Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Во Македонија, Новата 2015 година првин ќе „пристигне“ во Пехчево!

Во Македонија, Новата 2015 година првин ќе „пристигне“ во Пехчево!

27.12.2014.

Локално времеПоради ротацијата и формата на Земјата (сфера, поточно елипсоид), речиси секое место има свое реално време, наречено локално или месно време. Меѓутоа, заради поедноставување на таков комплициран систем на времиња, целата земјина „топка“ уште пред речиси 2 века е поделена на 24 часовни зони, кои одат по меридијани, а почнуваат источно (се означува со +) или западно од Гринич (се означува со -). За место, односно меридијан од каде ќе се менува датумот, е избрана линија која оди покрај 180-тиот степен источно (или западно) од Гринич и оваа линија се нарекува „датумска граница“. При одредување на датумската граница, водено е сметка да е колку е можно помалку населен простор, бидејќи 2 блиски места би имале различни датуми. На датумската граница не и придаваме некое големо значење, освен кога треба да се премине со авион, или пак при настапување на значајни датуми, особено за Нова година. Тоа значи, дека Нова година првин настапува на самата датумска граница, каде се островите Кирибати, а потоа, секој нареден час се поместува кон една часовна зона на запад.

Република Македонија по својата положба се наоѓа во Средноевропската часовна зона (Гринич+1 или GMT+1), која се протега од 7,5 степени до 22,5 степени источно од Гринич. Времето во оваа зона е според централниот, 15-ти меридијан, што значи кога е пладне или 12 часот, толку е реалното време на местата кои се на 15-тиот степен источно од Гринич. Најисточна точка во нашата држава е кај врвот Ченгино Кале на 23,02 степени и.г.д., додека најзападната е коритото на Црни Дрим кај с.Коњари, западно од Дебар, на 20,4 степени и.г.д., што значи од 5,4 до 8,02 степени источно од средниот (15-ти) меридијан. Нашиот источен сосед, Република Бугарија е во следната, Источноевропска часовна зона (Гринич +2, GMT+2), што значи дека Нова година, првин ќе настапи во Бугарија, а дури по 1 час во Македонија (бидејќи сме една часовна зона позападно). Сепак, ова изгледа малку чудно за пограничните, комуникациски добро поврзани места на пример во Струмичко и Петричко во Бугарија, кои се оддалечени само неколку км. Така, доколку сака некој, може 2 пати за еден час да ја дочека Новата година, еднаш во Петрич во Бугарија, втор пат во општина Ново Село или пак Струмица во Македонија (истите се на половина час возење). Теоретски, при возење со авион во насока исток-запад, Новата година може да се дочека 5, 10, 15 па до 24 пати, што е вистински парадокс!

Поради ротацијата на Земјата кон исток, ако се земе во предвид локалното, наместо зонското време, во Македонија, Нова Година прво ќе настапи во општината Пехчево и тоа астрономски во 23 часот и 27 минути. По вакво, локално или реално, односно астрономско време, прва населба во Македонија каде настапува Нова година е с. Ново Коњарево источно од Струмица и тоа во 23 часот и 28 минути, десетина секунди подоцна во с. Двориште, Беровско, а уште толку подоцна во с. Панчарево, Пехчевско. Во Скопје, по локално време, Нова година настапува 4 минути подоцна, односно во 23 часот и 32 минути. Најдоцна, по реално време Нова година ќе настапи во с. Коњари западно од Дебар и тоа во 23 часот и 36 минути. Кога во Македонија, по зонско време во 00 часот настапува Нова година, поради споменатата разлика од околу 5-8 степени или речиси половина час во однос на зонскиот (15-ти) часовен меридијан, според реалното време, кај нас е веќе 00 часот и 25 (Дебарско) до 33 (Пехчевско) минути.

Затоа, ако сака некој да се пофали дека барем 2 пати за еден ден ја дочекал Новата година, може тоа да го направи во пограничните места со Бугарија или пак ако реши да патува со авион од некоја источна земја кон Македонија или од Македонија кон Америка.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4174 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger