2014 година за подрачјето на Европа била најтопла откога се вршат мерењата. Сепак, на Балканот било постудено и повлажно од вообичаеното!

5.04.2015

Најновиот Европски климатски извештај (CIB – Climate Indicator Bulletin), окажува дека 2014 година, за овој континент била најтопла од почетокот на инструменталните мерења. Така, минатата (2014 година), просечната температура на воздухот за цела Европа, изнесувала 11,2 степени Целзиусови, или 0,17 степени повеќе од претходниот рекорд во 2007 година. Всушност, во периодот 2000-2014 година се забележани 10-те најжешки години до сега. Во анализите се земени податоците од речиси 5000 метеоролошки станици ширум Европа, а обработката е правена по сезони, месеци, региони и сл. За 2014 година е забележливо дека е значително потопла од просекот на температурите во периодот 1981-2010 и тоа во речиси сите делови на континентот, освен крајниот запад на Пиринејскиот Полуостров. Највисоки аномалии се јавуваат во Централна и Северна Европа (1,5-2,5 степени над просекот), а најмали во Јужна Европа (0,5-1,0 степени над просекот). Дури за 19 држави на стариот континент, 2014 година била најтопла во последните неколку векови и тоа: Австрија, Белгија, Велика Британија, Данска, Германија, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Полска, Србија, Словачка, Словенија, Франција, Унгарија, Хрватска, Чешка и Шведска. Позитивните аномалии биле особено изразени во зимските и пролетните месеци, така што температурите биле и до 5 степени повисоки од стандардниот период. Летото пак, во Централна и Јужна Европа било потпросечно топло за околу 1,0 до 2,0 степени, со исклучок на Северна и Источна Европа каде било потопло за 1,0 до 4,0 степени. Интересно е што иако температурите биле натпросечно високи, врнежите останале во границите на просечното за периодот 1981-2010, со исклучок на Балканскиот Полуостров, каде се измерени значително повисоки вредности. Според презентираните анализи, просечните температури на воздухот во Република Македонија се во рамките на стандардните вредности, со околу 0,5 до 1,0 степени потопла зима, околу 0,5 степени потопла есен и просечни пролет и лето. Бројот на „летни денови“ со температури над 25 степени целзиусови, минатата година кај нас бил помал за 2-3 дена во однос на просекот, а врнежите значително повисоки, посебно во летната сезона.

Врз основа на детални и комплексни анализи, слична е прогноза за Европа и за оваа 2015 година, презентирана од Accuweather. За Балканскиот Полуостров се прогнозираат потпросечни пролетни температури и натпросечни врнежи, со големи опасности од поплави. Првичните анализи и прогнози за летото пак, покажуваат дека ќе биде многу потполо од минатогодишното, со можност дури да се достигне рекордот од 2007 година.

Сето наведено укажува дека иако климатските промени имаат јасен тренд на затоплување, сепак, локалните разлики можат да бидат доста големи и непредвидливи, а тоа особено се однесува на врнежите, појавите на невреме и сл.

Извор: ib.knmi.nl/mediawiki/index.php/2014_warmest_year_on_record_in_Europe

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3811 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *