Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Отворено... » НАМЕСТО ЕКСТЕРНО

НАМЕСТО ЕКСТЕРНО

26.12.2014

книгаПоследните неколку месеци од 2014 година, Министерството за образование и наука на Република Македонија, реши да поведе постапка за драстична реформа во високото образование, со цел подобрување на квалитетот на истото. Меѓу главните елементи на кои би се засновала реформата е воведување на државен испит, со кој се смета дека ќе подигне нивото на знаењата на студентите, односно дипломците. Подоцна, оваа мерка беше надополнета со низа на дополнителни предлози за измени во Законот за високо образование, во смисла на критериуми кои треба да ги исполни универзитетскиот кадар во соодветната институција за вршење на наставната дејност. Меѓу нив, посебно место зазема публикувањето на трудови во светски научни списанија со висок импакт фактор, значително поголема соработка со странски универзитети и слично. За волја на вистината, во академската заедница навистина преовладува мислењето дека високото образование не е на нивото на кое треба да биде. Меѓутоа, причините за тоа не се така едноставни, за да може без детален, длабински аналитички пристап да се дојде до посакуваните подобрувања. Најмалку преку парцијални и недоволно дефинирани законски измени. Всушност, предложените измени на Законот за високо образование се 13-ти по ред, што говори за таквиот парцијален, чекор по чекор пристап.

Па тогаш кои се причините, а воедно и можните вистински, квалитетни и издржани решенија за подобрување на состојбите? Овде врз основа на моето речиси 20-годишно искуство, презентирам неколку од нив кои ги сметам за најзначајни и многу посуштествени од предложените законски дополнувања.

Факт 1:

Во последните 10-15 години, во Република Македонија се појави наплив на високошколски установи, од кои значителен број нецелосно, недоволно или воопшто не ги исполнуваат критериумите за акредитација, а кои пак беа несоодветно ниски. Задолжителен чекор е постапка за евалуација и акредитација на високообразовните установи (универзитети, факултети, институти и сл.) според построги критериуми за акредитација. Само на оние што целосно и недвојбено ги исполнуваат сите просторни, кадровски и останати услови, треба да им биде дадена акредитација за вршење на високообразовна дејност. На државните универзитети, треба да се избегнува непотребното „дуплирање“ на наставни програми поврзани со неопходен квалитетен наставен кадар и софистицирани материјално-технички услови. Така, не ретко наместо еден репрезентативен „центар“ за дадена наставно-научна област со долга и проверена традиција, функционираат неколку установи со слаб квалитет и слаба меѓусебна поврзаност.

Факт 2:

Првично замислено со добри намери од страна на МОН, отворањето на дисперзирани студии во помалите средини низ Македонија се покажува како контрапродуктивно за квалитетот на тие студии, односно нивото на стекнато знаење. Патувањата на универзитетскиот кадар по неколку часа во текот на денот до едно или друго место, несоодветните просторни, технички и наставни услови на дисперзираните групи (лаборатории, библиотеки, компјутерска опрема и др.), недоволната логистика и слично, се меѓу проблемите кои оневозможија видлив позитивен ефект. Според тоа, треба да се преиспита постоењето на дисперзирани студиски групи, особено доколку нема елементарни потреби и услови за такво нешто. Тоа уште повеќе ако се има во предвид дека до било кој постоечки универзитетски центар во Македонија, растојанието не е поголемо од 50-100 км, а во истите центри има студентски домови кои треба да доликуваат на високо-академската средина.

Факт 3:

Сосема евидентно е дека квалитетот на запишаните студенти на одредени високообразовни установи, значително се намали со укинувањето на приемните испити. Првично, тоа беше направено со идеја положената државна матура да биде виза за запишување на факултетите. Меѓутоа, подоцна, преку вториот и третиот уписен рок се отстапи дури и од таа „селективна брана“ па почнаа да се запишуваат одреден број студенти чија водечка желба всушност не е вистинско совладување на знаења. Во таа смисла, би требало еден од основните критериуми за запишување на факултет безусловно да биде положена државна матура или пак повторно воведување на приемен испит.

Факт 4:

Поради напливот на приватни и „набрзина“ акредитирани високообразовни институции со голема „пропулзивност“ на студенти, на државните универзитети во почетокот нагло опадна бројот на запишани студенти. На некои факултети опаѓањето беше за 50% и повеќе и тоа во временска рамка од само 2-3 години. Од друга страна, заради потребите од одржување на материјално-техничките средства, набавка на неопходна наставна, лабораториска и друга опрема, државните факултети мораа да се обидат да ги одржат уписните квоти. Имено, за наведената неопходна опрема, теренски истражувања, лабораториски вежби и др., често се потребни значителни средства кои се покриваат од партиципацијата, кофинансирањето, вонредните студенти, постдипломци и сл. (други реални извори нема). Тоа доведе на некои факултети да се запишуваат сите пријавени кандидати, без оглед на понекогаш мизерно нискиот средношколски успех. Како последица, се зголеми „пропулзивноста“ и на државните универзитети, бидејќи „губење на студенти“ или нивно откажување значи намалена можност за одржување на наставата на соодветно ниво. Во таа смисла, единствено решение претставува целосно подмирување на материјалните трошоци за настава на државните универзитети од страна на МОН преку соодветни годишни програми, а воедно намалување на квотите за упис според оптималните можности на секоја единица, но и водејќи се од националниот интерес за некои насоки.

Факт 5:

Во изминатиот период се укинаа неопходните барем минимални критериуми за запишување на втор циклус на студии. До пред 10-15 години, истите беа доста високи, со минимален просечен успех на додипломски студии од барем 8,5, 8,0 или 7,5 како основа за продолжување на магистерски студии. Овој критериум како услов веќе не постои, така што и најслабите студенти теоретски можат да магистрираат. Уште повеќе, програмите за втор циклус и потребната временска динамика беа значително „олабавени“, делумно повторно заради обезбедување на финансиски средства на установите. Тоа доведе до хиперпродукција на магистри, па и доктори на науки со сомнителен квалитет. Затоа, неопходно е дефинирање на строги и јасни критериуми за стекнување со наведените звања, како во однос на самите студенти, институциите кои можат да го изведуваат тоа, квалитетот на менторите и комисиите, нивната соодветност и слично. Мора да напоменам дека ова не смее да биде шаблонски, бидејќи секоја институција или научна област има свои специфичности.

Факт 6:

Сосема јасно е дека без солидна наука, нема добар универзитетски наставен кадар, а со тоа нема квалитетни студии и знаења. Меѓутоа, за таква наука кон која стремиме, секаде во светот се неопходни соодветни финансии. Најголем дел од земјите во развој или развиените, со кои понекогаш сакаме да се споредуваме, за наука годишно од својот БДП одвојуваат од 0,6% до 4% (листа). Кај нив, овие средства се наменети за научни проекти, усовршувања, стипендии, учества или организации на научни конференции, помош за издавање на научни списанија, материјално-техничка помош на универзитетите и многу други намени. Во Република Македонија, од нејзиното осамостојување до денес, издвојувањето за наука е речиси во константно опаѓање и тоа од околу 0,8% од БДП на само 0,2% (извор) што ни оддалеку не е доволно за некаква посериозна научна активност во земјата (всушност, според оваа ставка сме меѓу последните држави во Европа и Светот). За таа цел, неопходно е постепено зголемување на издвојувањата за наука барем за 0,1% годишно до нивото од 1% (за вакво нешто беше изработена и Национална стратегија за научно-технолошки развој на РМ). Строго наменски и на вистински начин финансирани научни дејности, проекти и активности, секако ќе дадат голем ефект врз развојот на науката и научната презентација на Македонија во светот. Исто така, ќе го подобрат севкупниот квалитет на студиите, ќе го поттикнат интересот за научни истражувања, ќе го намалат одливот на мозоци од нашата држава и др. Тоа јасно го покажува примерот на Белградскиот универзитет кој преку зголемено финансирање на научната и наставната дејност, за само неколку години, од 650-то место во Светот, направи скок на 360 место на Шангајската листа, па денес е меѓу топ 500-те универзитети (во Србија издвојувањето за наука за последните 6 години порасна од 0,4% на 1,0% од БДП извор). Всушност, од 2004 до 2013 година, Словенија за наука потрошила вкупно 5 милијарди евра, Хрватска 3 милијарди евра, Србија 750 милиони евра, а Македонија околу 80 милиони евра (извор) или 60 пати помалку од Словенија! Во рамките на претходното, неопходно е да се стимулира и развие добар систем на размена на студенти и професори со останатите, особено пореномирани универзитети во Светот. Иако имаше такви заложби и до сега, поради недостаток на финансии, размената на професори и студенти со кои на најдобар можен начин се презентира целата држава, остана само неостварена желба.

Факт 7:

Факт е дека бројот на објавувени трудови во реномирани научни списанија без или со фактор на влијание (импакт фактор), кај нас е мал. Дел од одговорноста за тоа, веројатно е на совеста, вештините, знаењата, мотивацијата и интересот на универзитетскиот кадар. Меѓутоа, за објавување на квалитетни трудови, посебно земјаќи ја во предвид нашата специфична регионално-политичка конотација како држава, потребни се значителни предуслови. Најчесто тоа е постоење на солидни меѓународни проекти со посилните универзитети или институции во странство, учество како полноправни членки во некои научни организации (за кои обично се плаќа не така мала годишна чланарина), честа посета на конференции и воспоставување на директни комуникации и соработка на нив и сл. Всушност, добрите научни трудови со висок импакт фактор, обично произлегуваат од големи национални, билатерални и мултилатерални научни проекти (заради тоа е оној додаток на секој таков труд Acknowledgment зад кој најчесто стои проектот од кој е произлезен трудот). Некои познати списанија имаат соодветна котизација од 200$ па дури до 1000$, а често единствена можност е самиот автор да ги покрие трошоците. Воедно, нашата држава, односно универзитетите не обезбедија слободно академско користење на реномирани списанија со авторизиран пристап (copyright access journals) преку кои може да се следат најновите научни достигнувања, трендови и сл. Често, услов за објавување на квалитетен труд со импакт фактор е точно цитирањето на најновите достигнувања во областа, кои нашиот научен кадар нема како да ги следи (преземање на само еден труд од реномирано online списание чини од 20-100$). Затоа, неспоредлив е бројот на објавени трудови со ИФ во Словенија каде за наука во 2013 година, од буџетот се потрошија извонредни 500 милиони евра, во однос на 8-12 милиони евра во Македонија (извор), што е сооднос од околу 50 : 1! За реална споредба на бројот на објавени трудови меѓу двете држави, освен материјалната страна треба да се согледа и бројот на вработени научни кадри во високообразовните институции во Словенија, кој е неколкукратно поголем отколку во Македонија. Според тоа, ако просечно во Македонија еден професор-научник објави еден труд годишно во реномирано светско списание, со оглед на расположивите и тоа само „директни“ финансии, во Словенија тој број на трудови треба да биде барем десетина пати поголем. Уште ако се спореди вкупниот број на универзитетски професори во Словенија и Македонија, соодносот треба да биде барем 30 до 50 пати поголем (во реалноста, разликата е многу помала)!

Во смисла на претходното, неопходно е воспоставување на национална база и регистар на реномирани домашни научни списанија од страна на НУБ според дадени критериуми, бидејќи некои трудови се од таква природа што не постои речиси никаква можност за објавување во странство. Такво нешто функционира во голем број земји на Балканот, во Европа и Светот, при што секое списание, согласно домашната цитираност или значајност, носи одреден број поени.

Факт 8:

Во изминатите 10-15 години, застапеноста на помлад кадар на државните универзитети е во постојано опаѓање, особено на УКИМ. Вработувања на асистентскиот кадар кој е важна алка во утврдувањето на знаењата, на овој универзитет речиси целосно запреа. Така, од некогашни 20, 30, 40 асистенти на некои факултети, денес тој број е само неколку, а на поголем број институти и катедри воопшто нема асистентски кадар. Сите универзитети во соседството, а кои се на многу повисоко ранг-место од нашите, го задржаа, па дури и зголемија асистентскиот и останат помошен кадар. Хрватска, од која често земаме примери, направи слична грешка, но затоа пак само во 2014 година, само Загребскиот Универзитет прими околу 70 нови асистенти (извор). Некои универзитети на Запад, навистина немаат асистенти, но проектите и фондовите што им стојат на располагање се сосема доволни за хонорарен ангажман на десетици соработници во делот на науката и наставата. Ако се сака вистинска функционалност и добар квалитет на студиите во идниот период, неопходно е наоѓање на начини за зголемување на бројноста на младиот научен кадар на универзитетите, а посебна предност треба да имаат талентираните студенти. Во спротивно, полека ќе се гасне и она малку динамична „млада“, заносна и движечка енергија што останала на универзитетите, а со тоа ќе се гаснат и тие самите.

Факт 9:

Мора да се обезбеди строго почитување на Законот при избор на наставниот кадар во повисоко звање. Досегашните критериуми за избор се релативно лабави, меѓутоа соодветни со постоечките можности за научна дејност. Како што ќе се подобруваат условите и финансирањето на наставата т.е. науката, така треба постепено да се зголемуваат и критериумите за избор. Сепак дури и сегашните критериуми често се толкуваа субјективно и „растегливо“. Во таа смисла, треба појасно да се дефинира што е меѓународно списание, потоа соодветноста на списанијата, а воедно сите биографии-библиографии да бидат поставени на веб-страници или пак во соодветен регистар на наставниот-научниот кадар на РМ. Секое повисоко звање мора да носи и соодветна мотивација (финансиска и секоја друга) бидејќи разликите помеѓу звањата моментално се занемарливи и демотивирачки. Во системите на повеќето западни земји, можно е во исто звање (на пример доцент) да се остане до крајот на работниот век, согласно покажаните резултати, интереси и желби. Истото важи и за акредитација на ментори на втор и трет циклус, за кои треба да важат дури и нешто повисоки (но не несоодветно високи) критериуми. При сето наведено треба да се води сметка за специфичноста на научната област (пр. општествени во однос на егзактни природни науки). Затоа, импакт факторот не треба да биде единствен критериум, бидејќи ќе се јави опасност од запоставување на домашни-национални научни проблематики и активности. Исто така, за избор во наставничко звање, мора да се води сметка за специјалноста на кандидатот, бидејќи често се случува кандидат кој докторирал на една област, да биде избран за сосема поинаква област на настава. Јасно е дека последиците од тоа врз квалитетот на наставата се изразито негативни.

Факт 10:

Неопходно е максимално нивелирање на примањата (платите) на државните универзитети, бидејќи денес постојат разлики во опсег 5:1 на вкупните примања на наставничкиот кадар помеѓу финансиски „подобрите“ и „послабите“ факултети на ист универзитет што е недопустливо. Секој факултет и секоја научна област има своја специфичност и тежина, така што огромните разлики се сосема демотивирачки за некои факултети, институти и други високообразовни установи. Воедно, платите треба да се соодветни во однос на звањето, а имајќи ги предвид сите неопходни трошоци за научни, наставни и останати активности. За сметка на достоинствените плати, варијабилниот дел кој делумно беше одговорен за запишување на несоодветно голем број студенти, треба да се сведе на минимум, односно најмногу до 10-20% од износот на платата. Тоа ќе влијае значително врз поголемата објективност и мотивираност на севкупниот наставен кадар, а ќе претставува вистинска интеграција на државното високо образование барем во овој сегмент.

Секако, ова се само дел од проблемите и можните решенија во високото образование. Потребна е детална, барем повеќемесечна анализа на сите можни аспекти, причини, ефекти, подобрувања и промашувања, бидејќи на долг рок се работи за иднината на оваа земја. Всушност, ако се потребни 2-3 години работа за еден труд со солиден импакт фактор (тоа се зема за некаков репер нели), неопходно е барем половина од наведеното време за подготовка на добра и издржана долгорочна реформа на националниот високо-образовен систем. Само на таков начин, нашиот најрепрезентативен универзитет УКИМ, можеби конечно ќе се најде најдобрите 1000 универзитети во светот!

Автор: д-р Ивица Милевски

(заради почит кон академската заедница, во текстот не се наведувани конкретни установи, примери, податоци и сл., меѓутоа истите се слободно достапни и лесно проверливи на интернет).

Оваа статија е прочитана 2113 пати!

Автор:

Од категорија: Отворено... · Tags: , , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger