Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Започнува сезоната на смог, магла и силна загаденост на атмосферата во Скопје!

Започнува сезоната на смог, магла и силна загаденост на атмосферата во Скопје!

13.10.2014

skopjeДеновиве, освен што започнува грејнта сезона, почнува и сезоната на магли, смог и интензивно атмосферско загадување во Скопје. Причините за тоа се добро познати и се однесуваат на природната погодност и човековите влијанија. Имено, поради положбата на градот во Скопската котлина, која речиси од сите страни е заградена со планини, во зимскиот дел од годината се чести периодите (деновите) без ветер. Кога има ветер, тоа најчесто е Вардарецот, кој дува од северозапад кон југоисток и обратно, односно по долината на реката Вардар. Одредено влијание врз правецот на ветерот има и долината на Лепенец кон север, условувајќи поизразит северен до северозападен ветер. Другите ветрови имаат помала честина или јачина и се со помало значење за природното проветрување на градот. Меѓутоа, некои покрупни згради, објекти па и фабрики во Скопје се изградени точно попречно на правецот на главниот ветер, драстично намалувајќи го неговиот „пречистителен“ ефект во приземниот слој до височина од 50 м. Такви се железничката станица, градскиот ѕид и повеќе други, кои се поставени во правец север-југ или североисток-југозапад. Со тоа, периодот и изразеноста на тишините се уште покарактеристични. Во зимскиот дел од годината, ваквите појави предизвикуваат „заезерување“ на студени и тешки воздушни маси во приземниот и низок атмосферски слој, или точно во делот на најгустата населеност. Едновремено, големата концентрација и циркулација на возила во централното, најниско подрачје, доведува до долготрајно задржување на издувните материи (чад, прашина, гасови) и нивно кумулативно таложење на сите предмети, објекти, растенија, животни и секако човекот. За несоодветно високото загадување од сообраќајот придонесува застарениот возен парк, немање на електро и други еколошки возила, отсуство на подземни и надземни сообраќајници, пешачки и велосипедски стази или премини, монотониот (еднороден) јавен транспорт, немање на навика и можности за користење на велосипеди, концентрација на пиковите во одредени суперточки, нефункционирањето на семафорските броила, несинхронизираната светлосна сигнализација и слабата проточност и многу други фактори. Според разни сознанија и анализи, во зимските шпицеви, од возилата во Скопје дневно се исфрла преку 300 тони јаглерод диоксид, потоа неколку тони отровен јаглерод моноксид, азотни оксиди, озон, големо количество опасен чад и други штетни материи. Освен сообраќајот, значително е загадувањето од неколку поголеми индустриски објекти во градот, кои се наоѓаат токму на правецот на главните ветрови. Секако, во одредена мерка загадувањето на атмосферата е и од традиционалното греење на дрва и јаглен, особено во некои населби каде сеуште нема парно греење. Во содејство со водена пареа, сублимирани водени капки и други супстанци во атмосферата, за магливо и тмурно време, кога обично има висок воздушен притисок, наведените штетни материи лесно се апсорбираат и навлегуваат во организмот. Колку е подолга изложеноста, толку неповолните влијанија по здравјето се поизразени. А токму минатата година чести беа периодите со неколкукратно повисоки вредности на некои полутанти во атмосферата над максимално дозволената или толерантна концентрација. Дури имаше периоди кога во европски рамки па и пошироко, слабо развиеното Скопје беше меѓу најзагадените градови, многу позагадено и од некои супериндустриски градски центри.

Без да прејудицираме, меѓутоа во Скопје, посебно во централните делови, потоа населбите Железара, Автокоманда, Маџари, Лисиче и други, некако премногу зачестија тешките алергии, респираторни и други заболувања, посебно канцерогени. Добро би било здравствените институции да излезат со конкрети податоци за трендот на бројот на заболените од таквите заболувања во последните десетина години, во однос на оној од на пример 1970-1980 година или 1980-1990 година. Сосема реално е дека податоците се навистина загрижувачки. Во таа смисла, треба да се преземат итни и сеопфатни мерки, бидејќи станува збор за над половина милион население, со значително учество на младата и зрела популација. Ако со сите сили се укажува на белата чума во Македонија и се бара начин за нејзино забавување, навистина неодговорно би било кон идните генерации да ја оставиме црната чума да го дозаврши своето и тоа за кратко време. Се надевам дека надлежните овој пат нема да толерираат повторно пролонгирање на рокот за поставување филтри токму пред зимската „опасна“ сезона, а треба навремено да се преземат мерки и во однос на поголема сообраќајна ефикасност, пропулзивност и оптеретеност.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3653 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger