Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Новата 2016-та година ќе биде престапна, а февруари ќе има 29 дена! Зошто токму февруари?

Новата 2016-та година ќе биде престапна, а февруари ќе има 29 дена! Зошто токму февруари?

30.12.2015

Година претставува временски период за кој Земјата врши една потполна револуција (кружење) околу Сонцето. Тој временски период изнесува 365 дена 5 часа, 48 минути и 46 секунди или приближно 365,25 дена. Од практични причини, годината е заокружена на 365 дена. Меѓутоа, остатокот од речиси 6-те часа се „насобира“ и во текот на 4 години се добива „вишок“ од 24 часа или цел еден ден. Според Грегоријанскиот календар кој е најмногу користен во светот, тој дополнителен ден се додава на секоја четврта година, па таа наместо 365 има 366 дена и се нарекува престапна година. Според истиот календар, одредено е вишокот од еден ден да се додава на месец февруари, кој наместо 28 ќе има 29 дена. Таква престапна година ќе биде 2016 година, кога февруари ќе има 29 дена. Претходната престапна година беше 2012-та. Всушност, престапни години се оние кои се деливи со 4 и со 400. Затоа на пример, 2000-та година беше престапна, но 2100-та иако е делива со 4, не е делива со 400 па нема да биде престапна година. Наведеното, малку чудно правило е поради одржување на што попрецизен календар.

Зошто токму февруари е избран за престапен месец? Причината била одржување на што е можно пореален датум на пролетна рамноденица до вистинскиот астрономски настан, кој е јасно видлив и забележлив. Бидејќи пролетната рамноденица се случува на 20 или 21 март, утврдено е промените да се случуваат во претходниот месец – февруари. А зошто пак февруари има само 28 или 29 дена? Едноставно затоа што зимата како сезона, поради перихелната положба на Земјата е за 2 дена пократка од останатите годишни времиња. Инаку, по стариот Римски календар, годината почнувала на 1 март (затоа останале имињата на месеците септември, октомври, ноември и декември кои означуваат редни броеви од 7 до 10). На почетокот, сите месеци имале по 28 или 30 дена, но подоцна, поради некои верувања, парните броеви почнале да се сметаат за несреќни. Така, месеците добиле по 29 или 31 ден. По воведување на Јулијанскиот календар, за истиот да биде поточен, некои месеци наместо 29 добиле 30 дена. Се смета дека февруари останал со 28 дена, затоа што декември и јануари, како последен (завршен) и прв (почетен, нов) месец во годината требале да имаат непарен (не-малер) број на денови, а сепак, бројот на деновите во годината да остане точен или 365.

Дури и денес сеуште некаде се одржале верувањата дека престапна година ќе биде несреќна, или дека ќе донесе нешто страшно. Како и да е, многумина ќе имаат ретка можност и задоволство да го прослават својот роденден токму на 29 февруари 2016 година!

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2529 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger