Овој ноември најтопол на глобално ниво откако се вршат метеоролошките мерења!

20.12.2015

Според податоците на Американската NOAA – National Oceanic and Atmospheric Administration, овој ноември е најтопол откако се вршат стандардизирани метеоролошки мерења, односно од 1880 година. Така, според глобалните податоци од околу 40.000 метеоролошки станици ширум светот, ноември 2015 година бил за еден степен потопол од просекот за истиот месец во XX-тиот век и најтопол во периодот од 1880 до 2015 година. Загрижува што особено топли биле океаните и морињата и тоа за 0,85 степени над просекот. Воедно, Антарктичката мразна површина била за речиси 10% помала од просекот за истиот месец односно мразниот покривач зафаќал дури 0,6 милиони км кв. помалку од вообичаеното.

Во најголем дел од Европа, вклучително и во Македонија (види овде), овој ноември според температурите бил далеку над просекот за истиот месец почнувајќи од првите мерења на стариот континент. Рекордни ноемвриски температури се забележани во северна Германија, Данска, Холандија, делови на Норвешка и др. Единствен регион во Европа каде имало значително пониски температури од просечните за ноември, бил Северен Атлантик, помеѓу Исланд и Гренланд.

Не само што овој ноември е забележан како глобално најтопол во минатите 140 години, туку според очекувањата на NOAA, таква ќе биде целата 2015 година – глобално најтопла откако се вршат мерењата (веројатно и многу подолго, со оглед на тоа што на свеерната хемисфера од XVI до XVIII век е „малото ледено време“).

жешко летоСето погоре наведено покажува дека климата забрзано се менува. Вообичаено, промените на климата се природен, бавен и долготраен процес, но овде станува збор за брзи, краткотрајни и антропогено иницирани промени чии ефекти и последици се недоволно познати. Истите се одразуваат глобално, но и локално. Промените се очигледни и во Македонија (види статија): од нестандардна сезоналност, преку „недефинирани“ годишни времиња, натпросечно топли сезони, краткотрајни, но интензивни врнежи, зачестени периоди без ветер (тишини), намалени врнежи од снег и пократка снежна покривка и сл. За жал, сите прогнози укажуваат дека според положбата, територијата на Македонија ќе биде доста погодена од климатските промени. Некои директни и индиректни последици веќе се доста евидентни (поплави, ерозија, суши, влошен квалитет на почвата, се позагаден воздух заради слаба атмосферска циркулација и др.) иако за тоа малку се говори. Затоа се неопходни најитни мерки почнувајќи од локално кон регионално и глобално ниво, за последиците да бидат колку е можно помалку катастрофални. Во таа насока, секој треба да се запраша дали на идните генерации им оставаме поздрава природа од онаа што ние сме ја затекнале од претходните генерации…

Извори: http://www.ncdc.noaa.gov/sotc/summary-info/global/201511

Податоците потврдуваат: се менува климата во Македонија!

Се менува климата во Македонија?

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3837 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.