Во среда, на 23 септември, започнува есента!

20.09.2015

esenПо доста топлото и релативно сушно лето, во среда, на 23 септември, во 10 часот и 21 минута по средноевропско време, на северната хемисфера започнува есента. Тој ден воедно е познат како есенска рамноденица, односно денот и ноќта траат подеднакво (еквиноциум). Всушност поради влијанието на атмосферата и прекршувањето на сончевите зраци низ неа, денот ќе трае за околу 7 минути подолго (вистинската рамноденица со по точно 12 часа ќе биде во петокот). Во исто време кога кај нас почнува есента, на јужната хемисфера започнува пролетта, а овој ден се нарекува пролетна рамноденица.

Астрономски, во средата, Сонцето ќе излезе околу 6 часот и 23 минути точно на исток, а ќе зајде околу 18 часот и 30 минути точно на запад. Оддалеченоста на Земјата од Сонцето ќе биде околу 149,5 милиони км (близу просечната вредност), а брзината на Земјата околу Сонцето ќе изнесува 29,8 км/сек.

Есента ќе заврши на 22 декември во 5 часот и 48 минути. Тогаш на северната полутопка почнува зимата и овој ден е познат како зимски солстициум или зимска краткоденица. Значи од средата, до 22 декември, ноќта постепено ќе се зголемува (секој ден по околу 2 минути) достигнувајќи 15 часа, а денот ќе се намали на само 9 часа. Во исто време, додека на северната хемисвера почнува есента, на јужната пак започнува пролетта и таму ноќите ќе стануваат пократки од деновите исто така до 21 декември.
Инаку оваа лето ќе остане запаметено како едно од потоплите и доста сушни, не само во Македонија туку и на целиот Балкански Полуостров. Иако максималните температури само неколку пати се искачија над 40 степени, вредностите беа постојано високи, најчесто помеѓу 30 и 40 степени. Првичните податоци покажуваат дека ова лето има меѓу највисоки температурни суми во Македонија откога се вршат мерењата. Поради силниот глобален ефект на метеоролошкиот феномен Ел Нињо, се очекува и есента, па и зимата да бидат значително потопли од просечното. Деталните регионални прогнози, укажуваат дека на Балканскиот Полуостров, се очекува потопла, но и повлажна есен, со зачестени појави на невреме и поројни врнежи.
Како и да е, следните 3 месеци може да уживаме во пријатните и нешто посвежи есенски денови.

Податоци за прогноза: www.accuweather.com, www.stirimeteo.com

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6534 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.