Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Демографска слика на Пелагонискиот Регион, со посебен осврт на природниот прираст во периодот од 2003 до 2013 година

Демографска слика на Пелагонискиот Регион, со посебен осврт на природниот прираст во периодот од 2003 до 2013 година

29.01.2015

Република Македонија за потребите на географијата, демографијата, статистиката, како и на многу други научни дисциплини, може да се диференцира на повеќе региони. Во согластност на релјефот, но и на населеноста, во Р. Македонија може да се издвојат осум региони, и тоа: Полошки, Скопски, Североисточен, Источен, Југоисточен, Вардарски, Пелагониски и Југозападен Регион. Ваквата поделба на 29.09.2009 е официјализирана со закон 744px-Map_of_the_municipalities_of_Pelagonia_Statistical_Region.svg1во Собранието на Р.Македонија. Инаку, регионите се определени се со цел да се овозможи еден полесен начин, но и непрекинато следење на взаемните врски помеѓу населените места. Покрај поделбата на региони, примарната важност сеуште ја имаат општините, но сепак регионализација има за задача да ја зголеми соработката и развојот на општините. Според поделбата најголем регион е Пелагонискиот, кој зафаќа 18,9% од површината на Р. Македонија. Главна целина на овој регион е Пелагониска Котлина, а покрај неа, во регионот е додадена и поблиска околина, како што се областите на: Демир Хисар, Крушево, Преспа и Мариово. Пелагонискиот Регион има граници со Југозападниот Регион, Вардарскиот Регион и со соседна Грција. Граничната линија во најголем дел се движи по планинските сртови. Во територијата на Пелагонискиот Регион се наоѓаат девет општини, пет од нив се урбани, а четири имаат рурален карактер. Во урбани општини спаѓаат општините: Битола, Прилеп, Ресен, Крушево и Димир Хисар, а додека рурални општини се: Долнени, Кривогаштани, Могила и Новаци.

По површина најголема општина во Пелагонискиот Регион е општина Прилеп со 1.198 km2 или 25,39 % од вкупната територија, а најмала е општина Кривогаштани со површина од само 88 km2. Инаку, во регионот опстојуваат вкупно 343 населени места, од нив најмногу се среќаваат во општина Битола (66), Прилеп (59), Ресен (44), Демир Хисар (41) итн. Во сите овие населени места живее популација од 238.136 жители или 11,77 % од вкупното население во Република Македонија (попис 2002 год.). Околу 72 % од населението е сконцентрирано само во две општини, и тоа во општините: Битола (40.05 %) и Прилеп (32,23 %). Најмногу жители има општина Битола, во која живее популација од 95.385 жители, а додека најмалку жители се забележува во општина Новаци, каде живеат 3.549 жители. Имено, во регионот просечно живеат по 50,48 жит/km2. Најгусто населени се општините: Битола со 127 жит/km2, Кривогаштани со 69,88 жит/km2 и Прилеп со 64 жит/km2, а најретко населена е општината Новаци со само 4,82 жит/km2.
PR tabela-1-
По добиените податоци од пописот во 2002 година во Пелагонискиот Регион нема некоја драстична разлика помеѓу машкото и женското население. Половата структура е благо наклонета кон машкото население, кое е претставено со 51,15 % (119.415), а додека женското население е застапено со 49,85 % (118.721). Со исклучок на Битола, која има повеќе женско од машко население (50,75 % женско и 49,25 % машко население), во сите останати општини има процентуално повеќе машко население. Пелагонискиот Регион се одликува како регион на зрелото население (20 – 64), кое се среќава со 59,80 %. Младото население (0 – 19) во регионот е застапено со 25,34 %, а додека старото население (над 65 години) е претставено со 14,86 % (попис 2002). Имено, младото население процентуално најмногу се среќава во општината Долнени (32,36 %), а додека старо население е карактеристика за општините Демир Хисар (21,51%) и Новаци (26,34%). Во поглед на етничката структура, регионот е населен со повеќе етникуми, но доминантно е претставен со Македонците, кои сочинуваат 85,86 % од вкупното население. Покрај Македонците, во Пелагонискиот Регион живее и помала група на: Албанци (4,90 %), Турци (3,16 %), Роми (3,05 %), Бошњаци (1,10 %) и Власи (0,98 %). Инаку, Македонците во седум општини се повеќе од 75%, а во пет од нив сочинуваат повеќе од 90 % од населението (Кривогаштани 99,61 %, Новаци 98,34 %, Демир Хисар 96,65 %, Могила 95,86 % и Прилеп 92,35 %). Исклучок од овие хомогени општини се општините Крушево и Долнени. Во општината Крушево, Макед744px-Ethnic_groups_in_the_1Pelagonia_Region_of_Macedonia.svgонците се застапени со 62,76% од населението, а остатокот е составен со поголема група на: Албанци (21,31%), Власи (10,53%) и Турци (3,25%). За разлика од Крушево, општината Долнени има далеку поголема хетерогеност. Во општината, Македонците (35,90 %) иако се најбројни, не се така доминантно застапени. Покрај Македонци во оваа општина живеат поголем број на Албанци (26,65%), Турци (19,14%) и Бошњаци (17,54%).

Наталитетот во Република Македонија со години стихијно се намалува, главно поради се поголемото препуштање и прифаќање на модерниот живот, економската состојба, како и се поголемиот број на разводи, но и се подоцнежното стапување во брак. Нискиот наталитет најпрво се затекна во малите и средните селски населби, а со тек на време стана и одлика на градовите. Последниве години загрижувачки наталитет се појави во повеќе делови на Република Македонија, меѓу кои особено загрижувачки е наталитетот во Пелагонискиот Регион. Овој регион скоро две децении има низок наталитет, пред се поради миграциите на зрелото население, но и се поголемиот број на неженети и немажени. Последнава деценија (2003 – 2013), Пелагонискиот Регион има просечна стапка на наталитет од 10,42 ‰ или во текот на една година се раѓаат по 2414 живородени деца. Највисока стапка на наталитет се забележува во општината Долнени (15,84‰). Останатите општини се карактеризираат со ниска стапка на наталитет, која просечно се движи: од 9,48‰ во Кривогаштани, 9,58 ‰ во Битола, 10,7 ‰ во Прилеп, 10,85 ‰ во Могила, 10,86 ‰ во Новаци, и до 11,73 ‰ во Крушево. Убедливо најнизок наталитет имаат општините Демир Хисар (7,73 ‰) и Ресен (7,69 ‰).

Морталитетот во Р. Македонија, во последните години бележи благ пораст, кој пред се е одговор на се поголемото учество на старото население (над 65 год.). Истиот, на државно ниво се движи со стапка од 9,42 ‰ (годишно во просек умираат по 19,053 лица). Стандардно повисок морталитет се јавува во Пелагонискиот, Вардарскиот и Југоисточниот Регион (региони кои имаат поголем процент на старо население). Имено, во Пелагонискиот Регион, стапката на морталитет се движи во просек по 12,6 ‰ или просечно секоја година умираат по 2.969 лица (2003 – 2013 год.). Највисока стапка на морталитет се забележува во општина Новаци, која има просечен морталитет од 22,13 ‰ (2003 – 2013). Кај останатите општини стапката на морталитет се движи од 10,88 ‰ во Долнени до 16,69 ‰ во Демир Хисар.
PR grafikon-1
Природниот прираст во Р. Македонија бележи надолна линија, а главна причина е нискиот наталитет кој станува нов тренд на населението. Во периодот помеѓу последните два пописа (од пописот 1994 година до пописот 2002 година), природниот прираст е намален за половина, односно бележи пад од 3,9 ‰ и изнесува 3,10 ‰ во 2002 год. Стапката на природен прираст повторно двојно се намалува во периодот од 2002 до 2011 год. и во 2011 година изнесува само 1,62 ‰.

Доста голем пад на природниот прираст се забележува во Пелагонискиот Регион, кој со години има негативна стапка. Во овој регион, стапката на природниот прираст се движи просечно по – 2,36 ‰ или во просек регионот губи по 555 лица на година (2003 – 2013 год.). Во повеќето општини од регионот се јавува негативна стапка на природен прираст, а исклучок од оваа група е само општина Долнени. Кај оваа општина е забележан раст на населението од 4,96 ‰ или по 68 лица на година. Исто така, статистички позитивна стапка се забележува уште во општина Крушево (0,31 ‰), и тоа благодарение на неколку години, во кои има позитивна репродукција (3 ‰ во 2003 год., 0,83 ‰ во 2004 год., 1,46 ‰ во 2007 год., 3,87 ‰ во 2009 год., 2,2 ‰ во 2013 год.). Имено, крајно загрижувачки природен прираст се јавува во општината Новаци (- 11,27 ‰), која бележи рекордна стапка на негативен природен прираст. Исто така, загрижувачки природен прираст имаат општините: Демир Хисар (- 8,98 ‰), Ресен (-6,48 ‰), Кривогаштани (- 4,8 ‰), Могила (- 4,43 ‰), Битола (- 2,9 ‰) и Прилеп (- 0,9 ‰).
PR grafikon-2
Како резултат на негативниот природен прираст, најмногу население по година губат општините: Битола (- 274 лица), Ресен (- 101 лице), Демир Хисар (- 81 лице) и Прилеп ( – 69 лица). Во контекст на тоа, општина Битола во периодот од 2003 до 2013 год. загубила население од 3014 лица или 3,15% од вкупното население (попис 2002 год.). Далеку посеризно празнење т.е. изразита депопулација се забележува во општините: Ресен (7 %), Демир Хисар (9,4 %) и Новаци (каде општината загубила население од 11,55 %). Според етничката структура, Македонците се карактеризираат со негативен природен прираст, притоа оваа етничка група губи население од околу 1000 лица на година. Исто така, негативен природен прираст имаат уште Србите и Власите. За разлика од нив, позитивен природен прираст се јавува кај Албанците, Турците, Бошњаците и Ромите.

Ова е една кратка анализа за природниот прираст во Пелагонискиот Регион, притоа позајмени и користени се достапните податоци од Државниот завод за статистика. При обработка на истите, голем проблем претставува ажурирањето на нови релевантни податоци, кои мора да се обезбедат со одржување на нов попис на населението и тоа веднаш. Попис на населението и те како е неопходен за правилен развој на државата. Инаку, од анализата може да се забележи дека нашиот најголем регион има исклучително сериозни резултати на природен прираст, кои во иднина можат да бидат уште многу посериозни. Мора да се посвети се поголемо и поголемо внимание на овој проблем, бидејќи од него зависи иднината на оваа земја. Секако дека еден од начините на зголемување на наталитетот, а со тоа и на природниот прираст е економска стимулација на истиот, преку низа на мерки. Притоа мора да се посвети поголемо внимание на развој, особено на помалите средини, како што се малите градови (Крушево, Демир Хисар и Ресен), но и на селските средини (Костинци, Ропотово, Дуње, Тополчани, Кривогаштани, Бучин, Сопотница, Могила, Добрушево, Бач, Новаци, Цапари, Сливница, Стење и мн. др.). Потребно е да се создаваат се повеќе и повеќе селски центри во кои покрај неопходните услови за живеење ќе има беспрекорна и одржлива егзистенција. Впрочем ова треба да важи, но и да се применува во целата држава.

Извори:
ДЗС (2004) Попис на населението, домаќинсвата и становите, 2002 година, Книга I, Скопје
ДЗС (2009) Природно движење на населението за 2008 година, Скопје
ДЗС (2010) Природно движење на населението за 2009 година, Скопје
ДЗС (2011) Природно движење на населението за 2010 година, Скопје
ДЗС (2012) Природно движење на населението за 2011 година, Скопје
ДЗС (2013) Природно движење на населението за 2012 година, Скопје
ДЗС (2014) Природно движење на населението за 2013 година, Скопје
Маџевиќ М. (2011) Географија на население, Скопје
www.brr.gov.mk
www.stat.gov.mk/

Автор: Дарко Стојчески, дипломиран географ

 

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags:

Leave a Reply

*