Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Голем, но нерамномерен скок на интернет понудата на сместувачки објекти во Македонија!

Голем, но нерамномерен скок на интернет понудата на сместувачки објекти во Македонија!

30.08.2015

booking-2015Последните податоци, заклучно со 31 август 2015 година, покажуваат голем скок во застапеноста на сместувачки објекти во Македонија на светски познатите туристички портали, во однос на претходните години. Така, мега познатиот портал Booking.com, нуди 745 сместувачки објекти во Македонија, што е скок за цели 250 објекти во однос на истот период од ланската година. На се попопуларниот Airbnb веќе има околу 1100 сместувачки објекти во понудата за Македонија или близу 400 повеќе од ланската година. Нешто послаба е состојбата со expedia.com каде има само 97 сместувачки објекти во Македонија, но и тука скокот е за 25 објекти во однос на минатата година.

Сепак, без оглед на скокот на понудата, загрижува изразито нерамномерната просторна застапеност на сместувачки објекти. Така, на репрезентативниот Booking.com, само во градовите Охрид и Скопје се нудат 540 објекти за сместување (хотели, вили, апартмани) што е дури 72% од вкупната понуда (340 објекти во Охрид и 200 во Скопје). Всушност, Охридскиот регион (Охрид, Струга и околните населби) и градот Скопје заедно нудат 625 објекти што е 84% од вкупната понуда во Македонија. Останатите 120 објекти се распоредени во Битола (27 објекти), Дојран (значителен скок од 4 на 14 објекти), Маврово (8 објекти), Гевгелија, Тетово и Берово со по 7 објекти, Струмица, Велес и Кавадарци по 4 објекти, Прилеп и Дебар по 3 објекти, а сите останати општини со по 1-2 објекти. За жал, има многу атрактивни општини во кои нема ниту еден сместувачки објект во понудата на Booking.com, Аirbnb или другите портали. Такви се: Крива Паланка, Пробиштип, Делчево, Македонска Каменица, Карбинци, Чашка, Македонски Брод, Св. Николе, Липково и други. Впечатливо е и тоа што во зимско-спортските и планински центри, понудата на објекти е незначителна – само 33 објекти или 4% од вкупната понуда во Македонија. Тоа значи дека зимско-спортските и планинско-рекреативни центри, немаат речиси никаква сериозна сместувачка понуда. За споредба, Банско во Бугарија, само на Booking.com нуди 372 објекти, повеќе дури и од Охрид или Скопје. Исто така, некои поголеми градови во Македонија имаат незначителна понуда за сместување. Градот Куманово иако е трет по големина во нашата држава, нема ниту еден сместувачки објект на познатите портали (всушност и онака воопшто нема солиден сместувачки објект), што е вистински апсурд. Слично е со Делчево, Крива Паланка, Македонски Брод, Св. Николе, Пехчево и Македонска Каменица.

По региони, најмалку објекти на порталите има во Североисточниот регион – само 4, што е вистинска штета со оглед на големината, атрактивноста и бројот на население во овој регион. Нешто повеќе објекти има во Вардарскиот регион, 10, од кои три со оценка над 8 и ниту еден над 9. Источниот регион, вкупно 17, од кои 2 со оценка над 9, но и тоа е премала бројка за овој голем простор. Речиси иста е бројната состојба со Полошкиот регион. Југоисточниот регион нуди 29 објекти, од кои 3 со оценка над 9. Пелагонискиот регион нуди 46 сместувачки објекти, од кои дури 11 со оценка над 9 (сите во Битола и околината). За Југозападниот и Скопскиот регион веќе беше споменато претходно. Значи регионалната распределба на сместувачки објекти, по квантитет и квалитет е изразито нерамномерна. Наведеното покажува дека во идниот период мора да се зголеми диверзификацијата на понудата и на сместувачките објекти, како во реална смисла, така и на интернет порталите.

Следна интересна одлика е што во последната година се зголемува бројот на објекти кои добиваат високи оценки од туристите. Во Охридско, дури 205 сместувачки објекти имаат оценка над 8 (на скала од 0 до 10), а во Скопје, такви се 155 објекти. Во цела Македонија, вкупно 402 објекти имаат оценка над 8, а од нив 162 се со оценка над 9. Загрижува што од тој број (162 објекти), дури 143 се во Охридскиот регион и во градот Скопје, или само 19 објекти надвор од овие места имаат многу висока оценка. Всушност, во останатите делови на Македонија, оценките на Booking.com и Airbnb се просечно 6,3 до 6,8 што е доста ниско (во Охрид и Скопје, просекот е 8,4). Овој податок покажува дека квалитетот на услугата, објектите, хигиената, понудата, односот кон туристите и др., во внатрешноста на Македонија треба значително да се подигне. Без тоа, не помагаат никакви природни, културни или било какви други атракции со кои изобилува нашата држава. Интересно е што има дури 56 објекти со оценка 9,5 и повисока, но од тој број, само 7 се надвор од Охрид и од Скопје.

Овој тренд на зголемување на домашната сместувачка понуда на светските туристички и букинг портали, со сигурност ќе расне понатаму. Меѓутоа, доколку нешто не се смени во регионалните пристапи, стратегии и мерки, со сигурност ќе се продлабочи нерамномерноста во понудата на Охридскиот и Скопскиот регион од една страна и останатите делови на државата од друга (градови, зимско-спортски и планински центри…). Тоа пак ќе услови недоволен и нерамномерен развој на туризмот, како и ефектите од него, кои се добредојдени посебно за слаборазвиените подрачја.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2560 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger