Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Отворено... » Сурова реалност: Македонија е меѓу последните држави во светот по издвојување за научно-истражувачка дејност!

Сурова реалност: Македонија е меѓу последните држави во светот по издвојување за научно-истражувачка дејност!

29.12.2014

книгаСосема јасно е дека без солидна наука, нема технолошки развој ниту добар универзитетски наставен кадар, а со тоа нема квалитетни студии и знаења. А без пари, нема наука, посебно во денешно време на големи технолошки достигнувања. Во Република Македонија, од нејзиното осамостојување до денес, издвојувањето за наука е речиси во константно опаѓање и тоа од околу 0,6% од БДП во почетокот на 1990-тите на нецели 0,2% (извор) во последните 13 години, што ни оддалеку не е доволно за некаква посериозна научна активност во земјата. Всушност, според одвојувањето од БДП за научно-истражувачка дејност сме меѓу последните држави во Европа и Светот. Така, убедливо последни сме во Европа, а во светот по Македонија се само Бурунди (0,12%), Гамбија (0,12%), Гватемала (0,05%), Парагвај (0,05%), Салвадор (0,03%) и Тринидад и Тобаго (0,03%)(извор), државички и колонии со кој во никој сегмент не би требало да се споредуваме! Од друга страна, најголем дел од земјите во развој или развиените, со кои понекогаш сакаме да се споредуваме, за наука годишно од својот БДП одвојуваат од 0,6% до фантастични 4% (листа). Овие средства се наменети за научни проекти, усовршувања, стипендии, учества или организации на научни конференции, помош за издавање на научни списанија, материјално-техничка помош на универзитетите и многу други намени. Колу финансиите влијаат на научниот прогрес, јасно покажува примерот на Србија и Белградскиот универзитет кој е водечки во оваа држава. Во Србија, издвојувањето за наука за последните 6 години порасна од 0,4% на 1,0% од БДП, па за 2014 година изнесува околу 290 милиони евра (извор). Преку добра организација, поставување на јасна визија и стратегија, а посебно преку значително зголемено финансирање на научната и наставната дејност, за само неколку години, Белградскиот универзитет направи скок од 650-то (во 2009) на 360 место (во 2013) на Шангајската листа. Затоа истиот денес е меѓу топ 500-те универзитети. Всушност, од земјите на поранешна Југославија, во 10-годишниот период од 2004 до 2013 година, Словенија за научно-технолошки развој потрошила вкупно 5 милијарди евра, Хрватска 3 милијарди евра, Србија 750 милиони евра, а Македонија околу 80 милиони евра (извор) или 60 пати помалку од Словенија!

Процент од БДП за наука според WB

Процентуално издвојување од БДП за наука во Македонија (извор)

Заради подобрување на состојбата со научно-истражувачката дејност, а по согледаните неповолни состојби, уште во 2008 година се донесе Закон за научно-истражувачка дејност (Сл. весник бр. 46, 2008), во кој беше предвидено функционирање на посебен Национален комитет за развој. За жал, бројните одредби од овој закон речиси воопшто не профункционираа. Од истите причини, од страна на МОН, академската заедница и стопанскиот сектор, во 2012 година се пристапи кон усвојување Национална програма за научно-истражувачка дејност во периодот 2012-2016 година (извор). Оваа програма имаше зацртано издвојувањето за научно-истражувачка дејност да расте секоја година по 0,2% и во 2016 година да достигне 1% од БДП, односно дури 6-7 пати повеќе од сегашната состојба. За жал, до сега и од тие утврдени правци и задачи речиси ништо не е остварено.

За солидна научна работа, во денешно време каде се е „пазар и профит“, неопходни се многу поголеми финансии. Ако се има во предвид дека на најголем дел од факултетите се работи на компјутерско-софтверска технологија стара и над 10 години, дека ретко ќе се најде факултет (ако воопшто има таков) со целосно лиценциран општ и специјален софтвер, дека најчесто лабораториите и опремата во нив се стари по повеќе децении, сосема е јасна состојбата. Така на пример, за да се изработи едноставна апликација за геомоделирање на теренот, природни непогоди и слично (со цел презентација во странство или изработка на сериозен научен труд) неопходен е софтвер кој чини неколку десетици илјади евра. За учество на светска конференција пак, обично е потребно од 1000 до 3000 евра, а најчесто исто толку и за објавување на репрезентативен научен труд.

Издвојување за наука и истражувања во Европските земји и Македонија за 2012 година. s: OECD

Издвојување за наука и истражувања во Европските држави и Македонија во однос на БДП за 2011 година. s: OECD, 2012

Овде ќе изнесам неколку лични примери за тоа каква е понекогаш состојбата на професорите кои навистина сакаат да ја видат својата држава во врвните научни институции. Имено, во 2008 година бев повикан на голема конференција во Бохум-Германија со цел зачленување на Македонија во неколку големи светски научни организации (International Association of Geomorphologists-IAG; Human Impact of the Landscape WR – HILS и др.). За конференцијата беа потребни околу 1000 евра, од кои мојата институција покри 150 евра. Бидејќи МОН не ми излезе во пресрет, лично го платив износот (850 евра или 2 тогашни мои плати), патувајќи 40 часа со автобус. Без глед на потешкотиите, со својот настап успеа мисијата за зачленување на мојата држава и тоа под уставното име, а воедно презентираниот труд беше објавен во врвно научно списание. Сепак, заради неплаќање на годишната чланарина од 250 евра, по неколкугодишни отстапки и преговарања, сега сме „во мирување“. Ниту јас, ниту мојата институција беше или е во можност да ги подмири тие веќе 1250 евра, што автоматски значеше скратен пристап до нивните настани, списанија, комуникации, а под влијание на бројните членови од Грција, најверојатно брзо ќе не прекрстат и таму во ФИРОМ или целосно ќе не исклучат. Последните 2 конференции од мојата област, во Чешка (600 евра) и во Франција (1800 евра), морав речиси целосно да ги покријам од своите примања (на ПМФ, професорска плата е околу 30.000 денари), само поради навистина огромната желба да ја презентирам Македонија (моето семејство најдобро знае како го поднесе сето тоа). Така, додека на моите колеги од Словенија, Грција, Унгарија, Хрватска и др. им стојат на располагање илјадници евра годишно за конференции, а згора на тоа имаат 3-4 пати повисоки плати, ние сега за сега може да покажеме што знаеме, само ако си ги запоставиме останатите приватни и човечки потреби.

Сето споменато укажува дека е неопходно постепено зголемување на издвојувањата за наука барем за 0,1% годишно до нивото од 1%. Строго наменски и на вистински начин финансирани научни дејности, проекти и активности, секако ќе дадат голем ефект врз развојот на науката и научната презентација на Македонија во светот. Исто така, ќе го подобрат севкупниот квалитет на студиите, ќе го поттикнат интересот за научни истражувања, ќе го намалат одливот на мозоци од нашата држава и др.

Автор: д-р Ивица Милевски
(автор на: 90 научни и стручни трудови од кои 35 објавени во релевантни меѓународни списанија (3 на Солунскиот Универзитет), 4 поглавја за Македонија во меѓународни Springer монографии, автор на 200 стручно-популарни статии за Македонија и нејзините уникатности прегледани преку 200.000 пати, автор на атласи, апликации, тим лидер и експерт во 12 научни и апликативни развојни проекти во Македонија, национален член на повеќе светски научни организации…….)

Оваа статија е прочитана 7642 пати!

Од категорија: Отворено... · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply