Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Отворено... » Зошто воздухот во Скопје е толку загаден? Има ли решение?

Зошто воздухот во Скопје е толку загаден? Има ли решение?

13.12.2015

skopjeРечиси секоја година, загаденоста на воздухот во Скопје е се поголема, а последиците поизразени и потешки. Зошто е тоа така?

Причините за високата аерозагаденост се главно во две нешта: природната предиспонираност и човековите влијанија. Според природните услови, поставеноста и положбата, Скопската Котлина има добар „еко-капацитет“ за град со најмногу 150.000 до 200.000 жители. А Скопје веќе во 1960-тите години нагло и драстично го надмина тој број и достигна половина милион жители.
Поради положбата на градот во релативно малата Скопска котлина, која од три страни е заградена со средно високи и високи планини, во зимскиот дел од годината се чести периодите (деновите) без ветер. Кога има ветер, тоа најчесто е Вардарецот, кој дува од северозапад кон југоисток и обратно, односно по долината на реката Вардар. Одредено влијание врз правецот на ветерот има и долината на Лепенец кон север, условувајќи продор на северен до северозападен ветер. Другите ветрови имаат мала честина и јачина и се со помало значење за природното проветрување на градот. За жал, некои поголеми згради, објекти и фабрики во Скопје се изградени токму попречно на правецот на главниот ветер, драстично намалувајќи го неговиот „пречистителен“ ефект во приземниот слој до височина од 50 м. Такви се железничката станица, градскиот ѕид и повеќе други, кои се поставени во правец север-југ или североисток-југозапад. Со тоа, периодот и изразеноста на тишините се уште покарактеристични. Во зимскиот дел од годината, ваквите појави предизвикуваат „заезерување“ на студени и тешки воздушни маси во приземниот и низок атмосферски слој, во делот на најгустата населеност. Едновремено, големата концентрација и циркулација на возила во централното, ниско подрачје, доведува до долготрајно задржување на издувните материи (чад, прашина, гасови) и нивно кумулативно таложење на сите предмети, објекти, растенија, животни и секако човекот. Покрај ветерот, значајно прочистувачко влијание во атмосферата имаат и врнежите. Меѓутоа, во Скопската Котлина во зимските месеци (па и воопшто во текот на целата година) има малку врнежи. Така, според податоците за просекот од 1961-1990 година, во месец декември просечно има 47 мм врнежи, во јануари 42 мм, а во февруари само 35 мм врнежи. Со промените на климата, овие количества на зимски врнежи, во последните 10-20 години се уште помали.
Следно и многу значајно е влијанието на човекот, особено преку сообраќајот. Тоа е изразено преку следното:

  • Голен, но изразито застарен возен парк со ниски екостандарди,
  • Слаба пропулзивност на сообраќајниците,
  • Немање на електрични и други видови еколошки возила за јавен превоз,
  • Отсуство на подземни и алтернативни надземни сообраќајници,
  • Недостаток на безбедни велосипедски стази и подземни пешачки премини,
  • Немање на навика и безбедни можности за користење на велосипеди,
  • Монотониот (еднороден), бавен и нееколошки јавен транспорт,
  • Концентрација на сообраќајните пикови во десетина точки (раскрсници),
  • Нефункционирањето на семафорските броила (според повеќе истражувања истите го намалуваат загадувањето од сообраќајот за 10-15%),
  • Слаба застапеност на улично зеленило и дрвореди кои значително ги апсорбираат штетните материи,
  • Слаба сообраќајна култура и форсирање на индивидуален превоз по секоја цена,
  • Непочитување на сообраќајните правила, дозволени места за престројување, паркирање и др.,
  • Несинхронизираната светлосна сигнализација со слабата проточност и многу други фактори.

SkopjeСпоред разни сознанија и анализи, во зимските шпицеви, од возилата во Скопје дневно се исфрла преку 300 тони јаглерод диоксид, потоа неколку тони отровен јаглерод моноксид, азотни оксиди, озон, големо количество опасен чад и други штетни материи. Освен сообраќајот, значително е загадувањето од неколку поголеми индустриски објекти во градот, кои се наоѓаат токму на правецот на главните ветрови. Секако, во одредена мерка загадувањето на атмосферата е и од традиционалното греење на дрва и јаглен, особено во некои населби каде сеуште нема или слабо се користи парно греење. Во содејство со водена пареа, сублимирани водени капки и други супстанци во атмосферата, за магливо и тмурно време, кога обично има висок воздушен притисок, наведените штетни материи лесно се апсорбираат и навлегуваат во организмот. Колку е подолга изложеноста, толку неповолните влијанија по здравјето се поизразени. А токму минатата година чести беа периодите со неколкукратно повисоки вредности на некои полутанти во атмосферата над максимално дозволената или толерантна концентрација. Дури имаше периоди кога во европски рамки па и пошироко, слабо развиеното Скопје беше меѓу најзагадените градови, многу позагадено и од некои супериндустриски градски центри.

Со оглед на тоа што во блиска иднина се очекува зголемување на фрекфенциите на тишините или периодите со денови без ветер, проблемите со аерозагадувањето на Скопје и останатите котлински градови во Македонија, ќе бидат се поизразени. Затоа се неопходни серија на мерки за подобрување на состојбите. Тие мерки произлегуваат од претходно споменатите причини за високо загадување од сообраќајот. Покрај останатото, неопходна е изградба на кружни текови секаде каде што е можно, подигање на заштитни улични дрвореди, повторно активирање на семафорските броила, стимулација за набавка и користење на еко-возила (електрични индивидуални и јавни возила и скутери) и возила со високи еко-стандарди (Еуро 5 и Еуро 6), изградба на подземни пешачки премини (заради помал застој на возилата), изградба на брза електро-линија (трамвај, брза железница) во правец запад-исток, запирање на изградба на високи напречни објекти во подножјето на Водно (заради непречен продор на планински воздух), запирање на изградба на високи трансферзални објекти во градот во правец попречен на Вардарецот, стимулација на користење на јавен превоз (преку неограничени дневни, повеќедневни, групни и седмични карти), воведување на зони само за јавен превоз и велосипеди, стимулација и субвенции за електро-такси превоз и возила, забрана за сообраќај на возила со прекумерно ниво на издувни гасови, драстично зголемување на градското зеленило во централните делови, стимулација и субвенционирање на еколошко греење (наместо фосилно гориво), користење на зелена енергија и др.

Добра препорака е барем неколку часа неделно да се излезе надвор од градот, на поголема височина и на почист воздух. Спротивно на нашите традиционални сфаќања, треба да се знае дека на секои 20-30 метри височина, загаденоста на воздухот е двојно помала, така што повисока катност на живеење значи многу почист воздух. Загаденоста се намалува и со оддалечување од централните сообраќајни јазли, или со приближување со место на живеење до колку е можно погусто пошумени терени.

Алтернативата е зачестена појава на заболувања директно или индиректно поврзани со загадувањето, намалена работоспособност, па дури и намален животен век. Затоа да се надеваме дека час поскоро сепак нешто ќе се преземе… за почисто Скопје, за нас и за нашите деца.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 27094 пати!

Автор:

Од категорија: Отворено...

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger