Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Мелови – интересни релјефни појави во Малеш и Пијанец

Мелови – интересни релјефни појави во Малеш и Пијанец

27.11.2011.  Автор: д-р Ивица Милевски.

Мелови се многу интересни геоморфолошки форми, особено застапени во подрачјето на Малеш и Пијанец. Се одликуваат со карактеристичен амфитеатрален изглед кој се стеснува кон подножјето, така што наликуваат на пресечена инка. Во стручната терминологија, меловите се означуваат како бедленд терени (од англиското badland што значи лоша земја), односно терени значително уништени со површинска и длабинска ерозија. Самиот збор мел или мелови, веројатно потекнува од Малеш и Пијанец или од соседните подрачја во Република Бугарија (Мелничко, град Мелник), каде има многу вакви појави. Всушност, највпечатливите мелови се јавуваат токму околу Пехчево, каде има 40-тина појави и тоа кај селото Црник, потоа кај селото Смојмирово (Паркач), во близината на селото Нов Истевник (Кукуље) и на други места. Имаат различни димензии, така што височината на амфитеатралниот вертикален отсек, може да достигне и до 80 метри, а пречникот до 300 метри. Тоа, на некои мелови им дава импресивен изглед, а движењето и набљудувањето покрај работ на отсекот, во исто време е возбудливо, но и опасно. Уште повеќе, положбата на некои мелови е таква што тешко може да се претпостави дека во зарамнетиот ридско-планински крај има отсек длабок 50 и повеќе метри.

Набљудувајќи ги меловите, вниманието можат да ни го привлечат нивните страни. Тие обично се хоризонтално слоевити, изградени од неотпорни седиментни карпи (песоци, песочници, глини). Затоа и боите на страните од меловите варираат од сивкаста, жолтеникава, црвеникава до кафеава. Страните се интересни и по длабоките бразди, долчиња, ендеци, па дури и земјени пирамиди како кај меловите во селото Нов Истевник (Кукуљето).

Во однос на постанокот, најголем дел од меловите се формирале со постепено зголемување, проширување и составување на бразди, ендеци и ерозивните долчиња во слабо отпорни, дебели седиментни слоеви. Кај некои мелови, иницијлна причина за нивно изградување била појавата на свлечиште во подножјето, а потоа се развиле долчиња и ендеци. Понатамошната еволуција на меловите, се одвива сé додека постојат поволни услови за нивно проширување и  продлабочување. Мора да се спомене дека човекот преку прекумерно уништување на шумите, доста влијаел во создавањето и морфолошката еволуција на меловите, често и пресудно. Дури и пошумувањата изведени во втората половина на минатиот век, не успеале многу да го сопрат развојот на меловите на овој простор.

Без оглед што се последица на силното деструктивно дејство на ерозијата, поголемите мелови во Малеш и Пијанец се доста атрактивни форми кои го привлекуваат вниманието на посетителите. Во таа смисла, можат да се искористат за туристичка намена, секако во комбинација со другите интересни локални содржини (архаични села, вкусна храна, чиста природа, студени извори и др.). Најголем дел од споменатите мелови се лесно пристапни, со асфалтни патишта до најблиските села и најмногу 10-20 минути пешачење до самите форми.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3121 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger