Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Од некогаш познатата Кочанска Бања денес стојат распаднати објекти

Од некогаш познатата Кочанска Бања денес стојат распаднати објекти

20.11.2014 

KocanskaНа само 7 км западно од Кочани, во подножјето на Осоговските Планини во селото Бања, се наоѓа термалната бања позната како Кочанска Бања. До крајот на 1980-тите години, бањата била една од најпознатите во Македонија па и пошироко. Во „најубавите“ години, годишно ја посетувале околу 10.000-15.000 луѓе што имале здравствени проблеми. Големата, но стара запуштена зграда, сведочи дека селото Бања било едно од најпознатите по селски туризам во земјава, со извор на термална вода чија температура достигнува и до 82 степени. Целосно уништениот објект до бањата порано бил хотел со ресторан, во кој преку целата година доаѓале туристи и останувале по 10-15 дена. Покрај во хотелот, гостите најмувале соби и во некои од селските куќи. Во 1980-тите години, повеќе од половина од куќите во селото издавале соби под наем и од тоа добро живееле. Сега поголемиот дел од населението се занимава со земјоделство, со садење ориз и други жита. До денес многу работи се измениле, ретко кој доаѓа во селото, а во базените со лековита вода, топла и до 65 степени, место да се бањаат луѓе, се почесто се пере волна. Вработените во бањата велат дека базените со водата од изворот се полнат навечер за да може таа да се излади и да достигне температура до околу 60 степени. Инаку на местото каде што сега се наоѓа бањата порано постоела римска терма во која имало еден базен, а просторијата во која се наоѓал базенот била покриена со камени плочи. Според кажувањата и преданијата, тогаш немало машки и женски базен, туку два часа се бањале мажи, а потоа два часа жени. Со текот на времето, старата римска бања била целосно разрушена и на нејзиното место жителите од селото изградиле нов објект, кој од 1970-тите години е во надлежност на Медицинскиот центар во Кочани. Од 1990-тите, па наваму бањата е целосно запоставена и уништена, така што денес изгледа навистина жалосно. Според постарите жители, во 1970 година фирма од Словенија Clipboard01вршела истражување на водата и на нејзиниот извор. Тие со машини дупчеле покрај самиот извор, меѓутоа во еден момент се отворила огромна дупка од која избил водоскок висок 20 метри. Со дупчењето на изворот, Словенците измериле дека од него бликаат по 600 литри вода во секунда. Кратко време по оваа случка, Словенците, за да си ја спасат механизацијата да не им пропадне во изворот, биле принудени да го затворат. Целиот отпаден материјал од копањето, распарчените делови од римската бања, околу 100 вреќи полни со слама и една камионска приколка брзо сврзувачки цемент, биле фрлени во изворот, по што тој целосно бил затворен, а водата секнала. Местото каде што бил стариот извор на лековитата вода сега е запоставено и обраснато со висока трева. Селото без термална вода останало околу две години. Потоа некоја македонска фирма направила нови две дупчења, но во близина на стариот извор. Повторно избила топлата вода која сега се користи за полнење на базените во бањата и од кои се влече вода за селската чешма. Жителите раскажуваат уште една легенда од турско време, поврзана со секнувањето на лековитата вода. “Во село Нивичани, кое е во непосредна близина на нашето, пред многу векови избил извор со истата вода како во Бања. Селаните, плашејќи се дека селото ќе биде потурчено затоа што Турците оделе таму каде што има термални извори, го наполниле изворот со волна, така што ја сопреле водата”, кажуваа бањанци. Тие велат дека составот на термалната вода многупати е испитуван. Според направените анализи, таа е хидрокарбонатна натриумова хипертермална вода, со примеси на сулфорни соединенија и со слаба радиоактивност. Жителите на Бања кажуваат дека таа лекува од различни заболувања како што се болести на органите за варење, ревма, неплодност, скршеници и други повреди на коските и зглобовите, болести на мочните и жолчните патишта, како и болести на нервниот систем. “Порано, во состав на бањата функционираше и Одделение за физикална терапија со медицински персонал од 7 лекари и неколку медицински сестри, но сега не остана ништо од тоа, освен базените и неколкуте кади”, велат жителите на село Бања. Како и да е, од некогашните „златни“ 1970-1980-ти години на Кочанска Бања и на селото Бања, каде секојдневно доаѓале десетици туристи, денес останале само сеќавања. Овој простор, но и целата Кочанска Котлина чуваат огромна геотермална енергија, а освен тоа, во подножјето на Осогово и на Плачковица подземната вода е богата со многу корисни минерали. Оваа богатство што го дала природата многу слабо се користи, особено кога се во прашање можностите за бањски туризам. Затоа се надеваме дека што поскоро ќе се најде соодветно решение за Кочанска Бања и конечно ќе стане вистински модерен велнес-спа ресорт со кој ќе се гордее регионот и државата. Всушност, одлични примери за тоа како може туристички да се искористат бањите и од тоа добро да се заработи имаат нашите соседи Бугарија, Србија и Грција, каде бањскиот туризам остварува стотици милиони евра девизен прилив.

Извор: http://star.vest.com.mk/

Оваа статија е прочитана 3956 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger