Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » 1ви април – денот на шегата и неговото одбележување низ светот

1ви април – денот на шегата и неговото одбележување низ светот

1.04.2015

Добро е познато дека на 1 април сите луѓе во светот се шегуваат, се смеат и се маскираат. Се верува дека обичајот да се шегуваме на 1 април потекнува од Франција од 16 век. Пред тоа, според календарот што се употребувал во Европа, годината почнувала на 1 Април. На тој ден луѓето славеле, си разменувале подароци и се посетувале. Но во 1564 година, францускиот крал Шарл Деветти, презел нов календар и со декрет наредил секоја Нова година да почнува на 1 јануари. Многумина го следеле овој кралски декрет, но сепак постоеле и луѓе што не го почитувале новиот указ и продолжиле да си ја слават Новата година на 1 април. Наскоро овие луѓе станале цел на исмејување и трикови на нивните пријатели и соседи, само поради тоа што 1 април го славеле како Нова година. Пријателите и соседите им испраќале лажни подароци, покани за лажни забави, и разни други мајтапи токму на 1 април. Некои веруваат дека корените на тој народен празник се наоѓаат во стариот Рим, познат и по тоа што тогашните луѓе знаеле добро да се забавуваат. Други теории, пак, велат дека празнувањето потекнува од пролетните фестивали, кои се случувале низ Европа во средниот век. Една од првите регистрирани првоаприлски шеги се случила во 1713 година, кога Џонатан Свифт, автор на познатите „Гуливерови патувања“, објавил дека на 1 април еден од погубените криминалци ќе се врати од мртвите за да се напие пиво во локалниот паб. Тој ден пабовите биле преполни со луѓе што дошле да го видат „мртовецот како консумира пиво“. Англичаните мислат дека Денот на шегата е преземен од истокот, а 1 април го нарекуваат „Ден на сите глупаци“. Холанѓаните имаат традиција на лажење на 1 април: весниците се натпреваруваат да објават ексклузивни вести, на пример, за доаѓањето на некои светски државници во тој град, или за болести, за експерименти во атомистиката итн. Германците 1 април го сметаат за ден кога лесно се чувствуваат несреќни, а своите лоши чувства помалку ги поврзуваат со лажењето, а повеќе за преданието дека на 1 април се родил апостолот Јуда, Христовиот предавник. Во Иран, денот на шегата се паѓа на 13-тиот ден од персиската нова година (Сиздах Бедар), односно на 1-ви или 2-ри април, а почнал да се одбележува уште од 536 година пред нашата ера, со што е најстар познат ден на шегата во Светот.  Во Индија, денот на шегата е на 31 март и се поклопува со Холи фестивалот, кога телата се премачкуваат со разни бои и се прават секакви смешки. Интересно е што речиси секоја култура во светот има ден на шегата, меѓутоа, датумите се различни: во западниот свет, Индија, Иран и други држави е околу 1 април, а во останатите, во почетокот на летото, почетокот на зимата, за време на рамнодениците и сл. Се проценува, дека 1 април како ден на шегата го прославуваат околу 1 милијарда луѓе низ светот. Во Македонија исто така се слави овој празник, дечињата се маскираат во градинките и училиштата, се одржуваат маскенбали на плоштадите во градовите низ државата, сите се весели, се смеат, кажуваат шеги и лаги. И возрасните во последните години организираат маскенбали по кафулињата и дискотеките и се одбираат најиновативни маски.

Во современиот свет на денот на шегата се гледа од два аспекти. Според едниот, правењето шеги е позитивно, добро за расположението, за здравјето, опушта од напнатост и стрес и е корисно. Според други, денот на шегата е невкусен, со претерани шеги, често дури збунувачки и стресни, а често не може да се препознае што е шега а што вистина. Така, на 1ви април во 2004 година, Google објави дека неговиот сервис Gmail бесплатно дава простор од 1 гигабајт, во време кога сите останати нудеа најмногу до 2-3 мегабајти. Оваа шега од многумина беше сфатена озбилно, а потоа следеше големо разочарување.

Извори: http://www.mkd.mk/zabava/domashna/aprililili;  http://en.wikipedia.org/wiki/April_Fools%27_Day

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1910 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger