Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » „Кралска патека“ – најопасната пешачка патека во Светот

„Кралска патека“ – најопасната пешачка патека во Светот

18.09.2014

camino del rey 05 mapКаминито дел Реј (El Caminito del Rey – Кралска патека), патека која многумина ја нарекуваат „најопасната патека во светот“, се наоѓа во провинцијата Малага во Шпанија, во близина на градот Алора. Изградена е уште во 1905 година, со цел движење на работниците по страните на кањонот Ел Хоро, заради одржување на цевководите на двете мали хидроцентрали. Името „Кралска патека“ го добила затоа што во 1921 година, по неа минал шпанскиот крал Алфонско XIII. Патеката е широка 1 метар, изградена од бетонски плочи и челични шини на кои се потпираат плочите. На некои места таа е на височина од преку 100 м над дното од кањонот, нудејќи едновремено опасен и преубав видик. Со текот на времето, голем број бетонски плочи се оштетиле, напукнале или целосно се сурнале, а на нивно место останале само тесните челични шини. На тој начин, патеката долга 3 км станала многу ризична, но и атрактивна за оние желни за адреналин, особено средишниот дел со должина од 1,2 км. Меѓутоа, до последниот трагичен инцидент во 2000 година, таа зеде животи на дури 5 авантуристи, поради што двата влеза беа затворени. Без оглед на забраната, некои луѓе продолжија да се движат по патеката со максимално внимание со оглед на тоа што од падот во реката Гуадалхорсе делат само неколку сантиметри. Заради наведеното, регионалната Влада во Андалузија, заедно со градската Влада на Малага, уште во 2011 година почнаа да го реновираат патот. Работите почнаа во март оваа година со помош на специјално обучени алпинисти и градежници, а целиот зафат чинеше околу 5 милиони евра. Новата верзија на патеката ќе биде значително попитома и посигурна од онаа која благодарение на интернетот им стана позната на многу луѓе во светот. Иако се завршени сите работи, официјалното отварање ќе се случи во месец јануари или февруари следната година. Првите три месеци по отварањето, патеката ќе биде бесплатна за туристите. Потоа ќе се плаќа одредена надокнада бидејќи од безбедносни причини, само на одреден број на туристи ќе им биде дозволено да ја поминат.

Извори: http://www.b92.net/putovanja; http://en.wikipedia.org/wiki/Caminito_del_Rey

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*