Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Коринтски канал – најтесниот морски канал во Светот

Коринтски канал – најтесниот морски канал во Светот

29.03.2015

Познатиот Коринтски Канал кој го дели Полуостровот Пелопонез од грчкото копно, односно ги поврзува Саронскиот со Коринтскиот Залив во Егејското Море, со само 21,3 метри во ширина е еден од најтесните поморски канали во светот и претстваува вистинска туристичка атракција во светски рамки. Коринтскиот Канал е долг 6,4 км, висок 63 м, но поради неговата „кнап“ ширина им претставувал ноќна мора на многу капетани на бродови кои морало да минуваат низ него. Името го добил по блискиот град Коринт кој се наоѓа во западниот краен дел на каналот. Идејата за каналот, кој е пуштен во употреба во 1893 година, датира уште пред 2500 години (антички период), додека пред тој да биде направен, официјално во 1881 година, морепловците морале да кружат околу Полуостровот Пелопонез што им претставувало уште 185 наутички милји (340 km) дополнителен воден пат. Работата на каналот била прилично комплицирана за тоа време. Потребни биле 2500 работници кои користеле тогаш најнова технологија (вклучувајќи машинерија за создавање експлозии од фабриките на Нобел во Германија и Италија) под надзор на инженери и архитекти од цела Европа.

Во поглед на геолошкиот состав изграден е од седиментните карпи кои се состојат од слоеви со различна дебелина и во нив може да се сретнат фосилни остатоци од растенија или животни. Во делот на Коринтскиот Канал доминира типична медитеранска (средоземноморска) клима, која се одликува со топли и суви лета, благи и врнежливи зими, со подолга и потопла есен, пократка и посвежа пролет, а карактеристична вегетација по должината на Коринтскиот канал се ниските зимзелени грмушести растенија – макии. Коринтскиот канал покрај големото трговско – стопанско значење за транспорт и размена производи, има и големо сообраќајно – туристичко значење за развој на поморскиот сообраќај. Иако каналот е премногу тесен за големи товарни бродови и воглавно се користи за туристички, секоја година околу 15.000 бродови од најмалку 50 различни држави пловат низ него. Неодамна се започна со работа на проширување и продлабочување на каналот за да можат да проаѓаат траекти кои тргнуваат од пристаништето во Пиреа и одат кон популарни дестинации на островите во Јонското Море и Италија. Три моста за возила и возови го поминуваат каналот на теснецот близу древниот град Коринт. Два потопни мостови ја регулираат пловидбата на влез и излез од каналот. Поради статусот кој го ужива каналот е место за бројни егзибиционистички потфати. Така, во 2010 година беше изведен скок со мотор преку каналот од австралиски мотокрос шампион, кој прелета преку теснецот на 95 метри височина со брзина од 125 км на час. Поради многу стрмните страни, на мостовите во каналот е популарно банџито, потоа стоечко веслање, фотографирање над вертикалните карпи и многу други атракции. Можеби најлудото нешто беше нискиот лет низ каналот со мал спортски авион изведен минатата (2014) година од страна на 60-годишен унгарски пилот. Затоа, секоја година каналот го посетуваат, застануваат и му се воодушевуваат неколку милиони туристи.

Подготвил: Мирослав Мики Велковски, проф. по географија во ОУ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, Велес.

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*