Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Чудесна Македонија » Орваница – една од бројните исчезнати селски населби во Кумановската област

Орваница – една од бројните исчезнати селски населби во Кумановската област

3.07.2015

ОрваницаОколу уситието на реката Бистрица во Пчиња, недалеку од денешното село Коинце, постоела мала населба Орваница. Пред крај на турското владеење, Орваница била чифлик. Според Ј. Трифуновски, сопственици на чифликот биле албанци („арбанаси“), т.е. браќата Ајвас, Асан и Шабан. Тие потекнувале од кумановското село Сушево. Чифликот во Орваница го основал таткото на споменатите браќа, Дели Афз околу средината на 19 век, кога според кажувањата грабнал девојка од селото Пелинце и ја исламизирал, а воедно си ги присвоил селските дрвја (врби и тополи со селски ливади) во месноста која се нарекувала Орваница. Набрзо започнал да ги користи врбите и тополите кои многу добро успевале покрај реката Пчиња и да ја обработува плодната земја. Користејќи го стравот што го имале селаните, Дели Афз постепено им ја одземал ораницата, а селаните од ова и околните села ги натерал на принудна работа. Тоа било така се додека на „кулучењето“ не се спротивставил некој си селанец Јован Чакал од с. Враготурце и оттогаш овој насилник не се осудил да дојде по кулук во козјачките села, туку се повлекол во своето старо село Сушево, каде што му живеело семејството. Сепак, Афз го наследиле споменатите синови Ајвас, Асан и Шабан. Шабан исто како и неговиот татко, грабнал ќерка на некој свештеник Филип од селото Пелинце, ја исламизирал и ја зел за жена. Отворил меана и бакалница во Орваница и почнал на селаните да им дава на вересија и за пари. Така започнал да ги задолжува да им го одзема имотот заради долгот, а некои ги претворил во чифчии. На тој начин многу се збогатил, започнал да тргува со Солун и направил огромен чифлик. До 1912 година, освен арбанашки (албански) домаќинства, во Орваница имало и малку роми (муслимански и православни). Тие обработувале земја во споменатиот чифлик. Во Орваница во тој период имало кула и „ан“. Анот се наоѓал покрај познатиот стар пат кој водел по долината на Пчиња од Солун преку Штип и Врање до Белград. Набљудувано во целина, селото Орваница била од збиен читлучки тип. Спрема тоа, таа не зафаќала многу голем простор. Сопствениците на чифликот на околните селани им наметнувале тешки феудални обврски. Селаните биле присилувани да работат кај сопствениците на чифликот во време кога имало тешки полски работи. По ослободувањето од турците, албанците од Орваница преминале во Куманово. Тогаш и ромите некаде се разбегале. Својот дел од земјата го задржал само Асан, но во 1946 година и неговата земја преминала во социјалистички сектор. Во Орваница по Втората светска војна се наоѓала една стопанска зграда, во сопственост на Земјоделски Индустриски Комбинат “Куманово” (ЗИК). Остатоците од зградата постојат и денес. Околу зградата имало ниви со пченица (30 ха), лозја (25 ха) и овоштарници со јаболки (20 ха). Чифликот Орваница е претставен и на Австро-Унгарските карти за Република Македонија од 1900 година.

Денес, месноста Орваница претставува слабо познато излетничко место, кое го користат вљубениците во природата. Овде, реката Пчиња е доста чиста, наместа длабока и нуди можности за риболов, сончање, капење и други активности.

Литература:

Ј.Х. Васиљевић (1909) – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, стр.149, 185 Београд.
Ј.Ф. Трифуноски – Исчезла сеоска насеља у Кумановској области (Врањски гласник)
http://lazarus.elte.hu/hun/digkonyv/topo/200e/39-42.jpg

Подготвил: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ
Стручна корекција: д-р Ивица Милевски

Објавено од:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*