Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Акумулацијата „Мантово“- неискористен туристички потенцијал

Акумулацијата „Мантово“- неискористен туристички потенцијал

26.01.2015

Езерото „Мантово“ е вештачка акумулација на реката Крива Лакавица во југоисточниот регион на Република Македонија. Се наоѓа на одалеченост од 15 км од с.Конче, 18 км од Радовиш и 25 км од Штип. Езерото е настанато со подигање на камено-насипна брана со глинено јадро во долината на реката, во далечната 1978 година. Езерото се наоѓа на надморска висина од 402 м, има издолжена форма, со правец на протегање северозапад-југоисток и има повеќе издолжени заливи. По капацитет тоа е втора акумулација во источниот дел на Република Македонија. „Мантово“ максимално може да акумулира 49 милиони метри кубни вода. Површината на водното огледало изнесува 4,49 км кв, должината на езерото е 5,5 км, просечната ширина изнесува 0,8 км, додека најголемата длабочина на езерото е 20 м (веднаш до браната). Иако целосно се наоѓа во општината Конче, езерото е градено со цел да ги задоволи потребите и на соседните општини. Примарна функција на езерото е да го наводнува Радовишко Поле, потоа да обезбеди водоснабдување на општината Конче, да ги обезбедува потребните количини на вода за рудникот „Бучим“, како и да биде главен центар за одмор и рекреација за Штип како најголемиот град во регионот и за околните поблиски градчиња. Од сите овие предвидени функции, езерото денес исполнува само една – обезбедување вода за рудникот„Бучим“, кој што континуирано за свои потреби користи два милиона кубни метри вода годишно. Со ова искористеноста на водниот потенцијал на езерото е едвај десетина проценти.

МантовоВо поглед на туризмот, ова езеро и неговата околина, најпрво што може да го понуди е чистиот воздух, чистата вода, прекрасниот пејсаж, мирот и тишината со која е опкружено ова прекрасно место. Езерото има своја пријатна микроклима, така што температурата на водата во летните месеци достигнува 24 ºC, што го прави погодно во летниот период за капење и за различни видови на водни спортови. Езерото изобилува со богат и разновиден биодиверзитет, со најразлични видови на слатководни риби и птици. Најзастапени риби се: крап, сом, клен, караш и костреш, па затоа е честа дестинација на љубителите на спортскиот риболов. На самиот брег од езерото се наоѓа и манастир. Исто така, во непосредна близина се наоѓа и познатиот рид Габровска Чука, кој е неиспитан археолошки локалитет. Во близина на истиот рид, особено е интересен и делот на скоро вертикалните гранитни карпи со висина од 2 до 25 метри. Овие карпи се со јужна експозиција и овозможуваат добри услови за алпинистичко искачување и веќе се посетуваат од љубителите на овој адреналински спорт од локалниот алпинистички клуб „Плоча“ од Радовиш. Целата поширока околина на езерото е опкружена со шуми и ливади така што, доколку се уредат пешачки патеки, ќе можат да бидат искористени од вљубениците во пешачењето, а доколку се уредат и велосипедски патеки тогаш ќе можат да се искористат за планински велосипедизам. За оние пак, кои што не се занимаваат со ниеден од овие спортови, би можело да се организираат екскурзии со посета на селска куќа, каде што во етно стил би можело да им се покаже како се молзе крава, како се прави сирење, како се приготвува леб и месо во фурна на дрва и на крај сето тоа да се дегустира. Екскурзиите би можеле да опфатат и посета на стара воденица на вода за да се види како се мелело житото порано, како се прави домашна ракија, како се нижел тутунот, посета на трло за овци и сл.

Во моментов, на езерото речиси и да нема никаква туристичката понуда. Постојат повеќе причини за таквата состојба, како што е немањето на добар пристапен пат, редовна сообраќајна линија, туристичка инфраструктура, изградени сместувачко-угостителски објекти, продавници за основни артикли, туристички маркетинг и друго. Но, можеби главна причина е и инертноста на локалното население, кое што традиционално е ориентирано кон земјоделство, а со недоверба го прифаќа туризмот како занимање и извор на приходи за егзистенција. Од овие причини езерото е посетувано само од еднодневни или викенд-туристи со шатори, како и од сопствениците на викендичките околу езерото. Тоа што езерото, и по речиси 40 години од своето постоење, сеуште ги нема искористено своите туристички потенцијали, укажува на тоа дека туризмот не може да се развива спонтано. За искористување на сите овие претходно споменати туристички потенцијали и нивно развивање и унапредување, потребно е вклучување на сите релевантни фактори во општината, регионот, па и во државата преку своите институции, со проценки, студии, проекти, планови и др., изработени од соодветен мултифункционален кадар, кој има широки познавања кои се потребни за функционално и правилно одвивање на туризмот. Првите чекори се веќе направени од страна на општината Конче со изградбата на „Влашките Колиби“, во рамките на проектот ,,Културното наследство на власите во регионите на Конче и Серес“, од програмата за прекугранична соработка меѓу Р.Македонија и Р.Грција. Исто така, од страна на општината, во тек е и уште еден проект за изградба на туристичка населба со индивидуални кукички за одмор, хотел, трим-патеки и спорски терени на езерото. Но тоа е сеуште премалку, бидејки туристичките потенцијали на езерото „Мантово“ и неговата околина се многу, многу поголеми.

Извори:
http://jugoinfo.mk/index.php?id=637
http://daily.mk/zabava/posetete-go-ezeroto-mantovo
http://www.plocaclimbing.com/?p=6342
http://www.konce.gov.mk/News/3133/vlashki-kolibi

Подготвил: Никола Петрески

Оваа статија е прочитана 4156 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger