Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » За претстојната супермесечина и нејзиното затемнување – кога и како ќе се гледаат од Македонија?

За претстојната супермесечина и нејзиното затемнување – кога и како ќе се гледаат од Македонија?

25.09.2015

Ноќта помеѓу недела и понеделник (27/28.09), ќе бидеме сведоци на ретка и интересна појава: затемнување на супермесечина. Затемнување на Месечината и појава на супермесечина се релативно чести – секоја година барем по еднаш. Меѓутоа едновремена супермесечина и нејзино затемнување се јавува многу поретко: еднаш на 15-40 години. Така, последен пат вакво нешто се случило уште во 1982 година и оние помлади од 32 години за прв пат ќе имаат можност да видат ваква појава.

Како ќе се одвива овој феномен? Првин во недела вечерта околу 18 часот, на источната страна на небото ќе се појави полна Месечина, која до 19-20 часот ќе ни се чини особено голема (речиси двојно поголема од вообичаено). Причината, освен малата оддалеченост од Земјата во овој период (само 362 000 км во однос на просечните 385 000 км) е ниската положба на хоризонтот и големото прекршување на светлината низ атмосферата при што се создава ефект на леќа. Од 20 часот, до 05 часот рано наутро во понеделникот, ќе се гледа „стандардна“ супермесечина, која ќе ни изгледа за околу 14% поголема од нормална полна Месечина. Помеѓу 05 и 06 часот, Месечината повторно ќе „нарасне“ заради ниската положба при нејзиното заоѓање на западниот хоризонт. Значи супермесечината ќе може да се гледа цели 12 часа. Затемнувањето пак ќе трае само два часа и од Македонија ќе биде видливо помеѓу 03.30 и 05.30 часот (рано наутро во понеделникот). Истото ќе настапи релативно брзо, а без оглед на положбата на Земјата точно помеѓу Сонцето и Месечината, слаба дифузна светлина ќе се пробива до површината на Месечината давајќи и бледо-црвеникава боја (појава на т.н. „Крвава Месечина“). За разлика од целосното затемнување на Сонцето кое е сосема кратко (2-3 минути) и во тесен појас, затемнувањето на Месечината ќе може да се гледа речиси од целата Земјина топка и тоа како што рековме, нешто повеќе од два часа. Особено интересен момент ќе биде почетокот на затемнувањето (03.15 – 04.10 часот), кога ќе може да се види како сенката од Земјата постепено ја прекрива Месечината (оваа фаза уште во античко време била доказ дека Земјата е топчеста). За квалитетно да се фотографира појавата, доволен е солиден фотоапарат со зголемување од барем 5-10 пати (оптимално зголемување е 20-30 пати), чиста позиција отворена кон југ и секако ведро време. Фотографиите ќе изгледаат како да се снимени со филтер во црвеникаво-портокалова боја, а посебно интересни ќе се оние од почетокот на затемнувањето.

Покрај за љубителите на ноќното небо, оваа затемнување на супер-Месечина, особено ќе биде интересна за астрономите и научниците. Имено, еден месечев ден трае 24 наши дена, при што ротирајки, температурата на површината на Месечината се менува во зависност од осветленоста од Сонцето. Така, на светлата полутопка таа изнесува 120 степени, а на темната е -115 степени Целзиусови. Бидејќи Месечината нема атмосфера, разликата во температурата е нагла, но поради бавната ротација, тој појас на контраст, сосема постепено се поместува. При затемнувањето помеѓу неделата и понеделникот, со разни инструменти ќе може да се следи како реагира материјалот на површината од Месечината, на наглата промена на осветленоста т.е. температурата. Со тоа се очекуваат нови податоци за разликите во составот на карпите, анализа на евентуални подрачја со сув мраз и слични корисни информации.

Треба да се спомене дека во многу традиционални, па дури и современи култури, затемнувањето на Месечината е поврзано со мистични верувања, преданија и легенди. Така, некои племиња во Африка веруваат дека за време на затемнување, Месечината ја напаѓаат опасни животни, поради што станува крвава. Инките пак сметале дека ја напаѓа јагуар. Некои племиња во Индонезија стрелале со запалени стрели кон Месечината за повторно да се „запали“. Во многу делови од светот и до денес останало верувањето дека затемнувањето на Месечината носи несреќа, потоа дека излегуваат „зли сили“, дека влијае на однесувањето на луѓето и многу други.

Како и да е, останува да се надеваме на колку-толку ведро време (се очекува променливо облачно, со можни слаби врнежи) и убави фотографии, особено ако се има во предвид дека следната ваква појава ќе биде дури во 2033 година!

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3410 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger