Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Колку реки има во Македонија?

Колку реки има во Македонија?

12.09.2014

хидрографска картаВеројатно сте се запрашале колку реки има во Македонија или пак колку е вкупната должина на сите реки во нашата држава. На интернет или други извори на податоци, обично ќе се сретне бројка од 35, 50 или 100 реки. Меѓутоа, колку има вистина во тоа? Одговорот не е воопшто едноставен, бидејќи поради природно-географските услови, па и влијанието на човекот, во Македонија има многу водотеци со периодичен, повремен па дури и секуларен карактер (само неколку појави на 100 години). Всушност, на некои топографски карти и релјефни модели, освен типични (функционални) речни долини, со прекината сина линија се внесени долови, суводолици, долчиња и „корита“ низ кои вода протекува само за време на поројни врнежи. Кај многу водотеци, проблем е точноста во означувањето на изворот на реката или пак одредување на изворишниот крак. Исто така, има голем број реки, чии низводни делови се изместени, претворени во канали или дисперзирани во повеќе ракавци. Сето тоа претставува проблем за одредување на нивната должина. Со нашите анализи на векторизираната хидрографска мрежа на Република Македонија во размер 1:25.000, добиени се одредени податоци кои може да се сметаат за прилично релевантни. Претходно да нагласиме дека векторските податоци се изработени од Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија и истите од наша страна се детално проверени, филтрирани и по потреба корегирани за да се задоволи посакуваното ниво на точност.

Според анализата, во Република Македонија има околу 1600 водотеци кои навистина може да се сметаат за такви, чија вкупна должина изнесува 11 650 km. Од нив, само 4 реки на територијата на Македонија се подолги од 100 km и тоа Вардар, Брегалница, Црна и Треска. Нивната вкупна должина изнесува 875 km.
Река Вардар низ Демиркаписката КлисураПотоа следуваат 6 реки со должина од 50 до 100 km и тоа: Пчиња, Крива Река, Струмица, Бабуна, Радика и Злетовска Река. Вкупната должина на овие 6 реки изнесува 402 km (Пчиња и Струмица како природна целина се подолги од 100 km).
Дури 72 реки имаат должина помеѓу 20 и 50 km, почнувајќи од Бошава и Тополка со по 49,5 km, па до Песочанска Река со точно 20 km. Вкупната должина на овие 72 водотека изнесува 1965 km.
Во нашата држава 810 водотеци се подолги од 5 km, а нивната вкупна должина (заедно со претходно наведените) изнесува 9450 km. Сепак, најголем дел од тој број се кратки, повремени водотеци со пороен карактер.

Вкупната пак должина на целата дренажна мрежа во Република Македонија (реки, рекички, потоци, повремени водотеци, долови и др.), означена на топографска карта во размер 1:25.000 изнесува извонредни 48 300 km или повеќе од обемот на Земјата. Сепак, значителен дел од дренажниот систем е сув, особено во потоплиот дел од годината. Низ овие хидрографски „коридори“ кои припаѓаат на сливовите на Егејско, Јадранско и во сосема мал дел на Црно Море, преку годината просечно протекуваат нешто над 9 милијарди метри кубни водна маса. Од тоа водно богатство, годишно околу 6 милијарди метри кубни вода ја „напушта“ Македонија преку реките Вардар, Црни Дрим, Струмица, Дворишка Река, Лебница и сосема малку кон Биначка Морава на север.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 11574 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger