Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Нови мисии за откривање на вонземски живот под мразот на сателитот Европа!

Нови мисии за откривање на вонземски живот под мразот на сателитот Европа!

27.12.2015

Јупитеровиот сатетлит Европа од пред 15-тина години се појави како небесно тело во Сончевиот систем каде има значителна веројатност за постоење на биолошки облици на живот под ледената обвивка. Всушност, тогаш се појавија првите докази за огромен резервоар на вода во течна состојба под дебелата мразна кора. Со подоцнежните истражувања произлезе дека самиот океан на Европа би бил идеално живеалиште за одредени видови на бактерии, особено околу хидротермалните отвори на океанското дно слично како и на океанското дно на Земјата. Доколку температурата на океанската вода на Европа е многу ниска, тоа не би дозволило постоење на одреди биолошки процеси, а доколку водата е солена, би егзистирале само организмите од типот halophiles (адаптирани само во солени средини), слично како и на Земјата. Друг релевантен факт е постоењето на водород пероксид на Европа, кој по своето деградирање на вода и кислород, во комбинација со течната вода обезбедува енергетски потенцијал за развиток на некои примитивни форми на живот во средината под ледената покривка. Но сеуште не се пронајдени круцијални докази за некој животен облик со што се наметнува потреба од лансирање сонда за вакви истражувања. Моментално НАСА во соработка на ЕСА работи токму на овој клучен проблем.

Првичните изтражувања околу Европа започуваат со лансирањето на сондата „Pioneer 10„ во 1972 година од страна на НАСА кој орбитирал околу Јупитер и првите пратени 500 фотографии се на одалеченост од 25 милиони км. Во 1973 година, НАСА го лансираа „Pioneer 11“ кој имал за цел да орбитира околу Јупитер и Сатурн и својата мисија ја завршува во 1995 год. Двете сонди користеле инструменти за испитување на космичките зраци, хелиосферата, сончевиот ветар и друго. Првите фотографии од мисиите Пионер во врска со сателитот Европа, имаат доста ниска резолуција во споредба со подоцнежните мисии. Веќе во 1977 година НАСА започнува со програмата „Voyager“ испраќајки ги сондите „Voyager 1“ и „Voyager 2“. Двете сонди во 1979 година доаѓаат во близината на Јупитер каде што испраќаат детални фотографии од ледената прекривка на Европа. Со тоа пред научната јавност се шпекулира информацијата за постоењето на вода на Јупитеровата месечина. Подоцнежната сонда „Galileo“ била лансирана во 1989 година. Таа на Јупитер пристигнала во 1995 год и орбитирала 8 години. Притоа сондата направила совршени снимки за сосавот на атмосферата на Јупитер, прелетувајќи ја Европа и останатите месечини. Од наведените фотографии произлегла тезата за постоење на вода под замрзнатата површина на Европа. Сондата својата мисија ја завршува во 2003 година.

По фотографиите добиени од мисиите „Voyager“ и „Galileo“, научниците поставуваат две теории околу постоењето на океанска вода под замрзнатата прекривка на Европа. Првата поставена теорија на „дебел мраз“ произлегува од многуте испитувања на мразните кратери, кои претставуваат структури со концентрични прстени кои се полнат со свеж мраз. Врз основа на пресметаната топлина генерирана од плимата и осеката предизвикани од Јупитер, се претпоставува дека дебелината на цврстиот мраз изнесува 10 до 30 км, а под него има вода со длабочина од околу 100 км. Тоа е два пати поголема количина од водата на Земјата. Според другата теорија на „тенок мраз“ се претпоставува дека мразната прекривка на Европа има дебелина од најмалку 200 метри до најмногу неколку километри. Таа е во директен контакт со океанската вода која што се наоѓа под неа.

 

Нови планирани мисии на Европа

Колку повеќе се открива за сателитот Европа, толку интересот и љубопитноста се зголемуваат, што е потстерк за нови мисии. Новопланирани мисиии се засноваат на користење на софистицирана опрема со која ќе се истражува евентуалниот вонземски живот во океанската вода под мразот на Европа.
Во јули 2013 година е усвоен концептот за мисијата наречена „Europa Myltiple Flyby Mission“ или позната како „Europa Cliper“, презентирана од страна на JPL и Лабораторијата за применета физика (APL). Веќе во мај 2015 година НАСА образложува кои инструменти би се користеле како опрема во мисијата, а како најбитни наведени се:

  • PIMS(Плазма инструмент на магнетни звуци)
  • ICEMAG (Ентериерска карактеризација на Европа со магнетометар)
  • MISE(Мапирачки спектрометар за Европа),
  • EIS (Спектрометарско трасирање на слики за Европа)
  • REASON (Радар за проценка и звучни бранови за Европа)
  • EL-THEIMS(Мулти-спектраленa термичка обработка на слика на Европа),
  • UVS (Ултравиолетовиспектрограф)
  • SUDA (Инструментот е способен за сигурно идентификување траги од органски и неоргански материи во мразот).
  • MASPEX (Масен спектрометар кој ќе биде способен да детектира вода на површината на прекривката како и вода под неа).

 

Енергијата со која ќе се движи сондата се заснова на соларни панели со плутониум. Секој соларен панел ќе има површина од 18 м кв. и ќе генерира енергија од 150 волти. Се предвидува леталото да биде лансирано во перидот помеѓу 2022-2025 година.
Како дел од идните мисии за истражување на Европа е „Europa Orbiter“. Ова летало нема да врши анализи за вонземскиот живот, туку ќе ги испитува само карактеристиките на водата под замрзнатата обвивка.
Исто така како дел од идните планирани мисии е „Jupiter Ice Moon Explorer“ од страна на ЕСА. Леталото ќе ги истражува сателитите на Јупитер: Европа, Ганимед и Калисто. Леталото ќе изврши детална истрага на ледената покривка на сите три месечини како можни локации за постоење на некакви форми на живот во водата. Од инструментите за истражување ќе користи спектрометар, камери и радари кои продираат длабоко под мразот. Лансирањето ќе се изврши некаде околу 2022 година, а се очекува првин да пристигне на Ганимед во 2030 година.
Со сите овие мисии кои не очекуваат во иднина ни преостанува да видиме дали сме навистина до голем чекор во откривањето на некои видови на живот надвор од нашата планета Земја.

Извори на податоци:

https://en.wikipedia.org/wiki/Europa_Multiple-Flyby_Mission
https://en.wikipedia.org/wiki/Europa_(moon)
http://www.jpl.nasa.gov/missions/europa-mission/

Подготвил: Стефан Радулов, студент на Институтот за географија
Стручна корекција: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3738 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger