Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Киселичка Пештера и нејзините тајни!

Киселичка Пештера и нејзините тајни!

13.07.2015

Киселичка ПештераВо близина на градот Делчево има неколку мали варовнички ридови во кои се создадени кратки пештери. Така, југоисточно од Делчево, кај село Град е 24 м долгата пештера Коњска Дупка која се смета за најисточна пештера во нашата држава. На североисток од Делчево пак, кај с. Киселица е нешто подолгата и поинтересна пештера, која месното население ја нарекува Киселичка Пештера или Киселичка Дупка. До пештерата се доаѓа преку асфалтниот пат кој води до с. Киселица, а се исклучува од главниот пат М. Каменица-Делчево на само 2 км пред Делчево. По асфалтниот пат се оди 6 км се до Задружната зграда во с. Киселица, а потоа по добар колски пат уште 800 м до т.н. Киселички Дол. Овде се тргнува десно по долот, покрај потокот уште 100 м, додека не се здогледа големата варовничка карпа од десната страна на движење (лева долинска страна). Влезот во Киселичка Пештера се наоѓа во самата карпа и потребно е внимателно искачување по карпата околу 5-6 метри. Од влезот, кој е релативно широк (1,5 м), се минува низ краткиот влезен канал кој се проширува во пештерска сала со пречник од 3-4 м. Во крајните делови на салата продолжуваат уште 3 канали. Најширокиот води кон исток покрај мала кружна галерија и на крајот завршува со тесна, речиси непроодна пукнатина. Останатите два канали се тесни процепи во кои без проблем може да се влезе само 2-3 метри. Вкупната измерена должина на сите канали во овој дел на пештерата е 26 м, со напомена дека истата е веројатно поголема и по наша проценка е околу 35-40 м. Интересно е што кај речиси сите канали има силна циркулација на воздух што упатува на можна поврзаност со „долниот влез“ на Киселичка Пештера. Исто така, треба да се напомене дека истражените канали од овој дел се речиси хоризонтални, со сосема мали падови кон крајот.

Kiselicka33

 

Таканаречениот долен влез е оддалечен 20 м од „главниот влез“ и до него многу полесно се доаѓа. Всушност, станува збор за 2 отвори речиси во ниво, меѓусебно поврзани и раздалечени 4 м. Двата отвори се тесни и во нив може да се влезе околу 10-тина метри. И овде има силна циркулација на воздухот, па наша претпоставка е дека се поврзани со горниот дел на пештерата. Според сето наведено, измерената должина на целиот систем на канали од Киселичка Пештера е 42 метри, со веројатност истата да е помеѓу 50 и 60 метри. Останува во идниот период, со подобра техничка опрема и подготовка да се утврдат врските и да се доистражат каналите, со што ќе се добие вкупната реална должина.

Kiselicka34

Инаку, Киселичка Пештера е сува, со малку поинтензивно прокапување во крајните делови на каналите, каде се формираат сосема мали сталактити. Друг пештерски накит не е забележан. Затоа пак има доста лилјаци, птици, инсекти и сл. Според обликот и карактеристиките, оваа пештера во геолошка смисла е доста „млада“, најверојатно не постара од 20-40 илјади години.

Kiselicka36a

Иако нема некои особено „привлечни“ содржини (освен зеленикавата боја на каналите и почетните сталактити), Киселичка Пештера е интересна по својата положба, имајќи во предвид дека во овој краен источен дел на Македонија, карстни форми и типични пештери се вистинска реткост. За оваа пештера во делчевско има многу легенди и кажувања – од тоа дека има езеро во крајниот внатрешен дел (за такво нешто нема никакви индиции), па до тоа дека преку еден од каналите може да се излезе дури во Бугарија. Локалните жители дури имаат приказна дека во пештерата било пуштено куче кое излегло на бугарската страна, близу границата, односно на оддалеченост од речиси 3 км! Секако, за наведеното тврдење нема никаква основа ниту можност, со оглед на тоа што станува збор за сосема мал варовнички блок со пречник од околу 100-150 м.

Skica-KisP

Освен самата пештера, целиот овој крај е интересен за посета, прошетка и престој во природата. При тоа секогаш треба да се води сметка за максимално зачувување на природатаи на Киселичка Пештера како нејзина вистинска реткост во овој регион.

Kiselicka22Kiselicka37

(теренското истражување на Киселичка Пештера беше изведено на 11.07.2015 година, а во екипата учествуваа: д-р Ивица Милевски од Институтот за географија во Скопје, како и геоморфолозите од Универзитетот во Пиза – Италија: д-р Giovanni Zanchetta, д-р Monica Bini и д-р Adriano Ribolini. Посебна благодарност до Никифор Пандурски за помошта во теренските истражувања и скицирања)

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2947 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger