Податоците потврдуваат: се менува климата во Македонија!

4.10.2014

klim-1Најновата анализа на неофицијалните, но релевантни податоци за повеќе метеоролошки станици во Македонија, покажува јасен тренд на зголемување на просечните температури на воздухот и намалување на годишната сума на врнежи. При анализата е земен во предвид 30-годишен период 1985-2014 година, кој според должината се смета за климатолошки репрезентативен. Од добиените податоци произлегува дека просечните температури по мерни места се за околу 0,2 до 0,8 степени повисоки во однос на периодот 1951-1980 година. Така, просечната повеќегодишна температура во Скопје, според поновата низа веќе е 12,6 степени Целзиусови или за 0,4 степени повисока во однос на периодот 1951-1980. За слична вредност се покачила температурата и на мерниот пункт Солунска Глава. Нешто поголем пораст има кај Штип, кој за наведениот понов период има просечна температура од 13,4 степени во однос на 12,8 степени за периодот 1951-1980 година. Разликите се уште поизразени кај Демир Капија и Гевгелија, каде просечните температури имаат вредност од 15,1 и 15,3 степени целзиусови, односно речиси цел степен повисоки во однос на периодот 1951-1980 година. Единствено податоците за температурите во Охрид, Ресен и некои повисоки мерни места во западниот дел на државата се речиси непроменети. Зголемувањето на просечните температури е особено истакнато во жешко летопоследните 20-тина години, односно од 1990 година до денес. Карактеристично е што посебен тренд на раст имаат температурите во летните месеци: јуни, јули, август, па и септември. Едновремено, речиси кај сите метеоролошки станици е регистрирана намалена просечна годишна сума на врнежи и тоа за околу 5%. Од друга страна, се чини дека е засилен интензитетот на врнежи, што го покажуваат зачестените еднодневни екстреми кои достигнаа и над 100 мм.

Сето наведено се вклопува во веќе поставените сценарија за климатски промени во Република Македонија, кои предвидуваат 2-3 степени пораст на просечните температури и 25% пад на врнежите до крајот на векот. Инаку интересно е што токму оваа 2014 година, барем до сега, претставува „позитивно“ отстапување во климатски поглед, бидејќи јасно е дека температурите за оваа година ќе бидат пониски, а врнежите повисоки од повеќегодишните просеци. Останува во идниот период Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија, како надлежна институција да излезе со свои податоци за досегашниот тренд (по региони и подрачја), а доколку се потврдат наведените трендови, да се преземат соодветни активности.

Извори на податоци: WMO; NOAA; www.meteo.gov.mk; Лазаревски А. 1993: Климата на Македонија.
Забелешка: користените податоци се неофицијални и произлезени од истражувањата на авторот за научни цели.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5476 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Advertisment ad adsense adlogger