Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Конечно излезе новиот CORINE Land Cover 2012 модел за подрачјето на Македонија!

Конечно излезе новиот CORINE Land Cover 2012 модел за подрачјето на Македонија!

30.08.2015

CLC2012EuНа почетокот на овој месец (август, 2015), на порталот Copernicus.eu е поставен Corine Land Cover 2012 (или CLC2012) моделот за територијата на Република Македонија и истиот веќе може бесплатно да се симне за сопствени потреби. Станува збор за детален дигитален модел на кој се прикажани 44 „стандардизирани“ типови на покриеност (користење) на земјиштето на речиси целиот Европски континент, за наведената година (поточно за 2011 или 2012 година). Огромната предност на CORINE Land Cover (CLC) не е само просторната стандардизација за целиот континент (со тоа и лесна споредба на класите на користење на земјиштето помеѓу различни европски држави), туку и поставената временска динамика на секои 6 години. Имено, првиот CLC модел е изработен уште во 1990 година (CLC1990; без подрачјето на Македонија), следниот во 2000 година (CLC2000; со подрачјето на Македонија), потоа 2006 (CLC2006; со Македонија) и штотуку поставениот за 2012 година (CLC2012; со Македонија). Ваквите временски секвенци овозможуваат следење на промените на површините под урбано земјиште, ниви, шуми, пасишта и сл., нивно намалување или зголемување, што пак дава можности за бројни анализи во разни подрачја од интерес.

CLC-2012-1

CLC2012а

Ние веќе извршивме првични анализи на CLC2012 моделот за Македонија, при што добивме неколку интересни сознанија. Пред се, CLC2012 моделот е со значително помалку „грешки“ во однос на претходните (CLC2000; CLC2006), веројатно поради поголемата автоматизација на процесот (полуавтоматска детекција на сателитските снимки RapidEye). Исто така, забележани се крупни промени помеѓу одделните класи на користење или покриеност на земјиштето (land cover), делумно поради подобрениот квалитет на 2012 моделот, но и поради промените од 2006 до 2012 година (големите шумски пожари, ширењето на урбаните површини и сл.). Промените во површините се јасно означени и во растерскиот модел на промени CLC2006-2012, а особено CLC2000-2012 кои можат бесплатно да се симнат од порталот Copernicus.eu. Особено интересни сознанија се добиваат при корелација на CLC2012 моделот со дигиталните модели на висини, дигиталните климатски модели, општинските површини и др., но за тоа во некоја следна прилика.

Инаку, програмата CORINE е отпочната уште во 1985 година по предлог на Европската Комисија. Оваа програма содржи проект за собирање, координирање и обезбедување на постојани информации за состојбата на животната средина и природните ресурси во Европската Унија и придружните членки. Кратенката CORINE означува кординација на информациите за животната средина (COoRdination of INformation on the Environment) и претставува проект кој обработува многу прашања поврзани со животната средина. Базите со податоци и проектите поврзани со CORINE се под надлежност на Европска Агенција за Животна Средина (ЕЕА-European Environmental Agency). Една од тие програми е и програмата CORINE  LandCover која претставува инвентар на покриеноста на земјиштето. Оваа програма обезбедува хомогенизирани и унифицирани информации и се во облик кој овозможува периодично ажурирање. За да може ова да се постигне, дефинирани се три елементи на европско ниво и тоа: размер на картирање – 1:100 000, единица површина – 25 ha, и единствена номенклатура – три нивоа со вкупно 44 класи.

Според тоа, најновиот CORINE Land Cover модел за 2012 година е одличен продукт, со многу подобрен квалитет и опфат во однос на претходните модели. Допрва останува да се извршат бројни анализи и проверки на моделот за подрачјето на Македонија, меѓутоа, користа за државата секако ќе биде огромна. Всушност, заради проценетата корист, веќе се поставуваат основите на следниот CLC модел кој ќе почне да се работи од следната, 2016 година, а ќе се заврши до 2020 година.

Линк до податоците: http://land.copernicus.eu/pan-european/corine-land-cover/clc-2012

Повеќе за Corine Land Cover на Игео.

 

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

 

Оваа статија е прочитана 2163 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger