Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Голема веројатност за појава на разорно цунами во Средоземно Море до крајот на овој век!

Голема веројатност за појава на разорно цунами во Средоземно Море до крајот на овој век!

31.08.2015

tsunamiЦунамито обично се појавува и предизвикува катастрофи на отворен океан или широко отворени мориња. Сепак, според податоците, релативно голем број на цунами се забележани и во Средоземно Море, иако истото е добро „заградено“ од Атланскиот Океан. Во Средоземјето, просечно се случуваат 3-4 цунами во еден век. Најголем дел од нив се мали појави со бранови високи 3-5 м, без поголеми штети. Меѓутоа, забележани се и многу поголеми, катастрофални цунами, кои се појавуваат на 100-200 години, обично како последица на разорни земјотреси и вулкански ерупции. Така, последното разорно цунами било во 1908 година за време на 7,1 степен разорниот земјотрес во Месина (Италија). Според проценките, од цунамито високо 12 метри, животот го загубиле помеѓу 10.000 и 70.000 луѓе на градовите Месина на Сицилија и Реџо на Калабрија. Вкупниот број на жртви од цунамито и земјотресот се искачил на дури 123.000, а градовите станале пустош. Уште поразорно било цунамито кое се појавило како последица на огромната вулканска ерупција на островот Санторини пред околу 3500 години. При тоа се создал бран висок и до 50 метри, кој предизвикал уништување на крајбрежните цивилизации, како што била она на Минојците. Уште неколку огромни цунами (високи 10-30 м) биле предизвикани од вулканите Етна и Везув.

Причините за појава на цунами се честите, понекогаш многу силни земјотреси и вулкански ерупции на дното или на бреговите на Средоземно Море и големата водена маса во морето.  Директна причина пак е што точно на Средоземјето, тектонски се судираат двата големи континенти: Европскиот и Африканскиот (кој се движи кон север со брзина од 2-3 см годишно).

Имајќи го сето претходно во предвид, една нова студија објавена во списанието Ocean Science, укажува дека дури и земјотрес со средна јачина (6,5-7,5 степени по Рихтер) во источниот Медитеран, би можел да создаде цунами кое ќе има потенцијал да загрози околу 130 милиони жители кои живеат долж крајбрежната линија. За тоа колку би било разорно цунамито, ќе влијаат неговата големина (височина на водениот бран), локација и правец на протегање. Опасно медитеранско цунами би било повисоко од 5 метри и покренато од подводен или крајбрежен земјотрес поголем од 6,5 степени по Рихтер (иако не секој земјотрес предизвикува цунами). Ризикот е уште поголем поради фактот што Медитеранот е главно тесен, разгранет и затворен, што значи дека цунамито може да достигне и да зафати голема брегова линија. Исто така, бранот ќе се движи брзо, што би значело дека нема да има доволно време за предупредување и евакуација. Економските влијанија исто така би биле значајни, бидејќи Средоземјето е дом на многу индустриски центри и пристаништа.

Значајно е да се напомене дека за среќа, Македонија во никој случај не би можела да биде погодена директно од цунами. Тоа од причина што најниската точка во нашата држава лежи на 44 м надморска височина, а оддалеченоста од морето е дури 70 км. Сепак, индирекните штети би биле огромни и би имале силен ефект врз државата.

Повеќе информации поврзани со опасноста од земјотреси и вулкани во опкружувањето.

Извор: http://www.24sata.hr; https://en.wikipedia.org/wiki/1908_Messina_earthquake;

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3109 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger