Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Откриена моментално најдалечната џуџеста планета во Сончевиот систем

Откриена моментално најдалечната џуџеста планета во Сончевиот систем

18.11.2015

Минатиот месец, американските астрономи открија нова џуџеста планета во нашиот Сончев систем, која засега има само кодно име V774104 (се очекува набрзо да и се додели поинвентивно име). Се наоѓа на огромна оддалеченост од Сонцето: 15,5 милијарди километри или дури 3 пати подалеку од Плутон. Откриена е случајно со користење на огромниот 8-метарски Субару телескоп на Хаваите. Според првичните анализи, оваа мини-планета е со пречник од околу 700-800 км, а со оглед на оддалеченоста, веројатно е „длабоко замрзната“ со површинска температура од -250 степени. Исто така се претпоставува дека едно кружење (револуција) околу Сонцето прави за фантастични 600 до 1000 години! Сепак, за одредување на точната патека на новата планета, ќе биде потребна барем една година детални астрономски набљудувања. Инаку, до последното откритие, најдалечни познати џуџести планети беа Ерис и Седна на просечни 12 милијарди км од Сонцето. Двете споменати планети имаат изразито елиптични орбити, а таква веројатно е и патеката на новооткриената планета. Така, Седна во перихел е на „само“ 11 милијарди км од Сонцето, а во афел на извонредни 150 милијарди км. Од таа оддалеченост, Сонцето би изгледало само како нешто посјајна ѕвезда на небото. За колкава оддалеченост станува збор, доволно е да се каже дека вселенската сонда Војаџер 1, која патува речиси 40 години кон надворешниот дел на Сончевиот систем (од лансирањето во 1977 година) и тоа со брзина од 22 км во секунда, моментално е на оддалеченост од 20 милијарди км.

Новата џуџеста планета V774104 снимена со огромниот Субару телескопот на Хаваите, при максимално зголемување.

Новооткриената џуџеста планета уште повеќе ги помести нашите сфаќања за големината на Сончевиот систем. До пред 30-тина години се сметаше дека крајна граница е планетата Плутон оддалечена од Сонцето до 6 милијарди км. Во почетокот на овој век, границите се поместија на околу 10-15 милијарди км. Денес веќе стана проблем да се дефинира што треба да се земе како граница, бидејќи последните откриени џуџести планети, во афел се на оддалеченост од 100 до 150 милијарди км. Се очекува дека во иднина ќе се откријат можеби десетици нови џуџести планети на самиот раб на Сончевиот систем, во надворешниот Кајперов појас па дури и Ортовиот облак – „изворот на комети“. Изразито елиптичните патеки пак, веројатно се поради слабата гравитација од Сонцето на тие растојанија, влијанието на Нептун како голема и тешка планета, а можеби дури и поради влијанието на соседните ѕвезди. Овие најдалечни објекти во нашиот Сончев систем даваат одредени објаснувања за неговото формирање, а може да послужат и како базни станици за меѓуѕвездени патувања (се очекува први вакви патувања да има за најмалку 300-400 години).

За да дознаете повеќе за џуџестите планети, видете овде.

Извор: www.universetoday.com/123397/new-dwarf-planet-is-most-distant-object-yet-observed-in-our-solar-system/

 

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3356 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger