните градови биле изградени во места каде што била вулканската лава која е доста мека, но се стврднува во контакт со воздух. Не би било возможно да се изгради подземен град со техниката на тоа време ако теренот не бил мек. Во овие подземни градови можат да престојуваат од 15 до 20 дена над 15.000 луѓе. Се смета дека тоа го правеле првите христијани во периодот кога христијанството било забрането и морале да се засолнуваат се додека Византија не го прифати христијанството. Ова го потврдуваа ископините и присуството на црква со крст, мисионерското училиште и базен за крстење.
Во Кападокија се пронајдени над 36 подземни градови, од кои Деринкују и Кајмакли претставуваат добар пример за тоа како работи системот за циркулација на воздухот. Температурата во овие места е седум до осум степени во текот на годината, а се искачува до 13 степени во местата подалеку од окното. Во подземните градови се забележува мал број кујни, што значи дека повеќе семејства користеле една заедничка кујна со намера да се користи што е можно помалку оган, бидејќи чадот лесно може да ја открие локацијата на подземното засолниште. Овие градови се направени во форма на соби меѓусено поврзани со тесни тунели и покрај вентилационите оџаци и обредните соби, направени се специјални простории за производство на вино, сали за состаноци и бунари.
Подземните простории биле делумно затворени во некои места со врати изработени од воденички камења. Секоја врата во просек е со широчина од 50 до 55 сантиметри, со височина од 170 до 175 сантиметри и тешка до 500 килограми. Карпата на вратите од воденички камења забележително се разликува од карпестиот масив во подземните градови. Со тоа се претпоставува дека вратите биле изработени надвор, а потоа пренесени во подземните градови што, исто така, претставува своевидно чудо и доказ за силните мотиви да се заштитат луѓето. Овие подземни градови одиграле важна улога во ширењето на христијанството, со изградба на големиот број цркви и тајни места на богослужби. Се верува дека подземните градови не се користеле по осмиот век од нашата ера.
Сето тоа зад себе оставило Кападокија денес да се претвори во туристичко атракција. Туризмот во оваа област има голема перспектива, а тоа е резултат на поволните природни географски услови и огромното културно наследство. Може да се согледа дека се повеќе и повеќе се зголемува заинтересираноста и посетеноста на оваа област. Развој на туризмот во Турција се должи на јужните и западните брегови, но во раната 1980 година како потенција за развој на туризмот се сметаат внатрешните региони и градови на земјата. Од средината на 1980 година пошироката област на Кападокија станува главен фокус на културниот туризам, за во 1985 година да биде заштитена од старана на УНЕСКО.
Турција го има наследено најголемото културно богатство, извонредно зачувано и ставено во функција за слободен пристап на пошироката јавност. Преживеаните судбоносни и историски настани, повеќе илјадигодишната негибната историја, сведочи за импресивни археолошки наоѓалишта и се друго што се крие под вулканската маса на Кападокија. Преполна со стотици и стотици импозантни места кои зборуваат за речиси целокупната светската култура, а особено за наследството на Источната Римска Империја, со која изобилува и Македонија. Кападокија е патување низ времето и просторот, патување во кое се поминува низ животот на 4 цивилизации, (Хеленска, Римска, Христијанска и Исламска) и десетиците подземни градови уникатно помешани со природните убавини кои многу години наназад се формирани и претворени во културни вредности.

Извори:
– http://preminportal.com.mk/content/view/1842/54/
– http://www.goreme.com/cappadocia.php
– http://www.turkishheritagetravel.com/cappadocia/places-to-see-in-cappadocia/
– http://www.cappadociaturkey.net/
– http://www.great-adventures.com/destinations/turkey/cappadocia.html

Изработила:
Викторија Дамјаноска, студент на Институт за географија – насока Туризам
Ментор: проф. д-р Ристо Мијалов
Стручна корекција: м-р Горан Китевски

Оваа статија е прочитана 5338 пати!

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger