Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Публикувана првата детална почвена карта на Македонија, во печатен и дигитален формат!

Публикувана првата детална почвена карта на Македонија, во печатен и дигитален формат!

22.11.2015

Clipboard12По интензивна повеќегодишна работа, деновиве беше промовирана првата детална почвена карта на Република Македонија во размер 1 : 50 000. Станува збор за 61 секција која ги опфаќа сите подрачја на државата, како и една прегледна ѕидна карта во размер 1 : 200 000. Воедно, покрај картите, воспоставен е и ГИС портал за почвите во Република Македонија, со навистина голем број на содржини. Картите и ГИС порталот се дел од големиот проект за создавање на софистициран Македонски почвен информативен систем (МАПИС) кој е финансиран од страна на ФАО, а помогнат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. По повод завршетокот на проектот, на 20.11.2015 година, во свечената сала на министерството, во присуство на Министерот Михаил Цветков, учесниците во проектот, претставникот на ФАО Роналд Варгас и заинтересираните страни, се одржа свечена промоција на резултатите. Притоа се нагласи огромната важност на изработените карти во печатена и дигитална верзија, кои ќе бидат основа за неопходното агроеколошко реонирање на Македонија, но и за многу други активности поврзани со користењето на почвените ресурси.

Clipboard01

 

Инаку, основата за изготвување на картите е создавана со децениската работа на повеќе генерации педолози кои ги истражуваа почвите во Македонија. Целата работа се состоеше од повеќе фази, а некои од нив беа навистина доста сложени. Првин е извршено собирање на сите расположиви почвени работни карти од разни истражувања, како и податоци за неколку илјади почвени проби и профили. Потоа е изведено склопување, составување, референцирање на работните карти и дигитализација на педолошката содржина од нив. Понатаму е направена солидна топографска подлога преку која е ставена почвената содржина, составена е соодветна легенда со дополнителни картографски елементи. Сето тоа е внесено во ArcGIS софтвер, а со посебна помош и поддршка на фирмата ГИСДАТА од Скопје, содржините беа поставени на соодветна ГИС-веб платформа целосно достапна за јавноста. Во меѓувреме, од експертите-педолози беа изработени 10 толкувачи за исто толку групи на карти и еден толкувач за цела Македонија. Печатењето на хартиените верзии на картите и толкувачите го изврши фирмата Тримакс картографија од Скопје.

Како што беше претходно нагласено, содржините на печатените и дигиталните карти се резултат на истражувања на повеќе генерации педолози. Самиот проектен тим го сочинуваа 10 клучни експерти, експерти и 3 стручни помошници и тоа:

  • проф. д-р Јосиф Митриќески од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, како клучен експерт – педолог и раководител,
  • проф. д-р Душко Мукаетов од Земјоделскиот институт во Скопје, како клучен експерт за почви и ГИС,
  • проф. д-р Ивица Милевски од Институт за географија при ПМФ, како клучен експерт за ГИС и дигитално картирање,
  • академик проф. д-р Ѓорѓи Филиповски, како доајен и врвен експерт во областа на педологијата во Република Македонија,
  • проф. д-р Диме Петковски, од Земјоделскиот институт во Скопје, експерт за почви,
  • проф. д-р Марјан Андреевски, од Земјоделскиот институт во Скопје, експерт за почви,
  • проф. д-р Коле Василевски, од Шумарски факултет во Скопје, експерт во областа на почвите,
  • проф. д-р Татјана Миткова, од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, експерт за почви,
  • доц. д-р Миле Маркоски, од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, експерт за почви,
  • доц. д-р Свемир Горин од Институт за географија при ПМФ, како експерт за ГИС,
  • м-р. Тијана Секуловска-Симоновиќ, стручен соработник за ГИС,
  • дипл. геогр. Милена Маневска, стручен соработник за ГИС,
  • м-р. Божин Трендафилов, стручен соработник за ГИС.

Clipboard01

Добиените почвени карти и ГИС порталот (како дел од МАПИС) е само почетна основа, бидејќи овој систем треба постојано да се надополнува и ажурира со нови податоци, за да биде актуелен. Според претставникот од ФАО, дури и во сегашната „почетна“ форма, истиот е меѓу најсофистицираните во Европа и нуди огромен број на информации. Така, на порталот има разни леери-слоеви поврзани со својствата на почвите, административните граници, ортофото снимки, 3Д релјефна основа, состојба со ерозијата, мерење на растојанија, површини, пребарувања и сл.

До МАПИС порталот, можете слободно да пристапите на следниот линк.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

 

 

Оваа статија е прочитана 3747 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Еден одговор на "Публикувана првата детална почвена карта на Македонија, во печатен и дигитален формат!"

  1. Димитар says:

    Браво за целиот тим, огромна и одлична работа! Дали може некаде да се набави печатената карта?

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger