Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Зошто се јавува затемнување на Сонцето?

Зошто се јавува затемнување на Сонцето?

20.03.2015

затемнувањеНаједноставно кажано, затемнувањето на Сонцето настанува кога положбата на Месечината ќе биде точно помеѓу Сонцето и Земјата. Сепак во прашање се повеќе фактори и „коинциденции“ што условиле да ја имаме ваквата појава. Првин, интересно е тоа што Сонцето и Месечината имаат речиси ист аголен (привиден) пречник. Иако Сонцето има вистински пречник од 1.390.000 км, а месечината 3.476 км, сепак поради различната оддалеченост (Сонцето просечно е оддалечено 150 милиони км, а Месечината само 384.000 км), нам ни изгледа дека тие се со еднаков пречник. Месечината, како земјин сателит, кружи околу истата за период од 27 дена, при што со едната страна секогаш е свртена кон земјата. Во секој ваков цикус, Месечината ќе се најде помеѓу земјата и Сонцето (конјукција) и би требало да дојде до затемнување на сонцето. Но тоа не е случај бидејќи орбитата на Месечината не лежи во рамнина на еклиптиката туку е наведната под агол од 5.9 степени. Всушност Месечината поминува над или под Сонцето, а еклиптиката ја сече само во 2 точки, т.е. таму каде што се сечат рамнината на земјината орбита и лунарната орбита. Поради прецесионите поместувања на нивните орбити и точките на пресекот постепено се поместуваат. Понекогаш едната точка на пресек ќе биде точно меѓу Земјата и Сонцето. Тогаш доаѓа до затемнување на Сонцето. Комбинацијата на претходните движења и орбиталните движења на Месечината околу Земјата и Земјата околу Сонцето доведува до циклус на еклипси (затемнувања) со слична форма на секои 18 години. Овој циклус наречен сарос е откриен уште во древниот Египет и значи повторување. Во еден сарос има 43 сончеви затемнувања од кои 13 се целосни (тотални).

Дали затемнувањето ќе биде делумно (Сонцето не е прекриено целосно и не може јасно да се воочи неговата фотосфера и корона), или пак целосно (Сонцето е целосно прекриено од Месечината) зависи од оддалеченоста на Месечината од Земјата и на Земјата од Сонцето во моментот кога се исполнети претходните услови. Растојанието треба да е такво што аголниот пречник на Месечината треба да биде ист (или поголем) од оној на Сонцето. Ако аголниот (привидниот) пречник на Месечината е помал (а растојанието меѓу Месечината и Земјата поголемо од потребното) се јавува делумно затемнување, но појасот на сенката е многу поширок отколку при целосно затемнување. Значи Месечината би требала да биде на мала оддалеченост од Земјата т.е. да е во перигеум или појава на т.н. Супермесечина, како што е деновиве. Појасот на целосно затемнување никогаш не може да биде поширок од 250-300 км, бидејќи Месечината има многу помал пречник од Земјата, а и растојанието помеѓу нив не може да биде помало од 364.000 км. Во повеќе календарски години, можат да се случат две, па и повеќе затемнувања, така што во 1935 имало 5 сончеви затемнувања (наредниот пат тоа ќе биде во 2206 година). Во долниот преглед дадени се предвидувањата за бројот на затемнувањата до 25-тиот век.

1901-2000: 228 затемнувања, од кои 145 целосни
2001-2100: 224 ” ” ” 144 ” ”
2101-2200: 235 ” ” ” 151 ” ”
2201-2300: 248 ” ” ” 156 ” ”
2301-2400: 248 ” ” ” 160 ” ”
2401-2500: 237 ” ” ” 153 ” ”

Во просек, секоја точка на Земјата може да има едно затемнување во три до четири века. Денес со помош на компјутерите точно може да се пресмета времето на затемнување, појасот на затемнување, траењето на сенката и сл. во перспектива од неколку стотици години, а со грешка до 1 секунда. При тоа, најголема тешкотија се можните непредвидливи причини за аномалии на месечевите движења.
Треба да се напомене дека поради постојано оддалечување на Месечината од Земјата, феноменот на целосно затемнување на Сонцето луѓето ќе може да го следат уште неколку илјади години, а потоа ќе може да се гледа само делумното затемнување (привидниот пречник на Месечината ќе биде помал од оној на Сонцето).

Самата појава има спектакуларен изглед, посебно во подрачја на целосно затемнување. Дваесетина минути пред затемнувањето, се појавуваат ѕвезди и планети, а хоризонтот изгледа како изгрејсонце. Неколку мига пред потполното затемнување, околу Сонцето се појавува дијамантски прстен-крајниот рабен дел од Сонцето, а во сета своја убавина блеснува сончевата корона (повисокиот дел од сончевата атмосфера со температура над милион степени). Во тој момент настапува „ноќ“, а над хоризонтот нормално се забележуваат небесните тела. Овој момент е многу значаен од научна точка, бидејќи може да се набљудува активноста на Сонцето, големината и формата на короната, протуберанците (ерупциите), карактеристиките на зрачењето, гравитациското влијание врз просторот (според Општата теорија на релативноста) и др. Исто така, при поволна положба, со голо око може да се забележи планетата Меркур, која во нормални услови без современа техника не може да се издвои. Така, најголемата желба на астрономот Никола Коперник – да го види Меркур, не се остварила бидејќи не бил сведок на ниедно затемнување.

Интересни верувања поврзани со затемнување на Сонцето
Луѓето низ историјата на затемнувањето гледале на различни начини. Најстари записи за затемнувањата, датираат уште од 21-виот век п.н.е. а се забележани во Вавилонските астролошки таблици од Ур, познати како Enuma Anu Enlil. Но најголем дел од записите е посветен на месечевите затемнувања, кои се повржуваат со несреќи или катастрофи. Старите грци се плашеле дека сончевата светлина засекогаш ќе ја напушти земјата. Грчкиот историчар Херодот наведува дека во 585 година п.н.е. сенката од затемнувањето минала преку бојното поле на Лидијците и Медејците. При тоа битката веднаш запрела и двете државички прогласиле примирје. Во стара Кина, за време на затемнувањето, луѓето кревале голема врева. Тие сметале дека со вревата ќе го избркаат големиот змеј што сакал да го голтне сонцето. Индијанците за време на затемнувањето се нурнувале во вода. Тие верувале дека така ќе му помогнат на Сонцето во борбата со темните сили на природата. Аргентинците верувале дека Сонцето го јаде голем јагуар, додека според Виетнамците тоа била голема жаба. Американските индијанци Чипава, стрелале запалени стрели кон Сонцето и секогаш успевале повторно да го запалат. Јапонците веднаш оставале секаква работа, а некогаш ги амнестирале и затворениците. Со еден збор, најголем дел од народите на затемнувањето гледале со страв или збунетост. Дел од таквите верувања и предрасуди се одржале се до денес.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5707 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger