Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Наставни » Посета на музеите во Скопје со студенти од Институтот за географија

Посета на музеите во Скопје со студенти од Институтот за географија

27.12.2015

Како дел од наставната програма и реализација на вежбите по предметот Социо-економска географија на Република Македонија, студентите од IV година, наставна насока, под раководство на предметниот наставник, проф. д-р Билјана Апостоловска Тошевска и м-р Марија Љакоска беа во посета на три музеи на територијата на град Скопје.
Посетата на Музејот на Македонската борба за државност и самостојност беше реализирана на 03.12.2015 година. Во 90 минутната обиколка на Музејот, студентите имаа можност детално да се запознаат со историјата на Македонија и македонскиот народ во периодот од крајот на XVIII век, па се до 90-те години на XX век. Во музејската поставка на студентите им беа презентирани 109 восочни фигури и 16 уметнички слики-портрети на најпознати македонски дејци, револуционери и интелектуалци, 80 уметнички слики на кои се претставени сцени со значајни настани од македонското револуционерно минато, макети, карти, оригинални предмети, како документи, фотографии, весници, брошури, албуми, оружје и друго.
На 10.12.2016 година, беше посетен Археолошкиот музеј на Македонија, каде студентите преку различните орудија, оружје, садови, монети, гробници пронајдени на различни археолошки локалитети од скоро сите делови на Македонија, стекнаа познавања за подалечното минато на Македонија, од периодот на старото камено време до Османлискиот период.
Во Музејот на Македонија посетата се одвиваше на 17.12.2015 година.
Во историскиот дел на студентите им беше презентирана духовната, културната и политичката историја на Македонија од османлискиот период до крајот на Втората светска војна, потоа галеријата на икони, каде можеа да видат икони, иконостаси и фрескоживописи од повеќе цркви и манастири низ Македонија. Во Етнолошкиот дел се запознаа со народната архитектура, обичаите, занаетите, музичките инструменти, носиите, накитот, везовите и ткаењата.

muzej

По посетите на музеите, студентите го искажаа своето задоволство од стекнатите знаења со кои се здобија од стручните предавањата кои ги слушнаа во музеите, а кои ќе им бидат од голема корист во совладување на материјалот потребен за полагање на испитот по предметот Социоекономска географија на Република Македонија.

Автор: м-р Марија Љакоска

Објавено од:

Од категорија: Наставни

Leave a Reply

*