Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Наставни » Компјутерите во географијата…

Компјутерите во географијата…

30.11.2011. Автор: д-р Ивица Милевски

Во современиот свет, компјутерско-информатичките технологии се навлезени во речиси сите сфери од животот и претставуваат секојдневна потреба и неопходност. Овие технологии овозможуваат забрзан општествен прогрес, па затоа нивната застапеност и користење е показател за степенот на развиеност на некој регион или држава.
Во Република Македонија, степенот на користење на компјутерско-информатичките технологии (особено интернетот) сеуште е на релативно ниско ниво и значително заостануваме зад развиените, па и зад некои соседни земји. За да се намали овој голем јаз, државата ги интензивира заложбите за информатизација на општеството. Во тој процес, значаен приоритет се дава на подигање на нивото на информатичката писменост во основното и средното образование кои претставуваат основа за понатамошно надградување, унапредување, дисперзија и пренесување на стекнатите знаења.
Слично како и во останатите сфери од нашето образование, во наставата по географија користењето на информатичките технологии генерално е на ниско ниво. Во претходниот период, тоа главно беше последица на објективни фактори, односно непостоење на соодветна компјутерска техника во училиштата. Меѓутоа, во последно време состојбата се менува и се подобрува опременоста на училиштата. Така, главен фактор за степенот на искористување на компјутерската техника станува наставникот и неговата подготвеност и мотивираност за воведување на новите технологии во наставата. Од друга страна, значителните информатички познавања и предзнаења на учениците и нивната потреба за нови информации, наметнува неопходност од користење на ваквите технологии во наставата по географија. Во спротивно, наставникот и наставата нема да бидат доволно интересна за учениците и да го поттикнуваат нивниот креативен дух. Доколку се исполнети условите за соодветна техничка опременост и информатичка подготвеност на наставникот, останува проблемот за избор на компјутерско-дигиталните содржини кои ќе се користат во наставата по географија. Во таа смисла треба да се знае дека се достапни огромен број на такви содржини кои можат да се поделат:

  • според цената (бесплатни, евтини, скапи);
  • според возраста (за основци, адолесценти, средношколци);
  • според намената (едукативни, апликативни, истражувачки);
  • според пристапот до информации (затворен, интернет прист.);
  • според тематиката (општогеографски, астрономски, ГИС…);
  • според комплексноста (едноставни модули, програмски пакети);

 

Во однос на цената која е доста значаен елемент во изборот на софтверот и содржините во наставата треба да се напомене дека речиси секој комерцијален софтвер има соодветна замена за бесплатен софтвер. Така, наместо скапите енциклопедии и атласи, можат да се користат такви бесплатни извори на податоци (Google Earth, Wikipedia). Или пак наместо скап ГИС софтвер постојат бесплатни едноставни ГИС алатки кои се доволно функционални особено за едукативни потреби (SAGA GIS, MicroDEM, GRASS). Всушност, дури и кај многу побогатите развиени земји, постои тенденција користењето на комерцијален софтвер да се заменува со бесплатен софтвер, кој станува се пораспространет.

Бесплатни, интерактивни интернет географски апликации

Во оваа група спаѓаат апликации за кои е неопходна постојана интернет врска, но кои во принцип се слободни за користење т.е. бесплатни. Така, за помалата возраст во почетните степени на географско образование, достапни се најразлични аудио-визуелни квизови, игри и заниливости, со кои се навлегува во географските содржини. Вакви апликации особено се застапени на www.nationalgeographic.com каде постои оддел за деца од помала возраст (kids geography). Во оваа група спаѓаат и бесплатните атласи, енциклопедии и сл.

Бесплатни (слободни) дигитални географски атласи

Меѓу најпознатите бесплатни дигитални атласи кои се користат денес се Google Earth, Google Map, Wikimapia, Encarta online, Map Mashine NationalGeographic и др. Од нив, моментно, графичко-содржински најбогат и најсовремен е атласот Google Earth. Тој располага со огромна база на дигитални податоци како тридимензионален модел на релјефот и сателитски снимки во ситен, среден и крупен размер за речиси целата Земјина површина, потоа векторски елементи како: државни граници, хидрографска мрежа, поважни сообраќајници, населени места, познати градби прикажани во 3Д технологија и сл. Наведените елементи може по потреба да се исклучат (да не се гледаат) или да се вклучат, во зависност од потребите, во левата долна страна од програмскиот прозорец. Инаку сите содржини се геокодирани и претставени во координатна мрежа, така што како што се поместува покажувачот-курсорот по картата, се прикажуваат соодветните правоаголни (УТМ), географски координати и над-морската височина. Можностите на оваа апликација за примена во наставата по географија се многу големи. Со помош на Google Earth, наставникот, на учениците на едноставен начин, визуелно и тридимензионално ќе  им ги „доближи“ најинтересните предели на Земјата, на различни континенти па и во Република Македонија. Со мали објаснувања тоа може да го прават и самите ученици бидејќи апликацијата е многу едноставна за работа. Google Earth поседува и голема интерактивност, така што во неа можат да се поставуваат сопствени фотографии на интересни места проследени со информации, да се внесат сопствени точки, коти, места, површини, линии и др., кои ќе бидат достапни на кори-сниците од целиот Свет. Тоа е можност наставникот да ги мотивира учениците да работат проектни задачи, а нивните резултати да се достапни на милиони луге. Што е уште поинтересно, наставникот и учениците може да креираат виртуелни екскурзии по дадена патека, постепено движејки се по различни предели и низ различни пејсажи.
Покрај приказ на Земјината површина, од средината на 2007 година во Google Earth е инкорпориран и модулот Google Sky, во кој се прикажани бројни небесни објекти: ѕвезди, планети, галактики и сл. Тоа може да се искористи за совладување на содржините од областа на математичката географија. Освен Google Earth, интересни за користење се и останатите наведени поскромни атлас апликации.

Бесплатни енциклопедии

Најпозната интернет базирана бесплатна енциклопедија, во денешно време е Wikipedia. Таа располага со огромен број на податоци од различни области, вклучително и за географијата. Достапна е на повеќе јазици, а одредени содржини се и на македонски јазик. Оваа енциклопедија е отворена, што значи секој може да напише одредница или објаснување на некој поим, придржувајќи се кон правилата на енциклопедијата. На тој начин, секојдневно се внесуваат нови содржини, од стотици автори. Пребарувањето на енциклопедијата е едноставно, така што во зависност од јазикот и писмото на кое е напишан бараниот поим се пронаоѓа соодветниот текст. Наставниците по географија заедно со учениците може значително да придонесат за збогату-вање на македонската верзија од оваа енциклопедија, која засега е доста скромна. Преку проектни активности, може да се креираат и внесуваат информации за наши интересни места и простори, со што ќе се даде еден мал придонес за афирмирање на сопствената држава.

Бесплатен едукативно-апликативен географски софтвер       

Во оваа група спаѓа слободниот географски софтвер за кој не е неопходна интернет врска. Примери за ваков софтвер се:

  • Space, Open Space, мали, едноставни програми во вид на виртуелни планетариуми и опсерватории кои го прикажуваат небото;
  • MicroDEM, едноставна програма за тридимензионално прикажување на релјефот, за прикажување на сателитски снимки, потоа одредени анализи на просторот и сл.,
  • SAGA GIS, мала, едноставна но корисна апликација за анализа на топографијата на просторот и за мали ГИС апликации.
  • ArcGIS Explorer, бесплатна ГИС алатка која нуди одлични можности за преглед, анализа и мерење на ГИС содржини, како и за приказ на многу детални сателитски снимки (секако и за територијата на Република Македонија).

Комерцијален географски софтвер

Овој софтвер генерално е посложен и достапен по одредена цена која варира од пониска за едноставните програми до многу висока за комплексните ГИС пакети (ArcGIS, AutoCAD Map, MicroStation). Како покарактеристични и поевтини од оваа група може да се споменат:

  • Global Mapper, мал програм за 2Д и 3Д прикажување на теренот (растерски и векторски податоци) и на сателитски снимки, за конвертирање на различни формати, за дигитализација итн.,
  • Golden Software (Surfer, Grapher, Map Viewer), група од програми наменети за изработка на тематски карти и географски анализи,
  • Bryce, многу интересен програм за едноставно и брзо креирање на виртуелни пејсажи (планини, мориња, реки, атмосферски услови) и нивна анимација,
  • TruFlite, сличен на претходниот софтвер.
Речиси сите споменати алатки, вклучувајќи ги и најсложените и најскапи ГИС софтверски пакети, се користат во дел од наставата на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, особено во насоката Географски информациски системи (ГИС). Целта е основните техники да им се пренесат на студентите, а тие понатаму како наставници (или во други професии), да ги применат во своето поле на работа.
Што се однесува на наставата во основното и средното образование, без оглед кој од наведените или други софтверски алатки ќе се избере, останува до креативноста и способноста на наставникот да им ги доближи вештините и да ги заинтересира учениците да ги користат новите технологии во географијата. Доколку тоа не го стори во вистински момент, може да се случи обратното – наставникот да дознава од учениците.

Автор: д-р Ивица Милевски 

Оваа статија е прочитана 2121 пати!

Автор:

Од категорија: Наставни · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger