Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Од утре преминуваме на летно сметање на времето

Од утре преминуваме на летно сметање на времето

28.03.2015

Letno-vremeeeУтре (недела 29 март), во 2 часот наутро, Република Македонија ќе премине на летно сметање на времето. Тогаш стрелките на часовникот треба да се поместат еден час напред и наместо 02 да означуваат 03 часот. За разлика од зимското време кое е „реално“ и „вистинско“, летното време е административно или указно. Истото ќе заврши во недела на 25 октомври во 3 часот по полноќ, кога повторно ќе се премине на зимското, реално време. Летното или уште се нарекува мандатно, договорно или указно време претставува административно поместување на службеното време, заради економска заштеда, политички, безбедносни, спортско-рекреативни, здравствени или други причини. Тоа значи дека поместувањето на времето не е последица на некоја природна појава, туку е административен указ. Прва држава која вовела летно поместување на времето била Германија и тоа за време на Првата Светска војна, од 30 април 1916 година. Веднаш по неа, овој концепт го прифатила Британија, следната година Русија, потоа 1918 година САД, а подоцна и други држави. До сега, значителен број на држави (околу 70) го вовеле летното сметање на времето, некои го укинале, а уште поголем број на држави, особено во Африка и во Азија и воопшто не го користеле. Денес околу 2 милијарди луѓе користат летно време а околу 4 милијарди не го користат. Државите во екваторскиот или тропскиот појас, воопшто немаат ниту потреба од летно време, бидејќи таму траењето на денот и ноќта е доста воедначено во текот на годината, од по околу 12 часа.

Letno-vreme

Инаку, летното сметање на времето во Македонија е воведено со прописите на поранешна Југославија во 1983 година. На почетокот, летното време траело од последната недела на Март до последната недела на Септември, а од 1996 година е поместено да трае до последната недела на Октомври. Во Република Македонија не се вршени детални истражувања за влијанието на летното време врз животот на луѓето. Сепак, според нашите согледувања, со оглед на географската положба тоа има позитивен ефект, бидејќи оптимално се искористуваат утринските, послабо осончани и постудени часови за сметка на попладневните посончани и потопли часови, кои се користат за слободни рекреативно-забавни активности. Овој ефект е изразен и врз здравјето и позитивното расположение.

Според тоа, во недела ќе спиеме еден час помалку, но затоа пак ќе уживаме во долгите попладневни часови, се до повторното преминување на зимското време.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3317 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger